Достапни линкови

Синоќа во Белград дојде до нереди за време и по митингот за поддршка на поранешниот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, кој деновиве, по 16 години бегство беше упасен во Србија. Во судирите меѓу полицијата и демонстрантите имало 40 полесно повредени, главно полицајци, додека повеќе од 180 луѓе биле приведени.

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека меѓу приведените имало повеќе од триесет малолетници, а биле оштетени неколку објекти и полициски возила.

Коментирајќи ги обвинувањата на Српската радикална партија на Воислав Шешељ, која го организираше митингот пред Собранието на Србија во Белград, дека не реагирала адекватно, Дачиќ оцени дека тоа е политичка изјава и оти полицијата спречила поголеми нереди и нарушувања на јавниот ред и мир.



Потпретседателот на Српската радикална партија, Драган Тодоровиќ, изјави дека неговата партија не била одговорна за нередите.

„Пред крајот на митингот, неидентификувана група, не од луѓето на митингот, тргна плански да прави нереди. Приведени се десетици луѓе. Ајде да видиме кому му припаѓаат“, изјави Тодоровиќ.

Полицијата, како што јавуваат агенциите, интервенирала на неколку места во Белград, а најжестоките судири се случиле откако
Пред крајот на митингот неидентификувана група, не од луѓето на митингот, тргна плански да прави нереди. Приведени се десетици луѓе. Ајде да видиме кому му припаѓаат.
демонстрантите почнале врз полицијаците да фрлаат шишиња, камења и педарди. На митингот учествуваа повеќе илјади луѓе.

„Ратко Младиќ е воен командант на српскиот народ и неговото апсење е голем срам за нашиот народ и за нашата држава. Тој е херој и го бранеше нашиот народ“, изјави Слободан Божиќ, еден од учесниците на собирот.

На митингот присуствуваа и синот и сопругата на Ратко Младиќ, кој е обвинет за геноцид и злосторства против човештвото за време на војната во Босна и Херцеговина.

Тој по 16 години бегство беше уапсен во Србија, и го чека судење во Хашкиот трибунал. За повеќето аналитичари, со тоа Србија исполнила еден од главните услови за приближување кон Европската унија.

Даниел Корски од Европскиот совет за надворешни односи е уверен дека српскиот претседател Борис Тадиќ не го криел Ратко Младиќ и оти неговото апсење не му одговора.


„Во периодот до изборите, со ова нема да добие мнозинство. Анкетите покажуваат дека Тадиќ може да загуби. Значи тој треба да комуницира, не само со меѓународната заедница, туку и со електоратот дома“, наведува Корски.

Тој додава дека Тадиќ упатил порака оти тој им гарантира на граѓаните дека Србија, од израчувањето на Младиќ, ќе има голема полза.

Останува да се види колку патувањето на Младиќ низ меѓународното правосудство ќе влијае врз политичкото расположение во Србија.

Хаг досега не успеа да донесе пресуди за српскиот претседател Слободан Милошевиќ кој почина во 2006 од срцев удар, додека судењето за другите главно-обвинети, Радован Караџиќ и Воислав Шешељ, е забавено од многу бирократски пречки.

Тоа може да биде случај и со Ратко Младиќ, кој, според наводите, имал претрпено мозочен удар и бил во лоша здравствена состојба.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG