Достапни линкови

„Африка прв пат“ изложба на Димески


Изложба на фотографии „Африка, прв пат“ на фотографот Марин Димески
Изложба на фотографии „Африка, прв пат“ на фотографот Марин Димески

„Африка, прв пат“ е насловена изложбата на фотографии на Марин Димески што, во рамки на Скопско лето, ќе биде отворена вечерва, во 22 часот, во Музеј на град Скопје.

Четириесеттина фотографии, снимени во периодот 2005 – 2006 година, ја чинат поставката насловена како Африка, прв пат на Марин Димески поместена во Музеј на град Скопје. Станува збор за еден многу ригорозен избор од големиот број на негативи снимени во дадениот период и за фотографски проект што се впушта во комуникација со пејсажот односно со природата на начин кој постојано тоа ќе го чини преку проблематизирање на овој жанр.
Патувањата многу ми значат за мојата фотографија. Можам да кажам дека целиот живот го доживувам или најголем дел од него низ фотографија, често патувам на различни континенти и можам да констатирам дека остатокот од светот наспроти Африка има повеќе сличности, додека Африка постојано ја издвојувам со своите
особености.

Во каталогот кон оваа изложба, Лазо Плавевски ќе забележи дека Марин Димески притоа бара сопствени патеки, дека неговата намера е да се достигне реалниот дигнитет на авторскиот отпечаток во времето на дигитализација и дека фотографот тоа го чини многу одговорно и креативно притоа уживајќи во сите предизвици што ги имал пред себе. Згора на тоа, авторот на текстот дополнува дека во изложбата Африка, прв пат е задржан еден интерес на Димески присутен во делата од сите негови досегашни претставувања – интересот за фотографирање на портрети, особено детски кои се некаков негов, како што пишува Плавевски, нишан, заштитен знак, патоказ за она кон што определена ситуација се движи и сите детски неизвесности и емотивни прашалници. Тој заклучува дека неколку црно-бели фотографии од овој циклус веројатно се во врвот на креативната дејност на фотографот.

Од, своја страна, пак, Димески говорејќи за тоа како тој ја виде Африка низ својот објектив, забележува:

„Патувањата многу ми значат за мојата фотографија. Можам да кажам дека целиот живот го доживувам или најголем дел од него низ фотографија, често патувам на различни континенти и можам да констатирам дека остатокот од светот наспроти Африка има повеќе сличности, додека Африка постојано ја издвојувам со своите особености. Човек што еднаш стапнал во Африка посакува повторно и повторно да се навраќа. Јас после мојот прв престој во 1997 година се навратив неколку пати и оваа изложба всушност преставува изложба на која како целина е претставена Африка.“

Кон ова само уште информацијата дека Марин Димески, роден 1948 година во Прилеп, како историчар на уметноста и професионален фотограф, со фотографија се занимава од 1970 година. Учествувал на голем број групни изложби во земјава и во странство и член е на ДЛУМ, Здружението на ликовните уметници на применета уметност на Хрватска и на многу други професионални асоцијации.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG