Достапни линкови

Г20 за стабилност и развој во светот


Лидерите на Групата 20 најразвиени земји во светот го почнаа состанокот во Лос Кабос, Мексико со нацрт резолуција во која се бара од Европа да ги преземе сите неопходни мерки за зачувување на интегритетот и стабилноста на еврозоната. Лидерите изразуваат посветеност на економскиот развој и создавањето нови работни места.

Нацрт резолуцијата е идентична со ставот на францускиот претседател Франсоа Оланд кој бара мерките за заздравување повеќе да бидат фокусирани врз стимулацијата на развојот отколку врз штедење.
Поттикнувањето на развојот е секогаш важно, но во еврозоната тоа стана итно.

Меѓународниот монетарен фонд вчера издаде соопштение во кое исто така го поддржува менувањето на курсот и поголема посветеност на инцијативите за економски пораст.

„Поттикнувањето на развојот е секогаш важно, но во еврозоната тоа стана итно“, се наведува во извештајот на ММФ во кој се додава дека досега биле ветени над 456 милијарди долари за предложениот антикризен механизам со кој би требало да се подобри способноста на ММФ да им дава финансиска помош на земјите не само во еврозоната.

Тоа е повеќе од планираните околу 430 милијарди долари. Кина вети 43 милијарди, додека Русија и Индија најавија дека во овој ургенетен фонд ќе учествуваат со по 10 милијарди долари.

Претходно на мини самитот на таканаречената БРИКС група на земјите кои брзо се развиваат, а во која спаѓаат Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка беше поддржана иницијативата на ММФ за антикризниот механизам.

Сепак, овие земји прецизираа дека нивната поддршка е базирана врз очекувањата тие да имаа поголема контрола како тие пари би се трошеле.

Пред самитот, американскиот претседател Барак Обама се состана со германскиот канцелар Ангела Меркел.

„Потребните одлуки се тешки, но Европа има капацитет да ги направи и ја има американската поддршка во тоа. Нивниот успех е добар и за нас.“

„Важно е да нагласиме дека креиравме инструменти за поддршка внтаре во еврозоната и Германија е подготвена да ги спроведе.“

Обама и Меркел се согласиле оти се неопходни дополнителни мерки за поголема европска политичка интеграција со цел да се излезе од економската криза.

Портпаролот на Белата Куќа Џим Керни изјави дека Обама бил охрабрен од плановите на европските лидери да ја стабилизираат ситуацијата и да обезбедат развој и нови работни места.

Британскиот премиер Дејвид Камерон, кој патем е еден од главните поддржувачи на мерките за штедење, побара Европа да продолжи да го стега ременот.

„Не се сомневам дека земјите со заедничка валута сакаат поголема интеграција. Тоа јасно и ќе се случи во текот на следните месеци и години.“

Тој исто така предупреди на можни протекционистички трговски мерки, додавајќи дека договорот за слободна трговија меѓу Соединетите држави и Европската унија би можело да обезбеди интензивирање на економските односи во светот.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG