Достапни линкови

logo-print

Изложба инспириранa од великаните на џезот


Дел од изложбата „Џез“ на Гоце и Владимир Илиевски, млади уметници од Македонија.

Дел од изложбата „Џез“ на Гоце и Владимир Илиевски, млади уметници од Македонија.

„Џез“ е насловена ликовната изложба на браќата Гоце и Владимир Илиевски што ќе биде отворена утревечер во Кинотека на Македонија. Младите уметници, во пресрет на 31 издание на Скопски џез фестивал, ќе ги претстават своите нови дела работени под силно влијание на ликовите на џез великаните, а отворањето на постановката ќе биде збогатено со концерт на пијанистот Симон Киселички.

Потрети на великаните како Мајлс Дејвис, Дизи Гилеспи, Били Холидеј, Нина Симон. Чарли Мингас, Чет Бејкер и други ќе бидат претставени на ликовната изложба насловена како „Џез“ што заеднички ја потпишуваат браќата Гоце и Владимир Илиевски.
Ние и онака сме со сличен дух со брат ми, па така портретите ни се услогласуваат и мислам дека добро се надополнуваат новите портрети на џезерите со оние што ги насликавме пред една година.

Станува збор за постановка што се состои од 40 слики работени во техника масло на платно и создадени под силно влијание на музиката на големите мајстори. Меѓу нив ќе се најдат и неколку од годинешните учесници на Скопскиот џез фестивал како што се саксафонистот Ентони Брекстон, гитаристот Пет Мартино и трубачот Томаш Станко.

Младите уметници велат дека, слушајќи ја својата омилена музика, серијата ја започнале пред една година и дека потем интензивно работеле за да ја заокружат во една целина со која сакале пред почетокот на новото издание на музичката манифестација да и се претстават на публиката.
Лесно стапивме во контакт со Киселички и бидејќи тој е познат наш музичар мислиме дека неговиот перформанс убаво ќе се спои со темата на нашата изложба. Добро ќе звучи и ќе се погодат секакви тонови и ликовни и музички. Во целина ќе биде супер.

Изложба на Гоце и Владимир Илиевски, млади уметници од Македонија.

Изложба на Гоце и Владимир Илиевски, млади уметници од Македонија.


„Ние и онака сме со сличен дух со брат ми, па така портретите ни се услогласуваат и мислам дека добро се надополнуваат новите портрети на џезерите со оние што ги насликавме пред една година“, вели Гоце Илиевски.

Тој дополнува дека портретите се главно црно бели, но како што забележува, има и такви во кои доминираат зеленкастите и сините тонови, та дури и некои со потопли нијанси се' со цел да добијат една суптилна нота и да му дадат блага разлика на колоритот на изложените слики.

Роден 1988 година во Скопје, Гоце Илиевски дипломирал сликарство со насока конзервација на Факултетот за ликовни уметности во класата на професорката Жанета Вангели. Досега има реализирано шест самостојни изложби од кои посебно за издвојување се „Идентитет“ во Куќата-музеј на Робевци во Охрид, „Голи“ во Домот на АРМ кога се случи една од ретките кражби на дело од актуелна постановка кај нас, „Портети“ во МКЦ и особено неговите претставувања во Виена, Австрија.

Една година помладиот Владимир Илиевски сликарството најнапред го изучувал кај професорот Вело Ташовски, потем кај Свето Манев и сега работи под менторство на Благоја Маневски. Работи слики, мозаици, икони и други сликарски техники и учествувал во изработката на фрескописот во црквите Свети Димитрија во Чешиново, Кочанско и во Свети Прохор Пчински во село Срезовце, Кумановско. Учесник на повеќе групни и автор на една самостојна изложба - „Фацизам“ што летово се одржа во Охрид.

Мултимедијалноста на отворањето на постановката „Џез“ на браќата Илиевски во изложбениот салон на Кинотека на Македонија ќе биде постигната и со концертот на пијанистот Симон Киселички, за што Владимир забележува дека притоа убаво ќе се сплотат и ликовните и музичките тонови.

„Лесно стапивме во контакт со Киселички и бидејќи тој е познат наш музичар мислиме дека неговиот перформанс убаво ќе се спои со темата на нашата изложба. Добро ќе звучи и ќе се погодат секакви тонови и ликовни и музички. Во целина ќе биде супер!“

Инаку, младите уметници истакнуваат дека со ова претставување не запира нивниот интерес за сликање на портрети на џез легендите и дека ќе се потрудат овој нивни циклус на слики да им го понудат на организаторите на џез фестивалите во Штип и Кавадарци, а со него не исклучуваат и нови средби со интернационалната ликовна публика.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG