Хаос на аеродромите - авиоиндустријата ги трпи последиците од пандемијата

Илустрација

Откажани или одложени летови, изгубени куфери, чекање со часови и метеж, ваква е сликата летово низ европските аеродроми. Што го предизвикува хаосот на аеродромите и дали и како авиоиндустријата се справува со последиците од ковид пандемијата?

Откажани или одложени летови, метежи на аеродромите.

Голем број патници во авио-сообраќајот се соочуваат со вакви проблеми изминатиов период.

Симона Ристевска која требало да патува од Германија до Македонија вели дека летот и бил откажан во последен момент, а одново закажаниот доцнел повеќе од еден час.

„Или ги откажуваат или ги пренасочуваат за други денови или доцнат. Сега ќе летаме за Берлин. На доаѓање наваму кога одевме птво картите беа откажани, а кога стигнавме авионот доцнеше повеќе од еден час“.

Видете и ова: Спас за авиокомпаниите или почитување на правата на патниците

Пријателите на Петре Драгинов исто така имале непријатности кога требало да патуваат во Германија.

„Требаше да одат за Германија и два часа пред да полетаат се откажа авионот за жал и потоа се снаоѓаа. Од Скопје со автобус отидоа“, вели Драгинов.

Нора Сахиби од Германија вели дека проблемите со доцнење и откажување на летови се веќе вообичаена појава на аеродромите.

„Мене често ми се случува. Морам да чекам или внатре или надвор, станува вообичаена појава. Никогаш не е на време. На пример, другарка ми мораше да чека 4 часа во аеродромот во Берлин“, вели Нора.

На што се должи доцнењето и откажувањето на летови?

Од ТАВ Македонија велат дека доцнењата и откажувањата на летовите во овој период, се случуваат поради прелевањето на моменталната ситуација со европските аеродроми, каде што е концентриран над 70 отсто од македонскиот авиосообраќај.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Глобалните проблеми во авио-сообраќајот евидентни и на скопскиот аеродром

„Прво би сакал да разјаснам дека доцнењата и откажувањата на летовите, што се случуваат на Меѓународниот Аеродром Скопје и воопшто на македонските аеродроми, се одлука на авиокомпаниите. Според она што ние го добиваме како информација од нив, доцнењата и откажувањата се случуваат од различни причини, кои некогаш може да бидат и оперативни или пак поради неповолни временски услови“, вели за РСЕ заменик генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.

Што го предизвикува хаосот на европските аеродроми?

Авио-сообраќајот е секторот кој најсилно беше и се’ уште е погоден од ковид-пандемијата.

За време на пандемијата значително опадна бројот на патници.

Европските аеродроми беа приморани да отпуштат голем број работници, а сега кога авио-сообраќајот се враќа „во нормала“ и се соочува со наплив на патници регрутирањето на нов кадар оди многу тешко бидејќи потребно е многу време за да се обучи.

Дополнително, вработените во авио-индустријата протестираат за подобри работни услови и повисоки плати.

Видете и ова: Лошото време и ковид-19 откажаа 2700 летови во САД

Во Шпанија минатиот месец вработените во авио компанијата „Рајан Ер“, штрајкуваа, што предизвика хаос на многу аеродроми низ Европа.

Сојузот на пилоти на германската авио-компанија „Луфтханза“ исто така излегоа на штрајк, што резултираше со над 1.000 откажани летови.

Заменик генералниот директор на ТАВ Македонија објаснува дека авијацијата функционира како систем на врзани садови, авионите кои на пример денеска треба да одлетаат од Скопје, претходно треба да дојдат од друг аеродром, од дестинациите со кои сме поврзани.

„Така што ако авионот доцни на пристигнување во Скопје, автоматски ќе доцни и неговото поаѓање одовде и ние тука не можеме ништо да направиме, освен да се прилагодиме на ситуацијата која ни доаѓа однадвор“, вели Курт.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Што го предизвикува летниот хаос на авропските аеродроми?

Македонските аеродроми се на -18% oд патничкиот сообраќај во 2019 година

Во Македонија, во 2020 година, двата аеродроми беа целосно затворени за патнички сообраќај 3,5 месеци, од страна на Владата, за да се спречи ширењето на ковид.

Видете и ова: Загубите поради корона кризата највисоки во историјата на авиосообраќајот

Заменикот директор на ТАВ Македонија вели дека македонските аеродроми моментално се на -18% oд патничкиот сообраќај што го имавме во 2019 година, која се смета за референтна година за авијацијата.

Курт тврди дека за разлика од европските аеродроми, македонските немаат недостиг на персонал.

„Работевме плански со цел да имаме доволно кадар да ги опслужи операциите со авиони, патници и багаж во оваа летна сезона, за која очекувавме дека ќе имаме зголемен авиосообраќај, имајќи предвид дека луѓето веќе од почетокот на пролетта почнаа поинтензивно да патуваат, како што ковид рестрикциите на странските држави за македонските граѓани се креваа“, вели Курт.

Според податоците на ТАВ од почетокот на годинава до јули на двата аеродроми во Македонија се реализирани 10.622 летови, а биле опслужени 1,3 милиони патници. Планот е до 2023-та година бројките да се вратат на нивото на кое беа пред почетокот на пандемијата.

Насекаде во светот имаше затворања на аеродромите, а потоа се наметнаа нови барања и рестрикции за патување со авион, поврзани со ковид-19.

Ниту еден друг вид на транспорт, не беше толку оптоварен со нови правила, забрани и барања за разни документи, како што беше воздухопловниот транспорт на патници.