Достапни линкови

Во речиси целиот свет и на Балканот поздравено апсењето на Ратко Младиќ - обвинет за геноцид и воени злосторства во БиХ.

Белата куќа денеска го поздрави апсењето на хашкиот бегалец и воен командант на босанските Срби, Ратко Младиќ. Американскиот заменик советник за национална безбедност Бен Роудс изјави на прес-конференција дека САД очекува Младиќ што поскоро да биде префрлен во Хаг. Тој додаде дека апсењето на Младиќ покажува дека сите вакви злосторства ќе бидат исправени пред лицето на правдата.

Реакции доаѓаат и од Советот на Европа. Торбјорн Јагланд изјави дека апсењето на Младиќ ќе помогне во тоа да се затвори мрачното поглавје од балканската историја.

Реакција доаѓа и од Европската комисија. Апсењето на Ратко Младиќ е историски чекор во вистински правец, изјави портпаролката на европскиот комесар за проширување, Наташа Батлер.

Апсењето на Младиќ го поздравија и други земји, како и ОН. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун оцени дека ова е историски ден за меѓународната правда. Младиќ е уапсен утрово на српска територија.

Главниот хашки обвинител Серж Брамерц им оддаде признание на српските власти за апсењето на Ратко Младиќ и изјави дека тоа ќе придонесе за помирување во регионот. Брамерц изјави дека чекаат да се обезбедат услови за префрлaње на Младиќ во Хаг, каде ќе му биде судено.

Апсењето на Младиќ е поздравено и од земјите во регионот.

„Ова е важен ден за Босна, за Србија и за целиот регион“, оцени Бакир Изетбеговиќ, член на босанското тројно претседателство.

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Антонио Милошоски, оцени дека воените злосторства треба да се индивидуализираат, за да не бидат на товар на еден народ или држава, а со самото тоа да влијаат и на имиџот на целиот регион.

Еве што изјави Претседателот на Србија Борис Тадиќ:



„Добро е за Србија што и оваа страница од историјата е затворена, а се отвора нова можност за регионот за соработка и за перосперитет. На Србија сега и се отвораат вратите за членство во Европската унија.“

Aкцијата за апсење на Ратко Младиќ била изведена рано изутрина во село Лазарево, во близина на Зрењанин, каде што живеел некој негов роднина.


69-годишниот Ратко Младиќ е обвинет за воени злосторства, геноцид и злосторства против човештвото за време на војната во Босна и Херцеговина во 90-тите години.
Меѓу другото, Младиќ се смета за одговорен за 43-дневната опсада на Сараево, како и за масакрот во Сребреница во јули 1995-та година, кога беа егзекутирани над 7 илјади муслимани.

Судскиот процес против Ратко Младиќ во Хашкиот трибунал за воени злосторства на просторите на поранешна Југославија, ќе биде најголем од формирањето на судот.

Србија, во октомври 2007-ма година, понуди награда од милион евра за информација која ќе помогне во апсењето на Ратко Младиќ. Сега, со неговото апсење, на Србија и се отвора патот за добивање кандидатски статус за членство во Европската унија.
  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG