Достапни линкови

logo-print

Васкопулос - Нема фајде од флерт со национализмот


Павле Филипов Васкопулос, лидер на партијата на Македонците во Грција - Виножито.

Павле Филипов Васкопулос, лидер на партијата на Македонците во Грција - Виножито.

Не сакаме да зборуваме агресивно за Егејска Македонија, за Бело Море, за неослободување, окупации и слично. Најлесно е некој човек да флертува националистички со такви идеологии, да зборува за борби за големи Македонии, и на крајот што, вели Павле Филипов Васкопулос, лидер на партијата на Македонците во Грција - Виножито, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Во Грција имаме една нова ситуација, промена на власта. Што значи тоа за вашето дејствување како Виножито во Грција?

Како прво за новата влада, односно за новата ситуација слободно можеме да речеме дека станува збор за ново-стара влада. Новата влада, партнерите, тие се познати партиски структури, без разлика дали е Нова демократија, ПАСОК или дел од таа условно речено левица, тоа не значи дека овие истите луѓе, истите партии не делувале последните десет, дваесет, триесет години. Тие се. Можам да кажам дека нема да има кон нас некоја друга перспектива или пак ќе гледаме поинаку на грчката власт. Ние ќе делуваме на истиот начин и уште повеќе ќе настојуваме да делуваме конструктивно во оваа држава, бидејќи ние делуваме тука како граѓани на оваа држава што во суштина станува збор за наша држава. Кога еден граѓанин делува како државјанин во еден коликтивитет што се вика организирана држава, тоа значи дека секој граѓанин има свои права и свои обврски. На овој начин ние делуваме сиве овие години и ќе продолжиме и со новите структури односно со старо-новите структури, со новата влада. Според нас и нашата анализа во Виножито, за да можеме да имаме нови патишта во Грција, да можат да се трасираат некои алтернативни пристапи и во самата економија, затоа што тоа е еден голем дел од транзицијата во која влегува Грција, треба да се направи реформа во создадената грчка национална идеологија, што е создадена пред многу децении. Конкретно и за македонското прашање, треба да се запознаат, да се признаат и да се почитуваат правата, карактеристиките и традиците на другите народи и на другите јазици.

Вие еднаш констатиравте дека борбата за остварување на човековите права и слободи на Македонците треба да биде пример за проевропски политики и дека треба да се води преку меѓународните организации.

Сите овие години има развој и кај нас во Виножито. Не е мала работа кога во последните две-три години кога воочивме дека ние тотално сме маргинализирани како малцинска партија, што цел систем условно речено нас не има успешно изолирано од поголемиот дел од населението. Ние не сме некоја голема партија што се финсира од европски парламент, односно од грчки парламент како што прават сите големи парламентарни партии. Целиот систем е против нас, сите телевизиски канали одбиваат да објавуваат наши рекламни спотови за запознавање со нашата идеологија, иако имаат законска обврска. Грчкиот ситем сервира дека ние сме платеници, агенти на Скопје, на Глигоров, на Груевски и на не знам на кого друг?!

Ние во Виножито делуваме принципелно, имаме многу добри односи со нашите протерани Македонци што живеат и во Република Македонија и насекаде. Навистина имаме добри односи и настојуваме со сите луѓе што делуваат позитивно, било да се во Република Македонија или во Австралија, или во Канада и ние да контактираме и да напредуваме. Но од друга страна најпринципиелно сакаме да имаме еквидистанца со сите политички, партиски структури во Република Македонија за да бидеме коректни и да бидеме сите добри и да делуваме конструктино. Не сакаме да зборуваме агресивно за Егејска Македонија, за не знам Бело Море, за Беломорска Македонија, проблеми со неослободување, окупации и за слични такви работи, не сакаме да ги сервираме. Најлесно е некој човек на некој начин да флертува националистички со такви идеологии, да зборува за борби за големи Македонии, и што? На крајот што?

Вие и вашето здружение сте прилично внимателни, меѓутоа постојат некои потези кои ги повлекува актуелната македонска влада кои се толкуваат како провокативни, од типот на изградба на споменици или таканаречениот процес на антиквизација. Дали мислите дека тоа им штети на Македонците што живеат во Грција и воопшто на Македонците по однос на отворените прашања со Грција?

Навистина добро прашање. Тоа е за една голема дискусија. Кога станува збор за возбудување на национална свест на било кој народ, најлесно е и да кажам може да се шири на било кое население, кога лесно се флертува со славното минато, што е атрактивно за било кој граѓанин. И ако јас лично и ние во Виножито воопшто не ја сопираме македонштината ни во антиката, ни во средeн век, ни во словенството, ни во предсловенството, ни во праисторијата. Кога станува збор за антиката, за тоа нека се расправаат научниците, научните институции, има што да се расправа за овие теми.

А кога станува збор за населението, што споменевте во Северна Грција, зошто континуирано делување со антиката и таков тип на аргументација. Зошто? Па и Грција, истата таа држава, многу децении делува, манипулира, искористува од минатото и што прави во суштина - бира дел од тој мозаик од минатото, конкретно за македонштината, цело време ја сервираа таа идеологија. Еден Грк, Македонија автоматски го асоцира на Античка Македонија и тоа со децении се учи во грчките школи дека Античките Македонци се грчко племе.

Ние Македонци тука што сме ја развиваме нашата идеологија до наједноставните елементи како што е заедништвото и на ниво на јазик и на ниво на традиции, на фолклор и пред сè на ниво на колективитет дека ние сите Македонци чуствуваме и учествуваме во тој колективитет што се вика македонштина. Доволно е тоа и за мене и за нас тука. Е сега како и вие што рековте ние делуваме на најнародно ниво. И во нашите списанија ако видите и во нашата програма, дека не сакаме ние цело време да разбудуваме Македонци во Грција и да велиме разбуди се бидејќи ти не си Грк, ти си Македонец бидејќи Александар и Филип не биле Грци и таков тип на аргументација. Но нема никакво решение од оваа работа и нема потреба бидејќи живееме во 21 век.

Ваш став е дека Македонците од Грција за своите имоти треба да се борат во Стразбур. Имате ли податоци колку барања се поднесени и како оди таа борба?

Жалиме што толку години, и порано и за време на поранешна Југославија, воопшто не сме ја пипнале оваа тема. Има апсолутно право секоја влада во Република Македонија да им каже отворено - Извинете, време е вашите граѓани да ги рехабилитирате, тие се ваши граѓани. Јас ги држам тука веќе повеќе години како и другите држави во тој Источен блок, многу добро средство е да биде мост за нашата добра соработка и ве молам да ги рехабилитирате не само за тие државјанства што ги имате одземено, туку и тие од типот на економските причини и проблеми со конфискување на имотот и сите овие паралелни проблеми. Јас би се радувал кога тоа би го направиле не само за време на независна Република Македонија, туку и порано. Веќе се поднесени 50 барања, од кои четири веќе добиле државјанство и веќе се државјани на Грција, а се од тие протераните Македонци. Се надевам дека во иднинa ќе има, сигурен сум дека ќе има, уште повеќе и ќе има и победи и ако треба и да стигне и до Европскиот суд за човекови права.

Ќе се обидете ли да искомуницирате со новата грчка влада во насока на промовирање на вашите интереси како здружение?

Ние континуирано бараме, имаме барано и средби во грчкиот парламент со парламeнтарци, со структури кои би сакале да разговараат за овие теми. Но ова е страшнa табу тема, одбиваат, одбиваат, одбиваат континуирано сите овие години. Бараме чаре, да влеземе во институциите, да не бидеме априори непријатели, да не бидеме надвор од системот, маргинализирани како што ни прави државата сите овие години. Не е воопшто лесна оваа работа. Ние имаме испратено и писма, сакаме и средби. Конкретно да ви кажам пример, праќаме апликации, покана за едно пониско ниво, како на пример за јазикот, што е полесна работа, ајде да не биде да зборуваме за малцинство. Туку да зборуваме за почитувања на различностите и за јазикот. Ние се обидовме со Министерството за образование да контактираме и да ги убедиме да го вклучат македонскиот јазик во грчкото образование во овие региони, во деловите каде сè уште е жив македонскиот јазик. За жал има целосно одбивање, не сакаат ни средби за оваа работа. И што правиме тогаш ние? Се обидуваме да го интернационализираме овој проблем -непочитување на другоста и идентитетот. Шетаме сиве овие години по Брисел, по Стразбур, по Женева, ги повикуваме експертите да дојдат во Грција, да видат каква е ситуацијата, па да ја притиснат Грција, кога веќе самата Грција и грчките власти не нè слушаат. Не сакааат воопшто да нè почитуваат, цело време нè маргинализираат, па не ли е време полека, полека да се најдат под притисок на странците? Тоа го правиме сите овие години.

Знаејќи колку сме моќни преку вас и преку вашето делување да се избориме за тоа македонско прашање кај грчките власти, има ли нешто што ви влева оптимизам дека постои разрешница на овој долгогодишен спор за името и дали вие како малцинство се чуствувате како заложници или пречка во контекст на тоа прашање?

Страшно се плашат во Грција дека ако има некое почитување на македонштина и на македонски идентитет и на некој си компромис, ама конструктивен и принципиелен, се плашат дека автоматски овие тука, како што пишувало порано Македонци, знаете ли колку сега има Македонци во Грција, повеќе од 500-600 села, а има и мешано население, полусвесно, несвесно, асимилирано, уплашено, интегрирано, како сакате кажете. Мал број од нив навистина почнаа да делуваат, дел од нив сме ние во Виножито. Грција има страшен уплав дека ако дојде до нормализација на оваа држава дека автоматски тука во македонските села ќе почнат луѓето да ги ги бараат корените во македонштината. И не е чудно да се појави едно масовно малцинство и на поагресивен начин да бара малцински права, што би било катастрофа за грчките тесни национални интереси. Ете со тоа е поврзан проблемот со името и решавањето и компромисот меѓу Грција и Македонија.

Дали тоа значи дека не сте оптимист дека во скоро време ќе видиме решение на спорот?

Во оваа ситуација во која се наоѓа Грција, општеството се наоѓа во нирвана, системот се наоѓа во шок, воопшто не се зборува за овие теми за националните прашања, без разлика дали е за односите со Турција, со Македонија, со другите соседни земји, тешко ќе биде. За мене ќе биде изненадување ако има напредок веднаш, надвор да се направи некое решение и да се реши оваа работа, уште повеќе со оваа структура. Мислам дека е познат ставот на Самарас и на старо новата структура и тешко е вие да очекувате дека новиот премиер Самарас ќе направи страшна реформа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG