Достапни линкови

Комплекс на пропусти и одговорности за пожарот во тетовската болница


Еден ден по пожарот во ковид болницата во Тетово
Еден ден по пожарот во ковид болницата во Тетово

Кој ќе одговара за фактот дека дефибрилатор бил вклучен на продолжен кабел, потоа зошто немало прегради за да се успори огнот, како и тоа дали имало противпожарни апарати се прашањата кои произлегоа од првичните сознанија за истрагата за пожарот во ковид болницата во Тетово.

Првичните сознанија од истрагата за пожарот во ковид болницата во Тетово ја открија причината за трагичниот настан, но отворија и други прашања за тоа кој се може да сноси одговорност. Имено, во соопштението на тетовското обвинителство ,меѓу другото, беше наведено и дека кон ширењето на огнот придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постоеле прегради помеѓу модулите/просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот.

Адвокатот и поранешен судија во Кривичниот суд, Владимир Туфегџиќ вели дека во овој момент нема простор за било каков коментар, особено од причина што истрагата не е завршена.

„Во таа смисла сметам дека треба да се причека крајот на истражната постапка, а тоа значи да надлежниот јавен обвинител ги презентира официјално резултатите од целосно спроведената истрага и дури тогаш јавното обвинителство може да цени и да процени каква јавнообвинителска одлука ќе донесе. Се што би се коментирало пред тоа би значело шпекулација и на некој начин штети на самата истражна постапка и ја компромитира истрагата, бидејќи првичниот извештај за пожарот во модуларната болница е само еден дел, од еден сет на истражни дејствија и докази по кои претпоставувам дека постапува надлежниот јавен обвинител“, вели Туфегчиќ.

Причината за пожарот во кој животот го загубија 14 лица е прегреан продолжен кабел на кој бил приклучен дефибрилатор, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат. Соопштението на тетовското обвинителство не понуди одговори за тоа дали во ковид болницата имало противпожарни апарати, односно дали бил вграден систем за детекција на чад, систем за гасење на пожар, и ако не е, зошто го немало.

Поранешниот претседател на Советот на јавни обвинители, Константин Кизов вели дека сега треба да се утврди на кого е пропустот за приклучувањето на дефибрилаторот на продолжениот кабел. Според него, ако биле предвидени противпожарни апарати, а не биле инсталирани, одговорност ќе треба да сноси фирмата која го добила тендерот и надлежното министерство.

„Набавката, изведувачот, приемот, ракувањето, тука е комплекс на пропусти и одговорности. Затоа се вклучени пет обвинители кои треба да ја утврдат поединечно на секако одговорноста“, вели Кизов.

Кизов: Има комплекс на пропусти и одговорности за пожарот во Тетово
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:55 0:00
Директен линк


Јавната набавка за модуларните болници беше спроведена од Министерството за труд и социјална политика со заем од Светска банка. Фирмата Брако и ЈБТ АРИ и ТОМ од Валандово ја добија набавката на контејнерите за модуларните болници. Додека пак само фирмата Брако ја доби набавката за инвентарот и опремата во ковид центрите.

Премиерот Зоран Заев соопшти дека не ги прифаќа оставките од министерот за здравство Венко Филипче и заменик министерот Илир Хасани бидејќи кај нив немало причина да се лоцира политичка или менаџерска одговорност.

„За евентуалните грешки причинети од човечки фактор ќе се произнесат надлежните органи“, нагласи Заев.

Филипче и Хасани поднесоа оставки од морални причини, а претходно тоа го сторија и директорите на клиничката болница во Тетово, Фљорим Бесими и Артан Етеми. Првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби изјави дека оставките на директорите се неотповикливи.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека премногу фокусот се става на политичката одговорност наместо кривична одговорност.

„Со самиот овој фокус на политичката одговорност се релативизира кривичната одговорност. А, ако кривичната одговорност покаже дека имало неодговорно однесување и на највисоките функции кога ќе заврши постапката сигурно ќе ги повика и на политичката одговорност. Но, овој случај не гледам зошто најважна работа е политичката одговорност. Треба да се инсистира да се заврши истрагата и тие што се криви да се соочат со правдата и врз основа на тоа да се донесе одлуката дали тука има и политичка, морална одговорност или не“, вели Мусилу.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива за свикување на итна седница на Собранието со две точки на дневен ред Одлука за разрешување на Филипче и Хасани.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски порача дека како човек никогаш нема да прифати дека за смртта на 14 луѓе во Тетово може да биде виновен кабел или нечиј полнач за телефон, без да има одговорност за нефункционирањето на системот за кој министерот и заменик министерот се директно одговорни за животите на пациентите во болницата.

„Заев треба да престане да се надева дека ќе веруваме во неговите глупости кои имаат јасна цел - да ја сокријат објективната вина, негова и на неговите министри. Кој дозволил таква инсталација во болницата и немање на противпожарни апарати? Кој дозволил опасни боци на кислород во необезбедена болница? Кој дозволил роднини на пациенти и други цивили во болницата? И кој друг ако не министерот, заменикот министер и самата Влада е одговорна за животот на пациентите“, порача Мицкоски.

Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села го обвини Заев, дека вината за за трагедијата во Тетово да ја префрли на медицинскиот персонал и да го спаси Филипче.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG