Достапни линкови

logo-print

„Коњаниците од Река“ дојаваа во изложбениот салон на МАНУ


Сликар на македонскиот сликар Невзат Бејтули Кица.

Сликар на македонскиот сликар Невзат Бејтули Кица.

Триесетина слики, масло на платно, тематски вклучени под заедничко име „Коњаниците од Река“, дела на познатиот македонски уметник Невзат Бејтули Кица, од утревечер во 19 часот, ќе бидат претставени во изложбениот салон на Македонската академија на науки и уметности.

Веќе 10 години се занимавам со темата „Човекот и коњот“, но овојпат како новина во циклусот би можел да биде мотивот како посебен сегмент – истакнува во пресрет на отворањето на својата нова изложба во салонот на Македонската академија на науки и уметности познатиот тетовски ликовен уметник Невзат Бејтули Кица.
Сакав едноставно да не се смета само на ликовната култура што ја поседува уметникот туку одев по теркот што всушност сака писателот да каже. Сакам и јас преку моите ликовни решенија да кажам дека поседувам елементи од философското третирање на нештата во животот, односно околу него.

„Сакав едноставно да не се смета само на ликовната култура што ја поседува уметникот туку одев по теркот што всушност сака писателот да каже. Сакам и јас преку моите ликовни решенија да кажам дека поседувам елементи од философското третирање на нештата во животот, односно околу него.“
Македонскиот сликар Невзат Бејтули Кица.

Македонскиот сликар Невзат Бејтули Кица.


Тој на оваа самостојна постановка ќе претстави 31 слика од некаде 40-тината што ги насликал во периодот помеѓу двете изложби и за нив вели дека, во некоја рака, го претставуваат „неговото враќање дома“ по периодот кога твореше под силна фасцинација од „Дервишот и смртта“ на писателот Меша Селимовиќ и философијата во делата на уште еден голем босански уметник – Мерсад Бербер.
Првите пет години се занимавав со целата таа философија околу дервишот и коњот, околу третирање на тој посебен исламски сегмент, но посакав да се вратам во моето поднебје. Токму поради тоа одлучив да се претставам со „Коњаниците од Горна Река“. Јас тој дел, односно тој блок од Македонија го сметам како најгосподски како од страна на луѓето така и во философијата на архитектурата и другите сегменти кои што ја сочинуваат таа целина.

„Првите пет години се занимавав со целата таа философија околу дервишот и коњот, околу третирање на тој посебен исламски сегмент, но посакав да се вратам во моето поднебје. Токму поради тоа одлучив да се претставам со „Коњаниците од Горна Река“. Јас тој дел, односно тој блок од Македонија го сметам како најгосподски како од страна на луѓето така и во философијата на архитектурата и другите сегменти кои што ја сочинуваат таа целина.“

Познат како уметник по впечатливите платна со големи димензии, Кица во случајов се решил покрај останатите различни по величина да претстави и две импозантни носечки слики.

„Едноставно овој проект си ја бара монументалноста. Е, сега колкав е квалитетот на моето ликовно постигнување, на ликовното решение тоа ќе се види утревечер.“

Роден 1962 година во Ѓурѓевиште, Гостиварско, Невзат Бејтули дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, а постдипломски студии завршил во Приштина во класата на професор Реџеп Фери. Досега самостојно се претставувал во САД, Италија и во Македонија, учесник е на голем број семинари и колонии, студиски престојувал во Париз, а за своето творештво добитник е на неколку значајни признанија од кои за издвојување е наградата „Петар Мазев“ за сликарство што ја доделува ДЛУМ.

Кица моментално работи како професор на Факултетот за ликовни уметности при Државниот универзитет во Тетово и за своите студенти, за сликарите кои допрва доаѓаат на домашната ликовна сцена, вели дека ќе им биде тешко во времево во кое живееме, време кога се изгуби теркот на човек-академија во образованието, време на нова комуникација, да си изградат засебност.

„Студентот не е зависен повеќе од еден човек туку од тоа колку е способен да комуницира. Ако јас со своите квалитети се наметнувам веројатно во иднина ќе бидам и нечиј пример во ликовната уметност, но не мора да значи дека тие ќе го следат мојот пример.“

Инаку, Невзат Бејтули Кица верува дека неговиот нов серијал „Коњаниците од Река“ ќе си се здобие и со нов ликовен простор освен во Скопје, но забележува дека во случајов не сакал да се занимава со ништо друго сè до моментот додека не ги види реакциите токму од овдешната културна јавност.

„Отпосле ќе видиме колкав ќе биде интересот за овој проект надвор од Македонија. Секако дека имам такви линкови, но да ги потпричекаме впечатоците од отворањето на изложбата.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG