Достапни линкови

Дел скопјани не се спокојни- парно де има, де нема


Граѓаните кои се поврзани на топланата Скопје-Север користат алтернативни начини на греење, бидејќи парно немаат. Топланата денеска потпиша договор со АД ЕСМ со што ќе се реши проблемот со греењето во реонот. Од АД ЕСМ велат дека е набавен гас за декември.

Петти ден по ред радијаторите во домовите на жителите на населбите Чаир, Топанско Поле, Скопје Север и Бутел се ладни, бидејќи топланата „Скопје Север“ не им обезбедува топлинска енергија. Проблемот не е нов, бидејќи како што велат жителите и лани имале прекини во греењето. Од петокот попладне тие се оставени без парно, иако како што вели Горан Пендаровски од Скопје Север редовно си ги подмируваат сметките.

„Со греалки така некако се грееме. Сакаме да бидеме на чисто и да знаеме дали цела зима ќе бидеме без греење па да се снаоѓаме“, вели Пендаровски кој живее во една од трите кули во Скопје Север.

Пендаровски додава дека не очекува од сметките да им биде одземена сумата за периодот кога немале греење.

„Ние сме една капка во водата наспроти корисниците преку реката Вардар. Но, ќе се шлепаме на основните, средните школи и градинки“, додава тој.

Околу 500 домаќинства од реонот се приклучени на топланата Скопје Север. Настава во училиштата кои се наоѓаат во овој реон овие денови нема, а ни градинките не примаат деца.

Во меѓувреме топланата Скопје Север и АД ЕСМ денеска потпишаа договор за деловно-техничка соработка со што треба да се реши проблемот. Тоа значи дека АД ЕСМ го презема управувањето со топланата и затоплувањето на нејзините корисници.

Претходно од топланата Скопје Север побараа наместо со гас, греењето да продолжи со мазут, но Град Скопје не дозволи. Министерството за животна средина забрани топланите да користат мазут или дизел како гориво поради тоа што немаат филтри, а гасот и покрај светската енергетска криза е достапен на пазарот.

АД ЕСМ: Греење ќе има

Од АД ЕСМ денеска соопштија и дека испораката на топлинска енергија за граѓаните на Скопје тече непречено и дека така и ќе продолжи и во следниот период. Природен гас за месец декември, како што соопштија, е набавен од МАКПЕТРОЛ ПРОМ-ГАС и топлинска енергија од ТЕ ТО.

„АД ЕСМ продолжува со практиката за набавка на природен гас во покуси временски периоди поради финансиски подобрите услови“, велат од АД ЕСМ од каде ги демантираа и објавите во некои медиуми дека гас има само за денеска.

Државното акционерско друштво ЕСМ од оваа грејна сезона го презеде парното греење со Скопје, откако претходно му беше одземена лиценцата за работа на досегашниот снабдувач БЕГ.

Владата постојано уверува дека нема да ги остави скопјани без парно откако цените на енергенсите скокнаа на светските пазари поради конфликтот во Украина. Но, откако започна грејната сезона се набавува природен гас на краток период, поради промената во цената на енергенсот на светските пазари. Имено, тоа се калкулациите на владата, која се надева на поевтини цени на енергенсот.

Доцнат сметките за октомври

Оттаму информираа и дека во тек е и изработка на фактурите за топлинска енергија за октомври, кои, како што најавија од АД ЕСМ, доцнат поради потребните технички подготовки за нивна изработка и ќе имаат соодветен рок за плаќање.

„Откако ЕСМ Продажба го презема управувањето, има распишано тендер за компанија за билинг-системот и тендерот завршил со жалба од една компанија. Поради тоа и сметките не се доставувани, а во фаза на изработка е продолжувањето на електронското плаќање“, рече првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски во изјава за ТВ24.

Според Бислимоски, нема да има пресметка на затезна камата за сметките за октомври, а за ноември тој очекува навремено да пристигнат на адресата на потрошувачите. Дали ќе има евентуално поскапување на парно греењето од 1 јануари, како што рече Бислимоски, зависи од цените на природниот гас на берзите.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG