Достапни линкови

Неделен печат


Весници, магазини, неделници...
Весници, магазини, неделници...

Убиството на белграѓанецот Дејан Новаковиќ во Охрид, неискористувањето на ИПА фондовите, дел од темите во неделните печатени изданија.

За да не се заборави! Со намера го почнувам овој преглед на пишувањето на најновите изданија на неделниците со широкиот преглед на случувањата во Охрид по свирепото убиство на младиот човек од Белград, Дејан Новаковиќ, за да не се заборави целата работа, во наш стил, како што прочитав во една реакција на некој наш сограѓанин по интернет страниците деновиве: Сега, вели, ќе ја влечкаат работата, истрагата ќе трае со месеци, додека не се подзаборави случката, потоа виновниците ќе бидат дел ослободени, дел казнети со понекоја
,,Фокус" донесува анализа за убиството на младиот Дејан Новаковиќ во Охрид
година затвор и – толку. За да размислува народот вака, треба некој од естаблишментот дебело да се подзамисли.

Фокус - Охрид небезбеден

Во главната статија, неделникот Фокус ги пренесува кажувањата на охриѓани дека мангупите повторно го тероризираат Охрид, дека сегашното дивеење на локалните бандити, кои со пари направени од криминални бизниси во Европа купиле повеќе кафулиња и дискотеки низ градот, го прелеа трпението на граѓаните. Последното убиство, е само повод за се' погласниот револт. Демолирање на плажа пред десетина дена, обиди за убиство, газење на луѓе на пешачки премин и бегање, неколку вооружени грабежи во аптека и во продавници, за што виновниците не се најдени, прегласна музика без контрола... се примерите што и ова лето ги посочуваат охриѓани, а бруталното убиство во центарот на градот им ги вратило сеќавањата од пред 15 години кога беше донесена принудна управа во полицијата во Охрид за да се справи со криминалците. Џанго, врати се, бараат охриѓани. Не се задоволни од тоа како работи охридската полиција на чело со главниот шериф, Стефан Буџакоски, заклучува Фокус.

Глобус - Лажна принципиелност

Најновиот Глобус ги обработува навестувањата дека Владата се откажува од огромна сума европски пари со што ќе се блокираат речиси сите реформи во државава. Имено, Македонија ќе загуби повеќе од 500 милиони евра грант помош од ИПА (претпристапните) фондови на Европската комисија поради, како што пишува, „лажна принципиелност и терање инает“.Според информациите на неделникот, Владата инсистирала уставното име да стои во договорите меѓу Република Македонија и физичките и правни лица, чија понуда ќе биде избрана за најповолна на тендерите, што за повеќемина експерти кои ги консултира неделникот оваа лажна принципиелност е особено глупава: „Особено во светлината на официјалниот став на Владата дека би прифатила влез во НАТО со привремената референца, а членството би донесло само повеќе обврски, а не пари, како овие од претпристапните фондови на Унијата“, го цитира неделникот професорот Фрчкоски. Носител на идејата за замрзнување на тендерските постапки е Секретаријатот за европски прашања, односно националниот координатор за ИПА, вицепремиерот задолжен за евроинтеграциите, Васко Наумовски. Во преговорите со делегацијата на ЕУ во Скопје било предложено во договорите да стои компромисното решение „земја корисник“, но за македонските власти бил неприфатлив и овој предлог.


Форум - Не ни треба гемиџиски синдром во 21 век

Тема на едиторијалот на Форум е последното мерење на расположението на македонските граѓани за членство во ЕУ, при што се покажа дека процентот на поддржувачи опаѓа, а за три години, иако е се уште висок, 60 отсто, сепак е опаднат за околу 30 отсто. Авторот поентира декка Македонците не смеат во 21 век да влетаат во евентуални авантури со гемиџискиот синдром. Ние не смееме да емитуваме сигнали дека сме нација која постојано е незадоволна и се чувствува онеправдано во комуникацијата со нашите стратегиски партнери и треба сами да се избориме за нашата позиција како европски народ и европска држава.

Второ, пишува Форум, треба да почнеме да работиме, и наведува вџашувачки процент на зголемени боледувања во последниве четири години за 265 отсто. Па вели: „Или сме многу болна нација, или многу мрзелива, а ќе да е комбинација од двете. Згора на тоа имаме цел тон државни празници. Оти, заклучува авторот на едиторијалот, ако сакаме да опстанеме како нација и држава не треба самите да си вршиме евтаназија, а за нејзиниот резултат повторно да ни биде виновен некој друг!
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG