Достапни линкови

Најбараниот воен злосторник од просторите на поранешна Југославија, Ратко Младиќ, е уапсен денеска во Србија и ќе му биде предаден на Хашкиот трибунал.

„Од името на Република Србија, ве известувам дека денеска изутрина е уапсен Ратко Младиќ. Акцијата ја изведоа координирано Безбедносната информативна агенција и Службата за откривање на воени злосторства.“

Ова денеска во Белград го соопшти претседателот на Србија Борис Тадиќ, потврдувајќи дека Младиќ е уапсен на територијата на Република Србија. Веднаш бил започнат процесот за екстрадиција на Ратко Младиќ на Хашкиот трибунал, а според српските медиуми, тој веќе е транспортиран во Хаг. Претседателот на Србија Борис Тадиќ, нагласувајќи дека паднале во вода тврдењата дека Србија не соработува доволно со Хашкиот трибунал, оцени дека почнува ново поглавје за регионот.

„Добро е за Србија што и оваа страница од историјата е затворена, а се отвора нова можност за регионот за соработка и за перосперитет. На Србија сега и се отвораат вратите за членство во Европската унија.“

Според првичните информации, акцијата за апсење на Ратко Младиќ била изведена рано изутрина во село Лазарево, во близина на Зрењанин, каде што живеел некој негов роднина.

69-годишниот Ратко Младиќ е обвинет за воени злосторства, геноцид и злосторства против човештвото за време на војната во Босна и Херцеговина во 90-тите години. Меѓу другото, Младиќ се смета за одговорен за 43-дневната опсада на Сараево, како и за масакрот во

Сребреница во јули 1995-та година, кога беа егзекутирани над 7 илјади муслимани.

Судскиот процес против Ратко Младиќ во Хашкиот трибунал за воени злосторства на просторите на поранешна Југославија, ќе биде најголем од формирањето на судот.

Србија во октомври 2007-ма година понуди награда од милион евра за информација која ќе помогне во апсењето на Ратко Младиќ. Сега, со неговото апсење, на Србија и се отвора патот за добивање кандидатски статус за членство во Европската унија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG