Достапни линкови

Британија на референдум за излез од ЕУ


Британскиот премиер Дејвид Камерон денеска вети дека ќе им даде на Британците директен избор за тоа дали сакаат да останат или да ја напуштат Европската унија. Услов за одржување на референдумот е тој да победи на изборите предвидени за 2015 година.

Со денешниот говор, британскиот премиер Дејвид Камерон им стави крај на шпекулациите за иднината на Британија во Европската унија. Референдумот за тоа би се одржал меѓу 2015 и 2017 година. Камерон изјави дека разочараноста на британската јавност од Европската унија е на највисоко ниво досега.
Време е сите Британци да го кажат нивниот збор. Време е да го поставиме ова европско прашање во британската политика.

„Време е сите Британци да го кажат нивниот збор. Време е да го поставиме ова европско прашање во британската политика“, наведе Камерон, додавајќи дека неговата Конзервативна партија на изборите по две години ќе води кампања за референдум и за повторно преговорање во врска со британското членство во Унијата.

Сепак, дали Камерон воопшто ќе биде во состојба да го одржи најавениот референдум останува нејасно со оглед на тоа што нејасни се и шансите на конзервативците да победат на наредните избори.
Европската унија која ќе излезе од кризата во еврозоната ќе биде сосема поинакво тело. Некои велат дека да се нагласува референдумот е неодговорно, создава несигурност за бизнисот и го става под прашалник британското место во Европската унија. Но, ова прашање веќе постои и тоа нема да исчезне ако го игнорираме

Тие на анкетите се влечат зад опозициската Лабористичка партија, додека владината коалиција на конзервативците со проевропските либералдемократи мака мачи околу болните кратења на јавните трошоци со цел да се намали големиот буџетски дефицит. Токму дефицитот е тоа што најмногу влијае врз расположението на Британците.

Ветувањето на Камерон, според аналитичарите, повеќе личи како задоволување на неговата сопствена партија која и самата е поделена во врска со европското прашање, но ќе ги вознемири и другите членки на Европската унија, како Франција и Германија.

Европските политичари веќе го предупредија Кемарон, бидејќи ја третира Унијата како „мени“ од кое може да ги избира условите за членството на неговата земја. Говорот на Камерон во Лондон исто така претставува разочарување за блискиот сојузник, Соединетите Држави кои порачаа дека сакаат Британија да остане во Европската унија.

Камерон додаде дека преферира Британија, шесттата најголема економија во светот, да остане во Унијата, но исто така стави јасно до знаење дека таа би требало радикално да се реформира.

Според него, новата Унија мора да биде градена на неколку принципи: конкурентност, флексибилност, враќање, а не само одземање на моќта од земјите членки, демократска одговорност и чесност.

Сепак, главна причина зошто Британците сакаат да ги преиспитаат односите со Унијата е должничката криза во еврозоната.

„Европската унија која ќе излезе од кризата во еврозоната ќе биде сосема поинакво тело“, вели Камерон, додавајќи:

„Некои велат дека да се нагласува тоа е неодговорно, создава несигурност за бизнисот и го става под прашалник британското место во Европската унија. Но, ова прашање веќе постои и тоа нема да исчезне ако го игнорираме.“

Говорот на Дејвид Камерон кој беше планиран неколку месеци и требаше да се одржи минатата недела во Холандија, но беше одложен поради заложничката криза во Алжир.

Лидерот на опозициската Лабористичка партија Ед Милибанд го нарече Камерон слаб премиер кој првин се противеше на референдумот, но сега го сака бидејќи ја загубил контролата во неговата партија. Според него, Камерон креира економска нестабилност во Британија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG