Достапни линкови

Европска зима без руски гас - опасност за шумските ресурси


Додека владите во Европа се под огромен притисок да го намалат растот на цените на енергенсите оваа зима, а Русија ги намалува испораките на гас, многу Европејци решението го видоа во набавката на огревно дрво.

Сепак, по предупредувањата дека согорувањето дрва поттикнува неодржливо уништување на шумите и емисии на штетни гасови, употребата на огревно дрво би можела да биде ограничена во земјите од Европската унија, пишуваат светските медиуми.

Огревното дрво како „ново злато“

Во време кога рускиот претседател Владимир Путин ја прекинува испораката на гас за Европа, а официјалните лица и аналитичарите предупредуваат на можноста за рационализација и прекини во зима, неколку европски земји страдаат од недостиг и зголемени цени на огревно дрво, пишува Вашингтон пост.

Опциите на ЕУ за избегнување на енергетската криза поврзана со гасот

По затворањето на гасоводот Северен тек 1 на крајот на август, Путин најавува дека целосно ќе го прекине снабдувањето со енергија за Европа. „Нема да испорачаме гас, нафта, јаглен, нафта за греење - нема да испорачаме ништо“, рече Путин за време на економскиот форум во Владивосток.

И покрај тоа што жештините ја изгореа Европа ова лето, потрошувачите во паника почнаа да трупаат огревно дрво, поради што цените растат, додека печките на дрва и јаглен во неколку земји речиси беа распродадени.

Во унгарското село Аг, според американскиот весник, цените на огревното дрво се речиси двојно зголемени, а во Германија е забележан пораст на кражбите на дрва во шумите. Крадците, чувствувајќи можност, крадат трупци од камиони, а измамниците поставуваат лажни веб-страници, претставувајќи се како продавачи на дрво, за да ги измамат очајните потрошувачи.

„Огревното дрво е новото злато“, вели една жителка на Бремен. Властите предупредија дека нелегалната сеча и емисиите од постарите печки го прават горењето дрва далеку од еколошки.

Сепак, во пресрет на непредвидлива зима, многу европски потрошувачи се повеќе се чувствуваат како да немаат избор и стануваат се поочајни, пишува Вашингтон пост, посочувајќи на предупредувањата на некои аналитичари дека во Европа оваа зима „ќе има сиромашни луѓе кои ќе се соочаат со алтернативата или да гладуваат или да мрзнат.“

Штетноста на пелетите

Од друга страна, според Њујорк тајмс, европските парламентарци гласаа за постепено укинување на некои субвенции за дрвна енергија, што е признание дека годините на стимулации придонесоа за уништување на шумите и губење на заштитените шуми во Европа без да успеат да ги ограничат штетните емисии.

Европските влади, објаснува весникот, почнаа да субвенционираат енергија од дрво пред повеќе од една деценија како начин да ги поттикнат електраните и сопствениците на куќи да се оддалечат од нафтата и природниот гас, по што се отвори пазар за дрвени пелети, кои се продаваат како еколошки решение.

Сепак, Њујорк Тајмс укажува на некои истражувања дека согорувањето пелети ослободува повеќе јаглерод отколку јагленот. Со години владите нудат милијарди евра даночни олеснувања и финансиски стимулации за купувачите и производителите на пелети.

Ваквите стимулации кои поттикнуваат сеча на дрвја најверојатно ќе бидат нелегални во 2024 година, пишува весникот, додавајќи дека енергијата од отпадот од струготини, дрвјата исечени за спречување пожари и природно исечените дрвја сè уште ќе бидат прифатливи за субвенции.

„Уништувањето на шумите за користење енергија не е ниту одржливо, ниту и помага на нашата енергетска независност“, рече Тиемо Воелкен (Велкен), германски пратеник во Европскиот парламент кој го поддржа укинувањето на субвенциите.

Сепак, посочува Њујорк Тајмс, гласањето ги остава клучните детали нејасни и нема да има промени најмалку една година. Деталите, додава весникот, мора да бидат разработени во дискусиите меѓу владите на ЕУ, што значи дека лобирањето за ова прашање ќе продолжи.

Енергетската криза и климатските цели

Согорувањето на примарната дрвна биомаса и нејзината категоризација како обновлив извор на енергија стана тема на интензивна дискусија меѓу политичарите, научниците и активистите ширум светот, а дополнително беше интензивирана со енергетската криза и климатските цели на ЕУ, според до Фајненшл Тајмс.

Колку пари ќе добие Македонија од ЕУ за справување со енергетската криза?

Примарната дрвна биомаса, или дрвото земено директно од шумите, ќе продолжи да се користи како гориво според предложените правила на ЕУ за чиста енергија, по клучното гласање од страна на Европскиот парламент на 14 септември. Сепак, објаснува лондонскиот весник, во наредните години нема да биде дозволено да се користи повеќе од просечната годишна количина согорена во последните пет години и поголем дел од примарната дрвна биомаса повеќе нема да се субвенционира.

Гласањето за дрвната биомаса беше дел од поширокиот преглед на целите на ЕУ за обновливи извори на енергија, кои станаа во фокусот откако Русија почна да ја прекинува испораката на гас во Европа по нејзината инвазија на Украина, пишува Фајненшл тајмс, истакнувајќи дека енергетската криза се зголемила.

Пред извесно време претставниците на Европскиот парламент одобрија нова цел за обновливи извори на енергија што ќе сочинуваат 45 отсто од енергијата до 2030 година, во споредба со претходната цел од 32 отсто поставена во 2018 година.

Биомасата сочинува околу 60 отсто од обновлива енергија во ЕУ, а Брисел ќе се бори да ја исполни својата цел за обновлива енергија без неа. Од вкупното количество дрво што се користи во Европската унија за производство на биоенергија, речиси 40 отсто потекнуваат од примарни извори на дрво, се вели во минатогодишниот извештај на Заедничкиот истражувачки центар на ЕУ.

Предупредувањата на активистите

Активистите предупредуваат дека плановите на Европскиот парламент да стави крај на јавните субвенции за еколошки деструктивната практика на палење дрва може да биде „задоцнети“, пишува Гардијан.

Повеќе од 500 научници минатата година ги повикаа светските лидери да ги прекинат субвенциите за согорување дрва, велејќи дека огромното зголемување на емисиите на јаглерод предизвикано од сечењето дрвја создава „јаглероден долг“ што светот нема време да го отплати. „Дрвјата се повредни живи отколку мртви и за климата и за биолошката разновидност“, напишаа тие.

Метеоролози - Нè очекува поблага зима

Гласањето на европратениците уследи по истрагата која откри дека дрвјата во заштитените шуми во Источна Европа се сечат и се претвораат во пелети за загревање.

Студијата, спроведена од Американската агенција за истражување на животната средина (EIA) во соработка со Гринпис Романија, користела мапи, официјални податоци и теренска работа за да го следи патот на трупците стари од 120 до 130 години од древните шуми до фабриката за пелети што ги снабдува клиентите во Франција, Италија и Полска.

Според податоците, околу 40 отсто од регистрираните пратки со дрва од романските шуми доаѓаат од заштитени подрачја. Од друга страна, додава Гардијан, податоците на Европската комисија покажуваат дека ЕУ во 2020 година потрошила 13 милијарди евра за субвенции за биоенергија, што е помалку од 17 милијарди евра претходната година.

Невладините организации велат дека повеќето од тие субвенции одат за електраните, но би можеле да бидат подобро насочени кон поддршка на чиста технологија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG