Достапни линкови

Заев си замина, короната остана


Зоран Заев јавно ја први првата доза вакцина против ковид-19 од Синофарм - Скопје, 6 мај 2021
Зоран Заев јавно ја први првата доза вакцина против ковид-19 од Синофарм - Скопје, 6 мај 2021

Минавме уште една пандемиска година, но за разлика од 2020-та, кога сите муабети почнуваа и завршуваа со коронавирусот, а сите други настани беа во негова сенка, во 2021-та како да се навикнавме на „новото нормално“, па други случувања го истиснаа ковидот од насловните страници. Повеќе се зборуваше за локалните избори, пописот, спорот со Бугарија, оставката на Заев.

Во текот на целата година политичката сцена беше преокупирана од тоа дали владината коалиција има или нема парламентарно мнозинство, со оглед на тоа што партнерите предводени од СДСМ и премиерот Зоран Заев постојано беа блиску до работ, односно до бројот 61, изразен во пратеници во Собранието.

Во почетокот на март, по неколку изјави од страна на опозицијата дека „се крои ново парламентарно мнозинство, со помош на коалициски партнери на СДСМ“, Заев неочекувано побара во Собранието да се гласа за доверба на Владата. Пред гласањето, тој образложи зошто се одлучил на оваа постапка.
„Со оваа постапка еве, застанувам пред вас, во име на владата, и ја преземам одговорноста да барам доверба на владата. Да го видиме на дело тоа толку најавено мнозинство од опозицијата која ќе ја падне владата. Ова е моментот со кој ќе им покажеме на граѓаните колку се вистина зборовите на опозицијата“, рече Заев.

Со 62 гласа за, ниту еден против и ниту еден воздржан, Собранието и изгласа доверба на Владата, а пратениците од опозицијата не беа присутни во моментот на гласање.
Но, „тенкото“ мнозинство и подоцна ја комплицираше работата на Собранието, кое постојано функционираше на работ на кворум.

Локални избори со голем влог

Во почетокот на август, пред летниот одмор на пратениците, претседателот на парламентот Талат Џафери ги распиша локалните избори за 17 октомври. Иако ваквите избори обично не предизвикуваат големо внимание како парламентарните, сепак овој пат беше малку поинаку, затоа што влогот беше зголемен со најавата на премиерот Заев дека ќе поднесе оставка доколку кандидатот на владејачката коалиција за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов ги загуби изборите. За нивна несреќа, тоа и се случи. ВМРО ДПМНЕ славеше победа во поголемиот дел од општините, а во Скопје победи независната кандидатка Данела Арсовска, која беше поддржана од опозицијата.

„Македонијо, вечерва почнуваш да го живееш нашиот голем сон, за нова иднина и надеж за секој човек. Македонија мора да се менува, а промените започнаа вечерва. Надежта ја победи апатијата и нејзината сила ќе расте“, рече тогаш лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Сепак, резултатите од изборите паднаа во сенка на објавата на Заев дека ќе остане на дадениот збор.

„Ја преземам одговорноста на себе за ваквиот развој на политичките настани, заклучно со резултатите на овие избори. Поднесувам оставка од премиер и од претседател на СДСМ. И во вакви околности останувам на ставот дека не треба да има вонредни парламентарни избори“, изјави Заев.

Поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев и неговиот наследник Димитар Ковачевски
Поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев и неговиот наследник Димитар Ковачевски

Подоцна членството на СДСМ го избра Димитар Ковачевски за нов лидер на партијата, кој ја имаше силната поддршка на неговиот претходник. Кон крајот на годината во Собранието беше констатирана и оставката на Заев од функцијата премиер.
Неколку дена по изборите, Мицкоски на Фејсбук објави дека заедно со неколку партии на Албанците и со Левица формирале ново парламентарно мнозинство.

„Новата иднина доаѓа, ново време и нова надеж. Не чекаат силни предизвици, свесни и благодарни за поддршката заедно ќе успееме. Македонија ќе успее! Имаме ново парламентарно мнозинство“, напиша Мицкоски во својот пост.

Сепак, амбициите на опозицијата паднаа во вода, откако на денот на гласањето недоверба на владата еден од нивните пратеници не се појави во Собранието, односно немаше 61 глас за паѓање на кабинетот на Заев. Опозицијата ја обвини власта дека со уцени и притисоци не му дозволила на пратеникот да гласа.

„Ако се потврди уште еднаш трговијата со пратеници, тогаш се поставува прашањето дали воопшто вреди човек да се занимава со политика во оваа наша Македонија додека постои оваа власт предводена од Зоран Заев. Ова е срам и им се извинувам од мое име и од името на ВМРО ДПМНЕ на граѓаните што мора да бидат сведоци на една ваква циркуска претстава“, рече Мицкоски.

Од друга страна, партијата Алтернатива донесе одлука да влезе во владината коалиција, со што се зацврсти парламентарното мнозинство што ја поддржува Владата.

Нема пробив во евроинтеграциите

Една од причините за изборниот пораз на СДСМ, според познавачите, е неуспехот да се направи „пробив“ во европските аспирации, односно добивање датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ. По решавањето на спорот со Грција, „дежурен виновник“ за тапкањето во место е Бугарија, која освен со неколкуте услови кои треба да ги исполни Македонија, дополнително ја „закочи“ работата и со неколкуте вонредни парламентарни избори и неуспешни обиди да формира влада.

Во првите 6 месеци од 2021 година претседавач на ЕУ беше Португалија, која излезе со свој предлог за надминување на македонско- бугарскиот спор. Во мај во Софија и во Скопје допатуваа шефот на португалската дипломатија Аугусто Силва и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кои го презентираа предлогот на Лисабон. Веднаш по посетата, бугарските претставници го оценија предлогот како неприфатлив, додека Заев беше попретпазлив со оцените, истакнувајќи дека сериозно и одговорно ќе ги разгледа сите детали од предложеното решение.

„Важно е дека, во овој момент јасно и одговорно можеме да кажеме дека предлогот е добра основа за постигнување решение за проблемот, решение со кое ќе се отстранат сите пречки и ќе се отворат преговорите преку одржување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија“, рече Заев.

Силва, пак, изјави дека нивна цел е да добијат одобрување од сите земји членки на Европската унија за преговарачката рамка со Албанија и Република Северна Македонија.

„Имавме навистина плодна работна средба и таа ни даде увид во позициите, во интересите и во ставовите на Република Северна Македонија, а сметаме дека тоа ќе ни помогне во нашата работа со претседателствувањето“, рече Силва.

Но, помина и португалското претседателство, без никакво поместување, а кон крајот на септември во одвоени посети на Скопје престојуваа Вархеји и претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен.

Иднината на Северна Македонија е во ЕУ и ве сакаме покрај нас. Сега ЕУ треба да испорача, не губете верба, но треба да направиме уште еден чекор напред, порача фон дер Лајен.

„Со двете страни работиме и разговараме, и со Бугарија, со цел да ја надминеме оваа последна пречка. Има многу добри идеи за коишто вреди да се размисли, сè со цел да ја надминеме последната пречка и да започнеме со првата меѓувладина конференција. Наша цел е да ги почнеме преговорите со Северна Македонија и со Албанија пред крајот на годината. Има многу работа, сметам дека е добар процес, многу разговори, зашто што има многу теми коишто може да се решат со добар дијалог, со инвестирање на добри идеи за тоа како да се решат проблемите. Севкупната цел е да се започне со пристапниот процес којшто веќе не треба да биде попречуван од овие теми“, рече таа.

Со слични пораки во декември во Македонија дојде и високиот американски дипломат Габриел Ескобар.

„Сакам да ја изразам нашата благодарност до Северна Македонија за нивната континуирана поддршка и посветеност кон НАТО и исто така сакам да ја изразам силната поддршка на нашата администрација за брза евроинтеграција на Северна Македонија и ние работиме со нашите европски партнери да обезбедиме тоа да се случи многу брзо. Мислам дека сите може да се согласиме дека Северна Македонија културно, историски и сè повеќе економски е дел од Европа и вие треба да имате свое место на масата. Во тој поглед, ние ќе продолжиме да ги поддржуваме вашите напори да покажете флексибилност во процесот на интеграција и во спроведувањето на натамошните реформи тоа да стане реалност“, изјави Ескобар.

Во октомври беше објавен извештајот на ЕК за напредокот на земјата во европските интеграции, во кој беше наведено дека Македонија ја покажала својата посветеност да постигне резултати во клучните области. Еврокомесарот Вархеји порача дека отворените прашања меѓу земјата и Бугарија мора итно да се решат.

„Политиката на проширувањето е процес на заслуги. Двете земји ги испорачаа реформите и ги исполнија условите за отворање на преговорите. Клучно е земјите членки на ЕУ да ги усвојат рамките за преговори за првите меѓувладини конференции да се одржат што побрзо, оваа година. Ова е есенцијално за кредибилитетот на ЕУ“, рече Вархеји.

Тој додаде дека Северна Македонија покажала посветеност и прогрес во спроведување на реформите особено во делот на владеење на правото, правосудството и борбата против корупцијата. Земјата, како што истакна, треба да продолжи со реформите во борбата против корупција како и реформите во јавната администрација.

Во обидите да се реши спорот со Бугарија, премиерот Заев, според многумина аналитичари, можеби отиде предалеку, кога во септември изјави дека ќе се брише терминот „бугарски“ во контекст на фашистички и дека така било и во Европа.

„Дали подаваме рака кон сегашните генерации и кон идните генерации, е суштината на наративот што го користиме. Таму останува „фашистички окупатор“ и нема причина некој нешто ни да помислува да смени, ни па некој бара да се смени. Ниту споменик да се тргне, ниту „фашистички окупатор“ да се тргне“.
Вака Заев го бранеше она што го изјавил во врска со тоа прашање, што предизвика бурни реакции на негодување во јавноста.

Блокада на ВМРО-ДПМНЕ: власта да каже дали преговара за идентитетот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:03 0:00

Опозициската ВМРО ДПМНЕ во јуни изведе блокади на улици во 10-ина градови, тврдејќи дека премиерот Зоран Заев и специјалниот претставник на владата Владо Бучковски тајно преговараат со Софија и барајќи од власта да каже дали јазикот и идентитетот биле дел од разговорите.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски им се извини на скопјани за сообраќајниот метеж од нивните блокади и побара од владата да биде транспаретна за разговорите.

„Заев и Бучковски договараат, преговараат, но македонската јавност не знае што е тоа што го преговараат, односно затоа сме сите ние тука, да го кренеме гласот и да побараме од власта да ни покаже што стои на масата, дали се преговара повторно за македонскиот идентитет, дали се преговара за нацијата, за културата, за јазикот и каков е тој патоказ, договор, или што и да е“, рече Мисајловски.

Во меѓувреме, Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања одржа неколку состаноци, но по секоја средба соопштенијата беа речиси идентични- „нема напредок“.

И покрај сите дипломатски напори, изјави и пораки од европски политичари, сепак во декември на самитот на ЕУ не беше утврден датум за почеток на преговорите со Македонија и Албанија.

„Советот со нетрпение го очекува одржувањето на првите меѓувладини конференции со Република Северна Македонија и со Албанија што е можно поскоро по одобрувањето на преговарачките рамки од страна на Советот”, се вели во заклучоците за проширувањето на Европската унија.

Состанок во Тирана на лидерите на иницијативата „Отворен Балкан“, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Република Албанија Еди Рама и македонскиот премиер Зоран Заев.
Состанок во Тирана на лидерите на иницијативата „Отворен Балкан“, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Република Албанија Еди Рама и македонскиот премиер Зоран Заев.

Мини Шенген стана Отворен Балкан

Како дополнителен ангажман во обидите за приближување до ЕУ, Македонија заедно со Албанија и Србија го лансираа проектот кој во почетокот го нарекуваа „Мини Шенген“, а на средбата во јули во Скопје, доби ново име, „Отворен Балкан“.

Главни цели на проектот, се заеднички регионален пазар кој ќе понуди подобар живот на граѓаните и многу поволности за нив, нула минути чекање на границите и да нема царини меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија.

До крајот на годината беа одржани уште неколку состаноци меѓу премиерите Заев и Еди Рама и претседателот Александар Вучиќ, на кои беа потпишани повеќе договори и одредби, но за првите конкретни ефекти од „Отворен Балкан“ треба да почекаме.

Регионалната соработка дојде до израз и во почетокот на годината, кога Македонија ја доби првата пратка вакцини против Ковид-19 од Србија. На граничниот премин Табановце српскиот претседател Вучиќ, кој тогаш предничеше во брзата набавка на долгоочекуваните вакцини, му ја предаде пратката на премиерот Заев.

„Оваа солидарност и поддршка е израз и на традицијата во регионот која е повторно на сцена- првата рака на помош да се подаде кон најблискиот сосед, кон комшијата. Овој чин ги зацврстува и им дава светла перспектива на односите меѓу Србија и Северна Македонија кои, бездруго, се традиционално пријателски“, рече Заев во своето обраќање.

Една неволја никогаш не доаѓа сама

А вакцинирањето не одеше така како што се надеваа здравствените власти. Иако по почетното „неснаоѓање“ подоцна се стабилизира набавката, сепак многу граѓани не се одзваа на повиците да се вакцинираат за да се стекне колективен имунитет.

Паралелно со тоа, се воведуваа построги мерки или нивни олабавувања, во зависност од таканаречените бранови на болеста. Првиот голем налет на ковид-19 беше во март и април, кога бројот на заболени и починати достигнуваше рекорди.

„Предложивме воведување на полициски час од 22 часот навечер до 5 часот наутро, на територија на цела држава започнувајќи од 10 март. Овој предлог е поради тоа што изминативе недели најмногу инфицирани има поради трансмисија на вирусот преку собири, но и непочитување на воведените мерки за носење заштитна опрема, држење дистанца и негрупирање. Апелирам на дисциплина која во моментов ни е најпотребна затоа што тоа е единствениот начин да се спречи неконтролирано ширење на Ковид 19“, соопшти на почетокот на март министерот за здравство Венко Филипче.

По летното релативно смирување на ширењето на вирусот, кон крајот на август па се до ноември повторно беа регистрирани голем број заболени и починати.

А дека една неволја никогаш не доаѓа сама, потврди пожарот во модуларната болница во Тетово во септември, кога загинаа 14 ковид- пациенти.

Јавноста бараше одговорност од надлежните, а министерот Филипче, неговиот заменик и двајца директори на болницата понудија оставки.

„Јас апсолутно ќе чекам да заврши истрагата. Не бегам ниту од одговорноста во однос на наодите на истрагата, ниту пак од моралниот момент. Така што, нека покаже истрагата, сепак треба да видиме дали и каде тоа ќе се дефинира како точка на одговорност на кое било ниво во целокупниот овој менаџмент“, рече Филипче по несреќата.

По речиси еден месец, откако во истрагата беше утврдено дека причина за пожарот е најверојатно неисправен кабел, премиерот Заев не ги прифати оставките.

„Нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот, доктор Венко Филипче и заменик министерот за здравство, доктор Илир Хасани, кои потсетувам, од морални причини поднесоа оставки кои чекаа на мојата одлука. За евентуалните грешки причинети од човечки фактор ќе се произнесат надлежните органи“, нагласи Заев.

Ни Пописот не одеше мазно

По 19 години, во Македонија конечно беше реализиран попис на населението. Но, и оваа операција не одеше „мазно“. Законот за попис беше донесен во јануари, според кој операцијата би се извела во април, но веќе во февруари ВМРО ДПМНЕ најави дека ќе иницира референдум на кој граѓаните би потврдиле дека се против одржување попис во време на пандемија, па собраа и потписи за поддршка на тоа барање. Имаше и обвинувања дека се подготвува фалсификуван попис за бројот на одредени заедници во Македонија.

Кон крајот на март, неколку дена пред утврдениот почеток на пописот, лидерите на двете најголеми партии, Заев и Мицкоски на тет-а-тет средба договорија одлагање на статистичката операција за септември.

По многу перипетии и технички проблеми, како и повици за бојкот, сепак пописот беше изведен од 5 до 30 септември. Беше соопштено дека за време на Пописот 2021 попишани се 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови. За 20 години Македонија загубила 190 илјади луѓе. Помалку од 10 илјади луѓе одбиле да се попишат и за нив ќе бидат поведени постапки. Резултатите од пописот се очекуваат до крајот на март 2022 година.

„Со сигурност знаеме дека целосно и успешно го опфативме населението кое во овој момент живее во државата. Целата активност е спроведена во рамките на очекуваното, особено со оглед на тоа дека 20 години немаме пописни податоци и немавме точна претстава со што ќе се соочиме на терен“, рече директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски.

Македонската фудбалска репрезентација, од аеродромот во Скопје, замина за Букурешт, каде за првпат ќе настапи на Европско првенство, 8 јуни 2021
Македонската фудбалска репрезентација, од аеродромот во Скопје, замина за Букурешт, каде за првпат ќе настапи на Европско првенство, 8 јуни 2021

Фудбалерите на Европско, сребро на Олимпијада

На крајот од прегледов ќе ги спомнеме и настапот на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство, прво учество на големо натпреварување, како и освоениот сребрен медал во теквондо на Дејан Георгиевски на олимписките игри во Токио, со надеж дека во 2022 година ваквите вести ќе бидат доминантни во медиумите.

  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG