Антитела, серолошки анализи, PCR тест, САРС КОВ2 и уште многу други зборови кои до пред една година беа непознати за пошироката јавност, денес ги слушаме скоро секој ден. И повеќе или помалку значењето на истите ни станува познато. Не е мал бројот на оние кои биле пациенти со ковид 19, а сега се оздравени и на своја рака прават крвни анализи кои ќе им покажат дали нивниот организам развил антитела на корона вирусот кој претходно ги нападнал.
Иван К. е четирисесетгодишен Скопјанец кој пред некој ден направил таков тест, но резултатите покажале мали траги од присуство на антитела на САРС КОВ2 вирусот.
„Сакав да направам тест за да бидам посмирен за понатаму, да не бидам под постојан стрес дали пак ќе се заразам, ако веќе еднаш сум ја преживеал болеста. Но за жал, тестот покажа многу малку антитела и сега не знам дали тоа ми е некаква гаранција дека нема по втор пат да заболам. Јас се придржувам максимално до препораките, но не знам дали тоа ќе биде доволно“, вели Иван.
Дилемите за тоа дали и колку антителата нудат одредено ниво на заштита од корона вирусот, особено кај оние кои ја прележале болеста, ги разјаснува професорот Александар Петличковски, раководител на Институтот за имунологија при Медициснкиот факултет во Скопје. Тој објаснува дека имунитетот на ковид не зависи само од антителата, туку и од таканаречените лимфоцити и тој имунитет е подеднакво важен како и оној што е обезбеден од антителата.
„Антителата многу полесно се детектираат во серум на еден испитаник и затоа многу повеќе податоци има за овој параметар. Ако кај некој човек се детектираат антитела кон ковид, скоро сигурно тој човек има имунитет и барем во оваа сезона, а многу веројатно и подолго од 7 д 8 месеци има имунитет кој го штити од нова инфекција со корона вирусот. Значи тие луѓе кои поминуваат ковид 19 болест, може да имаат, но и не мора да создадат антитела. Но независно од тоа што некои од луѓето нема да создадат антитела, скоро сите кои ја поминале болеста, имаат имунитет на овој вирус“, објаснува проф. Петличковски.
Последните светски истражувања пак, покажуваат дека некои луѓе може да имаат антитела откако ќе се изборат со настинка, што исто така може да понуди одредено ниво на заштита од САРС-КоВ-2 вирусот. Професорот Петличковски вели дека ова се однесува најмногу за децата.
„Има веројатност да, особено ова се однесува на децата, има можност деца што често биле во контакт со корона да имаат имунитет и тие вопшто да не заболат од корона вирусот. Постои еден вид на тоа се нарекува „вкрстена реактивност“, ако човек бил во контакст со вирус многу сличен на САРС КОВ2, имунитетот кој го создава кон тој вирус може да биде делумна заштита и кон корона вирусот. Но, заштитата не е сто процентна, или ќе помине кај некои со поблаг тек на болеста, а други може и воопшто да не заболат“, вели проф. Петличковски.
Студијата деновиве беше објавена онлајн во списанието „Сајнс“. Имено, истражувачи во Лондон работеле на развој на нови, почувствителни тестови со кои се испитуваат антитела за Ковид 19. Во текот на проверката колку добро се одвиваат новите тестови, истражувачите донеле донекаде изненадувачко откритие дека некои луѓе се чини дека имале антитела што реагираат на Ковид-19 иако никогаш го немале вирусот.
Оздравен пациент: Иако го победив, корона вирусот остави траги
Тестовите со кои се покажува дали лицето развило антитела на корона вирусот се прават преку крвни анализи, а деновиве граѓаните се почесто ги прават на своја рака и најчесто во приватните лаборатории. Петличковски вели дека тестовите се достапни и во јавните здравствени установи, но тие се прават преку матичните лекари со соодветен упат и треба да има оправданост зошто се прави тестот.
„Има доста луѓе кои на своја рака ги прават тестовите, но има и органзирани групи здравствени работници кои ги прават баш со цел да се добие сознание кои луѓе ја поминале болеста, па да се планираат ротациите, изложеноста и сл. Значи да, тестовите се достапни, не се скапи, тие се на товар на фондот за здравство и најважното тие се со проверен квалитет“, вели проф. Петличковски.
Лекарите советуваат лицата кои ја поминале болеста да продолжат да се однесуваат според протоколите и да ги почитуваат мерките исто како да не ја поминале болеста. Во однос на посебна витаминска терапија, стручните совети се дека нема потреба од премногу додатоци и витамини во исхраната, туку само да се води здрав живот.
Во меѓувреме бројот на заразени од корона вирус во земјава не престанува да се намалува. Последната недела бројките на заразени се над 1000 пациенти дневно, а бројот на починати секој ден е двоцифрен. Министерството за здравство деновиве апелира до граѓаните во периодот на слави кој претстои максимално да бидат одговорни и да ги почитуваат мерките за заштита. Од таму потсетуваат дека домашните прослави и групирања беа главна причина за време на првиот бран да се влоши епидемиолошката состојба и порачуваат да не дозволиме повторно тоа да се случи.
Инаку со измените на Законот за заштита на населението од заразни болести се забранува собирања во групи (групирање) на повеќе од четири лица на јавен простор, односно паркови, јавни површини или каде било на отворен простор во текот на целиот ден.