Достапни линкови

logo-print

Денови на комедијата - светла точка за кумановци


Зачмаени во сивото секојдневие, како што велат кумановци, нетрпеливо го дочекуваат меѓународниот фестивал Денови на комедијата и без исклучок се бара билет повеќе.

Октомври традиционално по 15-ти пат е месецот на комедијата за сите љубители на театарот во Куманово. Зачмаени во сивото секојдневие, како што велат кумановци, меѓународниот фестивал Денови на комедијата нетрпеливо го дочекуваат и без исклучоци се бара билет повеќе, особено што на сцената ги гледаат театарските режии и актерските умешности на театрите од другите градови од земјава, но и надвор од неа.
Лично за мене значи разбивање на монотонијата која што ја носи нашиот град и на ете, еден начин на којшто луѓето ќе може да излезат, да се забавуваат со добри претстави од типот на комедијата.

„Лично за мене значи разбивање на монотонијата која што ја носи нашиот град и на ете, еден начин на којшто луѓето ќе може да излезат, да се забавуваат со добри претстави од типот на комедијата.“

„Овој фестивал лично го чувствувам како некоја ведра точка овдека, затоа што театарот во Куманово е веќе мртов. За нас ова е рај зашто имаме можност секој ден да гледаме претстави и тоа десет дена, ден по ден, што овде не се случува често. Овде се прават две до три претстави максимум годишно, што е страшно. Имаме можност да видиме нешто и од страна, како и од нашите градови, од Македонија. Светла точка е, да.“
Кумановската публика е многу строга. Малку аплаудира на крајот од претставите колку и да им се допаѓа.

Освен пофалбите, овие млади луѓе, големи љубители на театарот имаат и свои забелешки:

„Минатата година имаше многу подобра програма, имаше претстави од МНТ, а сега нема. Мислам дека има многу добри комедии од тој театар и треба да има претстава од тој театар од таму од каде што се најдобрите актери, режисери. Не знам зошто е оваа година така.“

Токму затоа и запрашаните кумановци сметаат дека е капка в море да одат на театар еднаш годишно.

„Треба повеќе фестивали да се организираат и тоа не само комедија, туку како што има во Скопје или во другите градови, интернационални или само од нашата држава.“

Кумановската театарска публика многу одамна ја носи етикетата како публика со високи критериуми. За ова, младата актерка Стефанија Зисовска додава:

„Кумановската публика е многу строга. Малку аплаудира на крајот од претставите колку и да им се допаѓа“, па додава:

„И е многу мала публика, се надевам дека луѓето ќе почнат повеќе да доаѓаат во театарот, не само на фестивалот.“

Заедничко за сите е што се забавуваа на претставите на домашните театри и на оние од Србија, Бугарија и Косово. Денови на комедијата е ревијален фестивал, а кумановци во изминатите години барем извесен период ги паметеа и ги кажуваа репликите од по некоја претстава. Веројатно и овој фестивал во сеќавање секому ќе му остави по нешто.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG