Достапни линкови

ЕУ политика на чекор по чекор


Кога лидерите на Европската унија утре ќе се соберат во Брисел на маса ќе ги имаат министерските заклучоци во врска со проширувањето на Унијата. Сепак, главна тема ќе биде средувањето на еврозоната и патот кон банкарска унија. Но, како што оценуваат посматрачите, самитот го загуби предзнакот на итност со кој беше најавуван пред неколку месеци.

Министрите на Европската унија, пред претстојниот самит, се обидоа да ги зајакнат понудите за пристап на Македонија, Србија и Косово, наведувајќи дека Унијата ќе го разгледа отворањето пристапни преговори напролет доколку бидат исполнети потребните реформи и услови.

Дотогаш Европската комисија ќе треба да подготви извештаи за напредокот направен од Скопје, Белград и Приштина по што е можна одлука за отворање на преговорите со Македонија и Србија и за договор за асоцијација со Косово.

Сето ова треба да заврши до 30 јуни догодина, односно на крајот на ирското претседавање во Унијата.

Што се однесува до другите земји кои бараат членство, на евросамитот се очекува да биде потврдено дека Хрватска во идната година ќе стане 28 членка, но со забелешката дека е неопходна дополнителна работа во неколку сфери.
Ние навистина градиме со брзина на светлината. Сепак, сите што очекуваат овој самит да ја испорача Европа во нејзината крајна форма се лажат.

На Турција која, како што стои во министерските заклучоци за самитот, и останува клучен партнер на Унијата се уште и недостига суштински прогрес во исполнувањето на политичките критериуми и на нормални односи со Кипар.

Евролидерите ќе побараат од политичарите во Босна да го откочат застојот на патот кон Унијата и да ја прекинат реториката на поделби во земјата, а ќе ги охрабрат Црна Гора и Исланд да го продолжат нивниот соодветен пат.

Во врска со Албанија од самитот ќе биде испратена порака дека следните избори ќе бидат важен тест за функционирањето на демократските институции во таа земја по што може да смета на кандидатски статус.

Накусо, уште еднаш ќе биде повторено дека проширувањето останува клучна политика на Унијата и оти иако блокот се соочува со предизвици, овој процес ги јакне мирот, демократијата и стабилноста во Европа.

Токму овој самит го имаше знакот на итност што се однесува до финансиските и економските предизвици.

И покрај можниот договор за првите чекори кон неопходната банкарска унија, како например креирањето единствен супервизор одговорен за сите банки во еврозоната, посматрачите деновиве предвидуваат поскромни резултати од најавените.

Тоа тие го базираат врз основа на извештајот што претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј го има подготвено за самитот.

Во документот од 14 страници воопшто не ги спомнува: заеднички обврзници во еврозоната, единствен осигурителен банкарски фонд, нова конвенција за преработка на договорите на ЕУ кои досега постојано беа во речникот на европреговарачите.

„Ние навистина градиме со брзина на светлината. Сепак, сите што очекуваат овој самит да ја испорача Европа во нејзината крајна форма се лажат“ вели еден дипломат во Брисел.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG