Достапни линкови

Интервју - Андрија Секуловски


Андрија Секуловски, Федерација на фармери.

Андрија Секуловски, Федерација на фармери.

Тоа што немаме цена на пченицата, не успеавме да седнеме на една маса производители-мелничари за да се договориме и ова се последиците што сега ги чувствуваме, вели претседателот на Управниот одбор на на Федерацијата на фармери на Република Македонија, Андрија Секуловски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.






Г-дине Секуловски, во јавноста деновиве некои од Здруженијата на земјоделците изразија сомневање дека постои некаква спрега помеѓу власта и мелничарите која оди на штета на земјоделците во делот на откуп на пченицата. Како вие ги коментирате овие случувања и што планирате да преземете?

Федерацијата на фармери на Република Македонија уште пред два месеци го актуелизираше ова прашање заради тоа што знаевме дека повторно ќе имаме проблем со откуп на пченицата, поради тоа што она што е закон, она што се правилници за откуп на пченицата не се почитуваа ниту минатата година, а не се почитуваат ниту оваа година. Тоа е суштинското што немаме цена на пченицата, не успеавме да седнеме на една маса производители-мелничари за да се договориме и ова се последиците што сега ги чувствуваме. Она што владата требаше да го направи е да изврши притисок да се почитуваат законските легислативи и второ, требаше владата да ги заштити земјоделците заради тоа што пченицата е стратешка култура и неможе една година да имате пченица, па друга да немате, значи за тоа е потребен континуитет, а за да има континуитет мора однапред да се знаат правилата на игра во една држава.

Може ли да посочите конкретен пример кога велите постои спрега меѓу владата и мелничарите?

Ако ние сега се уште зборуваме дека немаме цена, а знаеме дека откупот во исто време мора да биде подржан со договори, договорите ги немаме меѓу производителите и откупувачите, истакнувањето на цената пред откуп исто така ја немаме, значи тоа се однапред работи кои што ни се случуваат, а некој ги толерира. Суштината е зошто се уште се калкулира со цената и се уште се притискаат земјоделците за да им се одземе житото по пониски цени.

Сакате да кажете дека пченицата станува се помалку исплатлива култура во земјава и што треба да се направи за да не биде тоа така?

Значи ваквите амплитуди кои ги чувстува земјоделецот дека идната година ќе работи со она што го инвестирал, едноставно прави несигурност и самата држава нема корист. Замислете оваа година имавме оптимални приноси по однос на пченицата, а поново ќе имаме минимум добивка што исто така е резултат на неинвестирање во овој сектор. Значи поради неинвестирањето во овој сектор доаѓа до уназадување во делот на производството пченица.

Владата не може да го ограничи увозот на пченица од надвор за да ги зашти домашните земјоделци, но што друго може да направи по примерот на други земји?

Владата има мноштво алатки што може да ги спроведе по примерот на други земји во тековното производство на пченица, од тоа како да ги поддржи во делот на субвенционирањето на директните трошоци од нафта, од алатки и машини итн., понатаму во тоа како може да се добие поевтина сертифицирана пченица, како може да ограничи кои делови од земјата се најоптимални за производство на пченица, како ќе се субвенционира во делот на тековната година пченицата итн., за однапред производителот да знае каде ќе инвестира следната година.

Проблем годинава има и со откупот на грозјето, зошто доаѓа до ова повторно и што треба тука да се направи?

Значи проблемот со производството на винското грозје зборуваме заради тоа што за трпезното грозје имаме повеќе пазар и тој проблем не се чувствува, има недостаток на трпезно грозје, но ние зборуваме за проблеми со винското грозје, заради тоа што и тука држава мислејќи дека инцидентно решавајќи ги проблемите ќе го реши проблемот и со грозјето, но и тука се виде дека не е така. Она што ние инициравме оваа година е тоа дека ќе направиме напор нашето членство да склучи договори, цената е секогаш пазарна, но мораме да сватиме дека неможе да се оди под прагот на рентабилност за производство на килограм грозје, сето тоа причинува загуби, а тоа несмееме да го дозволиме и оваа година ќе направиме напор тоа да го амортизираме, ќе видиме, за некои 15 дена ќе ги имаме резултатите.

Колку можете да кажете дека сте задоволни како Федерација од пласманот на земјоделските култури ова лето?

Оваа годиниа можеме да бидеме задоволни само од првата декада, јануари до март месец, а после март ни се случија настани кои што не беа поврзани директно со нас производителите, туку индиректно бевме затекнати со болести кои што ни беа наметнати дека ги има и во нашиот регион, но се докажа дека тоа не е така, како што е ешерихија коли, но влијаеше на голем пад и на цената и на извозот и тоа беше проблем. Исто така оваа година проблем беше извозот на лубеницата која драстично оваа година опадна, има мноштво проблеми од сите аспекти. Она што Федереацијата на фармери го иницираше е дека мора земјоделците да бидат навремено информирани што всушнот треба да садат, за жал тоа државата сеуште не го прави, а уште повеќе и не оспорува како Федерација на фармери, не ги слуша нашите совети дека е потребна долгорочна стратегија во делот на земјоделството, а тоа е поврзано и со надворешниот извоз и со пазарите во опкружувањето, заради тоа што производството на земјоделски производи во моментов е нужно потребно да го следи надворешниот пазар, бидејќи на внатрешниот пазар ние имаме хипер понуда.

Земјоделците може да аплицираат за средствата од ИПА програмата, средствата од европската програма се со цел за приближување на стандардите до ЕУ. Колку сте задоволни од тоа како се користат овие пари?

Не може да бидеме задоволни, тоа го правиме и сега излегувајќи на терен каде ги информираме нашите земјоделци. Претходно зборувавме за пченицата, за грозјето, за култури кои што се на работ од рентабилноста, она што треба да се искористи од ИПА фондовите е како да го модернизирате вашето производство, а ние зборуваме дека имаме цени кои што се на прагот на рентабилност и тоа е во колизија зошто немаме искористеност на овие фондови, но ако нашите земјоделци се профитабилни тогаш искористеноста на овие програми ќе биде поголема.

Фармерите треба да ги имаат имплементирано ХАСАП стандардите, што е нивна законска обврска. Колку ги исполнуваат тие услови?

Тие што произведуваат храна треба да ги задоволуваат стандардите за да настапат на втори и трети пазари, но суштински и тука назадуваме заради тоа што секоја нова инвестиција е придружена со дополнителен зафат од сопствениот буџет, а македонскиот земјоделец не е во толкава мера профитабилен за да ги исполнува ваквите стандарди. Тоа ни покажува дека доколку инвестирате во сопственото стопанство тоа автоматски ќе се отслика и во профитабилноста, а и во конкурентноста.

Меѓутоа колку субвенциите на владата донесоа некаков видлив резултат?

Се помош кон земјоделците, заради тоа што имаме истоштено земјоделие кое што премногу троши, а малку инвестира. Тоа што цело време го зборуваме како Федерација е дека субвенциите мора да се насочат и да се зголемат во одредени сектори кои се профитабилни, се друго е фрлање на пари во бунар без дно. Тоа мора да биде инвестициона програма за нашиот земјоделец, поради тоа што само така може да биде и профитабилен и конкурентен.

Што сугерирате, кои сектори се профитабилни?

Значи имаме неколку сектори што се водечки, а тоа се градинарството, овоштарството, лозарството, во полјоделстсвото производството на жито е стратешка култура заради тоа што секоја држава мора да има сопствено производство, незамисливо е државата да се базира само на увоз, тоа се носечките сектори во Македонија.

Актуелно секоја година се штетите што ги трпат земјоделците од временските неприлики. Во колкав степен се користат субенциите кои што се наменети за ова?

Осигурувањето на вашиот имот е секогаш пропратено со одлив на средства од вашиот буџет, што значи дека и оваа година имаме 60% покриеност, но нашите земјоделци сеуште не се опуштаат да и тие 40% ги инвестираат во осигурување. За жал тоа е повразно и со неинформираноста на нашите земјоделци бидејќи секогаш е подобро да добиете нешто, отколку да изгубите се. Имавме дел од нашата промоција и нашата соработка со Вардар осигурување и ги информиравме нашите земјоделци дека е подобро нешто да осигурате и да имате нешто во својот џеб отколку се да изгубите за една секунда што неповратно ве враќа две години назад во делот на производството.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG