Достапни линкови

Иванка Апостолова со заложба за сериозно стрип-авторство


Дел од стрипот "To Dead-en a Nerve" на македонската стрип уметница Иванка Апостолова.
Дел од стрипот "To Dead-en a Nerve" на македонската стрип уметница Иванка Апостолова.

24 авторки од регионот, меѓу кои и Иванка Апостолова од Македонија, се вклучени во групната изложба „Женски стрип на Балканот“, што од 19 октомври до 10 ноември, се одржува во Музеј на град Скопје.

Магда Дулчиќ Тодоровски, Хелена Клакочар Вукшиќ, Дуња Јанковиќ, Маја Веселиновиќ, Нина Буњевац, Ивана Арманини, Мина Жабникар, Каја Авбершек, Љубица Хајдлер... се само некои од авторките на врвни стрипови чии дела се поместени на изложбата работена според „Антологија на женскиот стрип на Балканот“ на Хрватката Ирена Јукиќ-Прањиќ, која го детектира периодот кога во државите од поранешна Југославија и во Бугарија почнаа да се појавуваат стрип-авторки со самосвоен творечки ракопис и континуитет во создавањето.
Јас многу надежно гледам на овој концепт на женски стрип на Балканот со цел дека ќе инспирира, мотивира посебно меѓу младата генерација на креативни, талентирани луѓе кои се многу поотворени. Ќе ги мотивира на ниво да се бават многу посериозно авторски во рамките на стрипот.
Иванка Апостолова, стрип артист.

„Јас многу надежно гледам на овој концепт на женски стрип на Балканот со цел дека ќе инспирира, мотивира посебно меѓу младата генерација на креативни, талентирани луѓе кои се многу поотворени. Ќе ги мотивира на ниво да се бават многу посериозно авторски во рамките на стрипот“, истакнува Иванка Апостолова, единствената Македонка вклучена со дело во Антологијата и наедно, со Атанас Ботев, ко-куратор на постановката.
Иванка Апостолова.
Иванка Апостолова.

Таа притоа дополнува дека интересни се жените, бидејќи многу помалку се инволвирани во стрипот кај нас, сем, како што вели, неколку кокетирања на визуелни уметнички кои по извесен период му се враќаат на својот природен медиум. Како позитивни примери ги посочува девојчињата што учат стрип во рамките на работилниците на групата „Мак-стрип“ по средните училишта и работилниците за деца и млади на „Стрип-центарот“ во Велес.
Не е доволно работите да се сведуваат само на потенцијал. Потенцијалот треба да се дефинира, да се развива. Да навлезе на ниво на континуитет. Да се случат решија кои што ќе станат епизоди, серии, програма кон сериозно авторство.
Иванка Апостолова, стрип артист.

„Сите ние би сакале да се појават авторки кои ќе почнат да развиваат сериозни прикаски, ќе размислуваат многу сериозно како визуелно, графички да ги решат тие свои стриповски искуства. Многу похрабро, преку интернет, да ги аплицираат своите дела на европско ниво на конкуренција, на најголемите фестивали и таму на лице место да ги побараат издавачите. Постојат проверени матрици само да се јават доволно талентирани луѓе кои сериозно ќе почнат да се сфаќаат себе си во тој домен и ќе научат како на правилен и здрав начин да се самопромовираат. Не ви се потребни локални издавачи, ќе ги барате интернационално.“

Апостолова забележува дека самата како автор на изложбата е присутна со колажниот стрип „To Dead-en a Nerve“ што уредничката на Антологијата Прањиќ го одбрала пред неколку години, но потенцира дека не е доволно да се говори дека во земјава има потенцијал на ова поле туку за неа е важно сериозното авторство.

„Не е доволно работите да се сведуваат само на потенцијал. Потенцијалот треба да се дефинира, да се развива. Да навлезе на ниво на континуитет. Да се случат решија кои што ќе станат епизоди, серии, програма кон сериозно авторство.“

Родена 1973 година во Скопје, Иванака Апостолова е ликовна уметница, илустраторка, авторка на стрипови и дизајнерка. Извесен период живееше и работеше во Љубљана, Словенија, а досега објавувала стрипови во над 20 светски магазини за стрип и цртеж, меѓу кои и во „Стрипбургер“, „Лифт“, „Керозин“, „Контејнер“, „Д магазин“ и „Милк“. Таа е добитничка на признанието за развој и афирмација на македонскиот стрип „Љупчо Филипов“, кое го носи името на прерано починатиот доајен на нашето стрип-творештво, а го доделува Стрип-центарот на Македонија со седиште во Велес.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG