Достапни линкови

Љупчо Самарџиски -Уметноста е како светилник


Македонскиот сликар Љупчо Самарџиски.

Македонскиот сликар Љупчо Самарџиски.

Дваесет ипет дела работени во техника масло на платно, создадени во последниве неколку години, се изложени на новата самостојна постановка на Љупчо Самарџиски, познатиот македонски уметник кој живее и работи на Малта, што до 16 октомври годинава се одржува во Културно-информативниот центар во Скопје.

Соломон Берк, големата легенда на соул музиката и неговата повторна средба со класика „Together We'll Light Up The World“, му биле силна инспирација на музичарот, композитор и сликар Љупчо Самарџиски да се нурне во себе и на платното наново да ја распостели својата огромна љубов кон уметноста. Идејата дека само таа е светилникот што му го осветлува патот во неговиот богат творечки опус и она на што тој се потпира во есента на сопствениот животен век.
Сликарството е идеал на музиката. Кој го чувствува сликарството ја чувствува и музиката. Затоа и на моите слики има апликации од ноти и разни музички симболи. Имам насликано и цели клавири.

„Љубител сум на неговата музика и на начинот на кој тој пееше и случајно, онака седејќи во моето студио на Малта, ми се роди идејата дека токму таа композиција „Together We'll Light Up The World“ може да биде наслов на мојата нова изложба и убава посвета на тој уметник“.

Од таму потпирајќи се на Берковата моќна музика, нејзината снажна поетика, звуковна и литературна, Самарџиски создал дела кои „свират“.

„Сликарството е идеал на музиката. Кој го чувствува сликарството ја чувствува и музиката. Затоа и на моите слики има апликации од ноти и разни музички симболи. Имам насликано и цели клавири“.

Роден 1947 година во Скопје, Љупчо Самарџиски музика студирал и дипломирал во Белград и во Љубљана. Една деценија живеел во Париз, а последниве 15 години е на Малта. Како солист на контрабас настапувал во познатите концертни сали во повеќе земји од Европа, во САД, Канада, Бразил, Мексико и во други земји. Има снимено над 1.200 минути сопствени и композиции од домашни и странски автори што му ги посветувале нему како на инструменталист, а држел и мастер класови на Универзитетот во американскиот град Питзбург.
Од друга страна, мултимедијалниот уметник досега има реализирано над 24 самостојни изложби, а неговите слики се наоѓаат во национални и приватни колекции на Стариот континент и во Северна и Јужна Америка. Член е на повеќе меѓународни асоцијации како ФИАМ при УНЕСКО и добитник е на повеќе награди и признанија.
После мојот концерт во Карнеџи хол почнав полека да се повлекувам бидејќи сметам дека Карнеџи хол е врвот на успех што може да му се случи на еден репродуктивен уметник, а и годините си го прават своето.

За себе, Самарџиски денес вели дека е „музички пензионер“ кој решил својата проштевка со публиката и концертните настапи да ја стори по перформансот во славниот Карнеџи хол.

„После мојот концерт во Карнеџи хол почнав полека да се повлекувам бидејќи сметам дека Карнеџи хол е врвот на успех што може да му се случи на еден репродуктивен уметник, а и годините си го прават своето“.

И, во миговите додека неговата музика го продолжува својот живот на носачите на звук, тој го засилува своето присуство на ликовната сцена. Наскоро неговите слики ќе ги види публиката во Нови Сад, потем во јануари истата постановка ќе патува во Белград, следната станица ќе биде Италија и конечно кругот ќе биде затворен со големата изложба на Малта.

И, кога сме веќе кај оазата од чие небесно синило се напојува, интересно е да се спомне дека Самарџиски и подари своја слика на Фондацијата „Imagine Valeta 2018“ како подршка на главниот град на Малта во кандидатурата за „Европска престолнина на културата“. Сликата како еден од идентитетите на државата е искористена и за корицата на книгата во кандидатурата, а со овој чин уметникот ја почна својата лична подршка на идејата на актерката Мелина Меркури и Жак Ланг (легендарниот француски министер за култура), секоја година да се бира Европска престолнина на културата и притоа тоа да биде град во друга земја.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG