Достапни линкови

Каде летуваат политичарите


Главна дестинација е Турција, но дел од политичарите го избираат и Охрид

Главна дестинација е Турција, но дел од политичарите го избираат и Охрид

Повеќето од владините министри неделава одмораат во Турција, додека премиерот вели оти се уште не размислувал за одмор.

Не објави колективен одмор, но како по договор владините министри ги заменија своите работни обврски со оддишка на својата скромно најавена дестинација. Намерно или случајно за повеќето од нив тоа е Турција, а истиот избор го направил и лидерот на опозицијата. Не е познато како дошле до ваквиот консензус, но сите информации говорат дека за сите нив летувањето е пред крај и во текот на викендов се враќаат во Скопје. Премиерот се уште не знае дали ќе користи годишен одмор, вели неговиот портпарол и засега не се знае дали и каде би заминал.
Засега немам ништо планирано, имам многу работа во овој период што престои, така што не ми паднало на памет такво
нешто.


„Засега немам ништо планирано, имам многу работа во овој период што престои, така што не ми паднало на памет такво нешто“, изјави премиерот Груевски.

Од понеделник, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска од одморот во Турција се враќа на работа, најавуваат од службата за односи со јавноста. Во, како што велат, пријателска Турција заминале и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и министерот за одбрана Зоран Коњаноски. Ако не ги сменил плановите, вицепремиерот Зоран Ставревски најави дека ќе го посети родниот Охрид и евентуално неколку дена во Турција. Министерот за правда Маневски рече дека ќе користи еднонеделен одмор во Охрид, а скромен одмор најави и министерот за образование Никола Тодоров.

Бодрум

Министрите Албанци нема да можат да користат подолг од околу пет дена годишен одмор, вели владиниот портпарол поради тоа што треба да бидат присутни на прославата на годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор. Затоа, како што вели, тие се заминати на кус одмор претежно низ Македонија. Иако, претходно Министерот за труд и социјална политика Џелал Бајрами и за економија Фатмир Бесими најавија дека одморот ќе го користат во соседна Албанија.

Боите на Владата во јавноста во моментов ги брани единствено вицепремиерот за евроинтеграции Васко Наумовски кому му се приближува жешка есен и многу обрски коишто треба да бидат исполнети дотогаш. Освен повремените потсетувања дека е тука, деновиве е тивка и опозицијата. Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски заминал во Турција, а на одмор е најверојатно и потпретседателот Заев. Секретарот и останатите од раководството се во Скопје велат во оваа партија.
XS
SM
MD
LG