Достапни линкови

Според познавачите на туризмот, годинешнава е најслаба сезона во последните десет години.

Променливото време со кое изминува летово, економската криза и нискиот стандард на македонските граѓани што стравуваат да трошат за одмор, кои ако одат ги избираат морските дестинации во соседството, или ги праќаат само децата и лошиот маркетинг со отсуство на заедничка грижа и настап на државата, општината и туристичките субјекти на пазарите во земјава и странство, се главните причини поради кои Охрид на крајот од јули, се уште е полупразен и без сезонска посетеност. Според познавачите на туризмот, оваа најслаба туристичка сезона во последните десет години, е последица на слабата понуда, во која нема пакет аранжмани по пониски цени, како што направија другите држави, па затоа домашните туристи Охрид го заменија со Турција, Грција, Албанија и Црна Гора, а странците на крајбрежјето претежно доаѓаат индивидуално.

„Во нашите хотели моменталната посетеност е околу 70 посто. Гостите се претежно од регионот, но и од Холандија и Грција. Како што очекувавме, оваа сезона има извесно намалување во однос на минатите години. Рекордна година беше 2008-ма, во 2009 имавме опаѓање од 10 отсто, што се повтори и годинава. Но, се наоѓаме во екот на економската криза, која во овој регион дојде со задоцнување од две години“, вели Филип Мишески од менаџментот на хотелите Метропол-Белви.

Иако сме во екот на летната сезона, бројот на гостите изминатиот викенд порасна едвај на 12 илјади. Хотелите каде цените за сместување се на ланско ниво од 10 до 70 евра не се исполети ниту половично, а истата слика е и во приватниот сектор, каде ноќевање е од 5 евра во собите до 25 евра во апартманите.

Плажа во Охрид

„Во викендите бројот на туристите во регионот се зголемува од 20 до 30 отсто, во зависност од настаните од културата, случувањата во кафетериите и анимациите на палжите. Во структурата на гостите околу 50 одсто се домашни, а во нив само мал дел се приватно сместени, 30 до 40 проценти се гости кои имаат свои станови во Охрид и тука доаѓаат на викенд со нивните пријатели“, вели Дончо Танески, претседател на ХОТАМ.

„Прекрасно е овде, навечер можам да танцувам, а дење доаѓам на плажа и капење. Ова место во стариот дел на Охрид, каде се доаѓа и пеш е најромантичниот простор што сум го видела.“

„Јас сум од Холандија, во Охрид сум веќе два месеци, тука има прекрасни плажи и забава. Македонија е најубава земја за одмор, прекрасни луѓе сте“, велат воодушевени гостите од Словенија и Холандија.

Тоа е само потврда дека Охрид има прекрасна природа и потенцијал, што со подобра стратегија, спакувано во добри туристички аранжмани, со подобра инфраструктура и промоција би можел да биде една од најпосетените дестинации во регионов, што за ова лето сигурно нема да биде епитет на Охридската ривиера.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG