Достапни линкови

logo-print

Атина гореше - мерките усвоени


Атина, 12 Февруари

Атина, 12 Февруари

Грчкиот Парламент ги усвои мерките за штедење кои беа услов за пакетот од 130 милијарди евра. Но, дали Грција ќе ги добие парите и ќе избегне банкрот ќе се знае в среда, по седницата на министрите за финансии на еврозоната во Брисел.

Пратениците во Парламентот на Грција ги изгласаа мерките за штедење со двотретинско мнозинство. Со овие мерки ќе биде отпуштен секој петти работник во јавната администрација и за една петина ке биде скратена нивната плата. Мерките се потребни за да и се овозможи на Грција да го добие вториот пакет помош од ММФ, Европската централна банка и ЕУ од 130 милијарди евра и да избегне прогласување банкрот.

Вечерва започнува крајот на еден погрешен метод на владеење со децении кој ја донесе Грција во овој хаос. На следните избори граѓаните ќе ги казнат Нова Демократија и ПАСОК
Грчкиот министер за финансии Евангелос Венизелос изјави:

„Ние мораме да ја спасиме земјата. Граѓаните нема да ни простат ако тоа не го направиме.“

Од вкупно 300 пратеници гласаа 278, од кои 199 беа за новите мерки на владата, 74 против, а пет беа воздржани. Владејачката коалиција во Парламентот има 236 пратеници.

Ова е крај за Нова демократија и за ПАСОК, изјави членот на парлементот од Комунистичката партија, Димитрис Пападимоулис.

„Вечерва започнува крајот на еден погрешен метод на владеење со децении кој ја донесе Грција во овој хаос. На следните избори граѓаните ќе ги казнат Нова демократија и ПАСОК.“

Станува збор за двете најмоќни партии кои се менуваат на власт во Грција. Тие се дел од коалицијата на чие чело во овие кризни времиња во Грција е независниот премиер Лукас Пападимос, кој, пак, изрази надеж дека овие мерки ќе придонесат Грција да остане во еврозоната и да го најде патот кон излезот од кризата.
Пападимос, од друга страна, изрази разочараност од масовните немири во Атина и Солун и во неколку други градови на Грција.

„Сакам да ја изразам својата тага за настаните надвор од Парламентот кои фрлија сенка врз легалното демократско право на протест. На вандализмот, насилството и уништувањето не им е местото во демократијата.“

Околу 80 луѓе, од нив 30 полицајци, биле повредени во судирите со полицијата за време на протестите во Атина, а десетици биле приведени. Грција е инаку веќе 5-та година по ред во рецесија, а невработеноста изнесува рекордни 18 проценти.

Она што следува сега е седница на министрите за финансии на евро-зоната на 15 февруари в среда. Тие ќе дискутираат дали мерките кои се донесени во грчкиот парламент се доволни за да се даде вториот пакет помош од 130 милијарди евра. Имено, пред да го одобри финансискиот пакет, Еврозоната сака гаранции дека Грција ќе го намали буџетскиот дефицит за 2012-та година за 325 милиони евра. Друг услов на евро-зоната е лидерите на најголемите политички партии во Грција да дадат цврсти политички гаранции за спроведување на ветените реформи.

Првиот пакет помош за Грција во мај 2010 изнесуваше 110 милијарди евра.
  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG