Достапни линкови

Гордон - Тешко да се каже дали наскоро ќе се реши спорот за името


Американскиот помошник државен секретар Филип Гордон
Американскиот помошник државен секретар Филип Гордон

Македонија има посебна позиција. За нејзината подготвеност за членство во НАТО веќе има согласност од членките на Алијансата и ние го поддржуваме тоа, изјави помошникот американски државен секретар Филип Гордон во врска со перспективите на земјите на Балканот за зачленување во НАТО.

Американскиот помошник државен секретар задолжен за Европа и Евроазија Филип Гордон кој деновиве престојуваше на Балканот изјави дека вратата на НАТО останува отворена за сите демократски земји во Европа кои ги исполнуваат критериумите и можат да придонесуваат за заедничката безбедност.
Спорот стои на патот на трговијата и инвстирањето и на секојдневните контакти. На Грција и е потребна сета можна економска соработка со нејзините соседи. Македонија ќе има корист од стабилноста и инвестициите. Тоа ќе биде позитивна работа за соработката меѓу различните етнички групи во Македонија.
Американскиот помошник државен секретар Филип Гордон.

„На нив е да решат дали тоа го сакаат. Некои се многу заинтересирани за тоа, некои веќе се членки како Албанија и Хрватска, други се на добар пат како Црна Гора и Босна и Херцеговина. Македонија има единствено место. За нејзината подготвеност за членство во НАТО веќе има согласност од членките на Алијансата и ние го поддржуваме тоа“, изјави Филип Гордон за телевизијата Ал Џезира, додавајќи:

„Но, НАТО членките исто така јасно ставија до знаење дека тоа ќе биде ефектуирано веднаш откако прашањето за името ќе биде решено врз заедничка основа меѓу Грција и Македонија.“

Повторувајќи дека Вашингтон го поддржува тој процес Гордон додава:

„Ние бевме разочарани што тоа не се случи пред самитот во Чикаго. Мислам дека претседателот Обама ќе беше восхитен да и посака добредојде на Македонија во Чикаго. Но, тие не беа во состојба да постигнат согласност за името.“

Гордон смета дека ќе биде тешко со сигурност да се каже дали тоа би се случило наскоро со оглед на тоа како се одвиваше долготрајниот процес и колку тоа беше тешко за двете страни.
Филип Гордон и претседателката на Косово Атифете Јахјага во Приштина.
Филип Гордон и претседателката на Косово Атифете Јахјага во Приштина.

„Би требало да дојде наскоро, но, според нас, не и доволно скоро. За жал постојат пречки и на двете страни. Спорот стои на патот на трговијата и инвстирањето и на секојдневните контакти. На Грција и е потребна сета можна економска соработка со нејзините соседи. Македонија ќе има корист од стабилноста и инвестициите. Тоа ќе биде позитивна работа за соработката меѓу различните етнички групи во Македонија“, вели во интервјуто за Ал Џезира Филип Гордон.

Тој вчера престојуваше во Белград и Приштина каде што ја повтори американската заложба за напредок во договорањето на двете страни со цел да се постигне поголема нормализација на нивните односи. Тој исто така порача дека Вашингтон ќе соработува со секоја српска влада која ќе биде избрана во парламентот. Веднаш по Белград, Филип Гордон во Приштина изјави:

„Имав можност во Белград да ја пренесам американската порака која ќе ја повторам и тука, а таа е дека САД ќе продолжат силно да ги поддржуваат суверенитот и интегритетот на Косово, како и тоа дека каква и да биде новата влада во Белград таа треба да ги спроведува постигнатите спогодби меѓу двете страни“, изјави американскиот помошник државен секретар Филип Гордон наведувајќи уште еднаш дека Вашингтон ги поддржува стремежите на Косово и на Србија за интегрирање во Европската унија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG