Достапни линкови

Орав - Сè што досега беше ветено од патоказот е сторено


Гледам силна посветеност и се надевам дека сите ветувања ќе бидат имплементирани на начин на којшто владата се договори со Европската комисија, вели амбасадорот на ЕУ во Македонија Аиво Орав во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Г-дине Орав, што ќе се случи доколку Македонија до 30 септември не го реши проблемот со името, а хипотетички кажано ги спроведе 150–те задачи што ветува дека ќе ги исполни со патоказот?

Јас навистина се надевам дека спорот со името ќе се реши што е можно поскоро, јас лично ќе бидам многу среќен и знам дека ќе има многу посреќни луѓе во светот ако ова прашање се реши. Сега кога се одвива многу позитивен процес, а тоа е дијалогот на високо ниво кој стартуваше во средината на март, владата заедно со Европската комисија се фокусира на многу прашања кои се однесуваат на владата и на ЕК и многу се надевам дека тие прашања ќе бидат решени што е можно поскоро. Споменавте дека има повеќе од 140 цели што владата треба да ги исполни и одредени се многу јасни крајни рокови во кои задачите треба да бидат исполнети. Јас се надевам дека владата ќе ги исполни и видов силен напредок од страна на владата. Доколку владата ги исполни, тогаш извештајот за прогресот на земјата од Европската комисија ќе биде позитивен и тогаш ќе биде речиси невозможно земјата да не добие препорака за започнување на преговорите и потоа сè ќе биде во рацете на земјите-членки затоа што тие имаат право да одлучуваат дали ќе почнат преговорите или не. Доколку одам понатаму ќе биде само шпекулација.

Што доколку Владата не ги исполни задачите?

Ние веќе видовме јасен прогрес, бидејќи ние сме сè уште во почетокот на процесот, крајните рокови наближуваат и ова е лесно да се измери дали е направено или не. На пример до 30 јуни треба да се завршат многу работи, а 30 јуни е следната недела така што наскоро ќе видиме дали задачите се завршени или не. Уште еднаш гледам силна посветеност и се надевам дека сите ветувања ќе бидат имплементирани на начин на кој што владата се договори со Европската комисија.

Колку сте задоволни од досега исполнетото, бидејќи се ближи 30 јуни?

Сè што беше ветено досега е сторено.

Минатата година еврокомесарот Филе изјави дека постои опасност земјава да ја зaгуби препораката за преговори со ЕУ доколку не се посвети целосно на реформите, дали таа опција сè уште е отворена?

Мислам дека оваа изјава беше дадена пред повеќе од половина година по објавувањето на извештајот за напредокот. Помина многу време и новиот процес на дијалог на високо ниво склучен во март точно покажува колку е силна посветеноста на двете страни, како на Европската комисија да и помогне на земјата, така и од страна на владата. Овој процес ни даде повеќе оптимизам за да мислиме дека нема да има такви ситуации за препораката да не биде дадена.

Зошто толку оптимизам, што е поинаку овој пат, до пред некој месец реториката беше поинаква?

Имаше неколку работи кои беа во фокусот на извештајот за напредокот. Но Извештајот за напредокот не се прави само за да се критикуваат земјите и да им се кажува што е погрешно. Ние ги правиме извештаите за напредок за земјите кандидати, земји од кои очекуваме да станат членки на ЕУ. Во ЕУ има стандарди и ние сакаме кога нова земја ќе и се придружи на Унијата да биде на ниво на тие стандарди. Тие извештаи не се само за да критикуваат, туку и да и помогнат на земјата да направи прогрес. Имаше некои недоразбирања минатата година и најверојатно тоа е причината зошто произлегоа такви изјави. Сега и двете страни повторно ги разгледаа малку своите позиции, разговараа за тоа што е погрешно, што треба да се направи потоа и доколку сега гледаме од малку историски аспект што тргна лошо, мислам дека ништо не се случи. Мислам дека владата ја сфати многу сериозно оваа нова динамика што и е дадена на земјата, а исто така и опозицијата и невладините организации. Ако ја земете првата посета годинава во средината на март на комесарот Филе, сите апсолутно беа позитивни, тоа се гледаше и кај луѓето во владата и во опозицијата и невладините организации, апсолутно од сите, ова е одлична работа, да се обидеме да извлечеме корист и да ги искористиме сите можности колку што е можно повеќе. Се надевам дека оптимизмот ќе продолжи и во исто време доколку земете нешто треба да почнете да работите со тоа, тогаш е малку поинаку затоа што луѓето видоа колку е тешко, тие реформи коишто треба да се спроведат се навистина тешки. Јас мислам дека доколку нема оптимизам, ако велиме дека ништо нема да биде од работата и ништо нема да излезе. Затоа мислам дека треба да бидеме оптимисти од страната на Европската комисија, мислам дека исто и владата треба да се обиде да го даде најдоброто и се надевам дека опозицијата и невладините организации и останатите ќе помогнат во овој процес колку што е можно, затоа што овој процес не е само во интерес на Комисијата или само на владата, туку е во интерес на државата.

Дали тоа значи дека владата се подобрила во клучните прашања како владеење на правото, слобода на говор или почитување на човекови права или станува збор за поинаква политика?

Тие 140 цели се многу јасни, владата се согласи да направи неколку чекори, да донесе нови закони, да направи измени во законите. Една работа е адаптирање на законите, а друга работа е имплементирање на законите. Па така има неколку чекори кои владата треба да ги преземе за имплементација на законите на начин на кој ситуацијата со човековите права, демократијата, ќе бидат подобрени и мислам дека тоа е многу важно. Затоа тие 140 цели помогнаа да се придвижат работите во тој позитивен правец.

Во патоказот на Владата за претпристапниот дијалог со ЕУ како прва задача и приоритет е наведена слободата на медиумите. Од една страна, постигнат е договор за декриминализација, но од друга страна во истиот ден кога се постигна договорот беше затворена уште една телевизија. Како вие ја оценувате состојбата со медиумите?

Повторно, извештајот за напредокот што го спомнав неколку пати во интервјуто е многу важен документ, тоа е евалуацијата на ЕУ, како гледаме на ситуацијата во многу области во земјата за кои имаме клуч во ЕУ. Интересно е тоа што за многу медиумски прашања ние немаме клуч, односно заедничка политика на Европската унија, затоа што повеќето од членките имаат различни пракси во имплементирање на еден закон или друг. На пример во многу земји клеветата е сè уште кривично дело. Вашата земја одлучи да ја декриминализира клеветата и тоа е добродојдено затоа што во ЕУ нема правило дека сите земји треба да го сторат тоа. Во извештајот за напредокот ние ги наведовме нашите забелешки за она што мислиме дека треба да се унапреди, сега времето истекува и во октомври, што е многу наскоро, ќе го објавиме наредниот извештај. Она што сега го прават делегацијата и Европската комисија е обид да собереме што е можно повеќе информации, па следниот извештај ќе биде објективен, за никој да не може да каже дека ние немаме соодветни информации или дека се занимаваме со погрешните работи. Мислам дека договорот меѓу ЗНМ и Владата е многу добар, бидејќи двете страни преговара многу долго време, најдоа заеднички јазик, а тоа е важно. Не можеме ние да речеме дека овој закон е многу добар или не, затоа што ние го немаме клучот за тоа. Но најдобриот експерт за медиумска легислатива е Советот на Европа, па владата и ЗНМ се согласија да го испратат законот на експертиза во Советот на Европа. Тоа претпоставувам ќе одземе некое време додека да се добие назад, можеби има повеќе амандмани, потоа тие треба да се земат предвид пред да влезе во собраниска процедура и се разбира да оди на јавна дебата. Колку што знам и претставникот за медиуми на ОБСЕ го поздрави договорот меѓу владата и ЗНМ и мислам дека тоа е многу важно. Она што нам ни е важно е членот 11 од Законот за радиодифузија односно сопственичката структура на медиумите да е добро дефинирана и да нема конфликт на интереси, а ова е и дел од претпристапниот дијалог, како и правилна имплементација на овој член од законот. Ние тоа ќе го следиме одблиску и ќе биде забележано во извештајот и во дијалогот на високо ниво. Тоа што ние сега го правиме е мониторирање на ситуацијата за да можеме сè да заведеме објективно во извештајот за напредокот на земјава. Ние го мониторираме медиумскиот пејзаж, многу е важно да нема селективност, ако се носат одлуки важно е сите правила да важат за сите.

Во врска со селективноста, веќе видовме дека СРД на неколку телевизии им даде временски рок да го решат проблемот со сопствеништвото, а од друга страна пред неколку дена беше затворена телевизија без да и се даде време да се обиде да го исполни програмскиот формат. Како би требало да се реши овој проблем со селективноста на Советот за радиодифузија?

Точно, ние ја следиме ситуацијата, ние се обидуваме да собереме што е можно повеќе информации, но не можам сега да кажам дали ова е добро или ова е лошо, но сè ќе биде рефлектирано во конечниот извештај. Многу луѓе од делегацијата работат со институциите и сакаме да ја видиме објективната слика и се разбира тоа ќе се рефлектира во извештајот што ќе биде објавен во октомври.

Уште едно прашање за декриминализацијата во Македонија. Дали верувате дека ниту еден човек нема да биде над законот во земјата во однос на новите правила за декриминализацијата. Имајќи ја предвид ситуацијата во Македонија дали верувате дека новите правила ќе бидат исти за сите?

Секако, се надевам дека ќе биде така. Кога еден нов закон е усвоен потребно е време. Процесот е испратен до Советот на Европа, колку што сум информиран и тој треба да биде вратен. Потоа треба да бидат подготвени амандманите, па да бидат усвоени во Парламентот. Така што оваа демократска процедура е прилично долга. Тогаш ќе биде и прашањето на имплементација. Многу е важно имплементацијата да биде добро спроведена, како и тоа судиите да бидат добро подготвени и обучени, бидејќи ова е ново прашање и кога праксата ќе биде воспоставена, тогаш не е тешко таа да биде почитувана. Така што подготвителната работа треба да биде завршена за судиите да знаат што ќе прават кога новиот закон ќе биде усвоен.

Рековте дека патоказот ќе и помогне на Македонија да оди напред. Голем дел од задачите во патоказот се од технички карактер, како на пример преводот на 70 судски пресуди. Како вакво нешто ќе и помогне на Македонија?

Да се донесе земјата поблиску до Европската унија е голема работа, која не може туку така да ја направиме. Има многу детали кои треба да бидат направени и за нив треба многу време. Сега со пристапниот дијалог на високо ниво, ова не е нешто што ЕК го налага за вие да го направите тоа, тоа и тоа до утре, но потоа е јасно дека не е возможно. Ова е процес во кој ние преговараме, предлагаме многу работи кои треба да бидат направени, но исто така земаме предвид што владата може да направи, бидејќи зошто да се наметне нешто кое е невозможно да се направи. Значи преговорите се за кога и како владата ќе се справи со едно или друго нешто. Дури и тие преводи се важни, бидејќи тогаш луѓето ќе имаат подобар увид во судскиот систем и да разберат како правниот систем функционира, како тие работи функционираат во Европа, а исто така и како треба да функционираат тука. Бидејќи во спротивно е вртење во круг. Слушнав доста критика за работата на правниот систем, така што има многу мали нешто, ова е една од нив. Но тие мали нешта прават едно цело. И ова е начинот на кој може да се движиме напред и како животот на сите ќе биде подобар еден ден.

Една од задачите во патоказот е реформи во изборниот процес кои треба да бидат спроведени до октомври, за да се осигура дека државата ќе се одвои од партиите. Дали е возможно тоа да се спроведе до рокот?

Тоа е во документот и има ветување од владата. Така што немам причина да не верувам дека нема да бидат спроведени реформите. Доколку не бидат спроведени до октомври, тогаш може да кажеме дека не биле спроведени. Но сега сме јуни и не можам да кажам дека не е возможно. Сè беше многу внимателно срочено и се надевам дека кога владата ги презеде тие обврски направила анализа на она што го ветила, така што сите институции се консултирани и кога владата се сложи дека е подготвена да ги спроведе и се надевам дека ќе биде така. Но сега не можам да кажам дали е возможно или не.

Претпоставувам дека го видовте интервјуто со премиерот Груевски пред НАТО самитот во Чикаго кога тој ги критикуваше двојните стандарди на земјите од ЕУ. Како вие го интерпретирате тоа интервју?

Јас ја претставувам ЕУ. Секако многу земји од ЕУ се и во НАТО, но секако ова интервју повеќе се однесува на НАТО, така што не сакам да го коментирам. Но секоја земја има своја внатрешна политика и политичарите го зборуваат она што е потребно и што се очекува од нив.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG