Достапни линкови

Вести

Авион на Луфтханза го прекина летот кон Техеран

илустрација

Авион на германската компанија „Луфтханза“ на линијата Франкфурт-Техеран по еден час лет се врати во Минхен поради, како што соопшти компанијата, „претпазливост и безбедносни причини во воздушниот простор на аеродромот во Техеран“. Ова било направено веднаш откако премиерот на Канада Џастин Трудо изјави дека украинскиот авион во средата кај Техеран бил соборен со иранска ракета, веројатно по грешка.

види ги сите денешни вести

МВР: Го расчистуваме случајот со палењето на бугарското знаме

Архивска фотографија - Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски

Министерството за внатрешни работи (МВР) работи на расчистување на случајот со палењето на знаметото на Бугарија во Вевчани, изјави денескапортпаролот на Министерството, Тони Ангеловски, на прес-конференција во Штип.

„Да, за жал имавме таков немил настан. Ние работиме на целосно расчистување на тој случај и очекуваме наскоро да биде расчистен“, вели Ангеловски.

По палењето на бугарското знаме на карневалот во Вевчани, Софија упати вербален демарш, за што информираше бугарската министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева. Таа посочи дека на амбасадорот на Бугарија, Ангел Ангелов, му е порачано да го изрази пред Владата на Република Северна Макдонија нивното силно негодување за тој чин.

Претседателот на Македонија Стево Пендаровски и Владата го осудија палењето на знамето во Вевчани, завчера, при обидот на 100-тина вевчанци да го организираат вевчанскиот василичарски карневал без почитување на протоколите и задолжителните мерки за заштита од ковид-19.

Годинава ќе заврши процесот за прогласување на Водно за заштитено подрачје

Илустрација - Поглед од Скопје кон планината Водно

Министерството за животна средина (МЖСПП) денеска најави дека годинава ќе заврши процесот за прогласување на планината Водно за заштитено подрачје откако претходно нацрт одлуката за прогласување ќе помине низ јавна расправа, на која своите забелешки ќе можат да ги дадат екологистите и другите заинтересирани страни. МЖСПП ги најави јавните расправи за почетокот на февруари.

Во ноември лани Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата и донесе Одлука за прифатливост на предлогот за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел, со која го задолжи министерството да спроведе јавна расправа по предлогот, да го изготви конечниот акт за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата V – Заштитен предел и конечниот предлог да го достави до Владата на усвојување.

Русија го напушта Договорот за отворено небо

Илустрација - Зградата на руското Министерство за надворешни работи во Москва

Русија вели дека ја започнува постапката за повлекување од меѓународниот Договор за отворено небо, откако САД минатата година го напуштија договорот што дозволува невооружени летови за надзор на воздухот над десетици земји учеснички. Во денешното соопштение од руското Министерство за надворешни работи се вели дека повлекувањето на САД „значително ја прегази рамнотежата на интересите на државите потписнички“ и дека предлозите на Русија да го одржи договорот во живот биле отфрлени од сојузниците на Вашингтон.

„Со оглед на недостатокот на напредок во напорите за отстранување на пречките што го спречуваат функционирањето на договорот во новата ситуација, руското Министерство за надворешни работи има право да објави почеток на домашните процедури за да се отвори патот за повлекување на Русија од Договорот за отворено небо“, соопшти Министерството.

Соединетите држави официјално се повлекоа на 22 ноември од Договорот за контрола на вооружувањето, за кој Вашингтон постојано рече дека Москва „флагрантно го прекршила“, шест месеци по известувањето за претстојниот излез. Во тоа време, Москва ја осуди одлуката велејќи дека тоа е штетно за безбедноста на Европа, Соединетите држави и нејзините сојузници.

Овој потег на САД беше последниот удар врз системот на меѓународна контрола на оружјето што американскиот претседател во заминување Доналд Трамп постојано го исмеваше, жалејќи се дека Вашингтон бил или измамен или неправедно воздржан во воените можности.

ССМ бара субвенциите за плати од 5. пакет да не одат преку газдите

Дарко Димовски, Претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ)

Сојузот на синдикатите на Македонија денеска побара од Владата, во рамките на најавениот петти пакет антикризни ковид мерки, да се обезбедат пари и поддршка за компаниите кои нема да можат да ги обавуваат деловните потфати заради болеста или ќе ги обавуваат со значително намален обем, првенствено и исклучиво за обезбедување средства за плата на работниците.

„ССМ бара субвенционирањето на плата како мерка да продолжи онаму каде што производството е намалено како што тоа е утврдено и со четвртиот пакет на мерки, но да се исплаќа директно на сметките на работниците што се покажа како повеќе од потребно поради повторната злоупотреба на средствата од финансиската поддршка за исплата на платите на работниците обезбедена од Владата, со оглед на тоа што и по 5-ти пат, газди, оставија работници без никаква егзистенција, а за тоа земаа средства од државата, соопшти денеска ССМ.

Премиерот Зоран Заев пред една недела го најави петтиот пакет економски анти-ковид мерки како помош за економијата која трпи последици од пандемијата со ковид-19. Синдикалците во повеќе наврати алармираа дека дел од газдите на фирмите не им ги исплатил платите на работниците иако земале субвенции, а УЈП постојано ги објавува имињата на тие фирми и ги опменува пред казна.

Деспотовски: Незадоволен сум од платите во технолошко-развојните зони

Директорот на Дирекцијата за технолошко-развојни зони, Јован Деспотовски

Апсолутно сум незадоволен, не само за нивото, туку и од фактот дека просечната плата во рамки на зоните е пониска во однос на просечната плата во рамки во македонската економија, изјави денеска директорот на Дирекцијата за технолошко-развојни зони, Јован Деспотовски.

„Нема да се даваат субвенции за да се поттикнат компаниите да ги зголемат платите, туку преку посебна програма за развој на вештини и продуктивност, ќе се поттикне здрав раст на платите. Искрен да бидам за мене беше изненадувачки во негативна смисла тоа што технолошко напредни компании исплаќаат пониски плати во однос на останатите во рамки на економијата“, рече денеска Деспотовски на прес-конференција во Владата.

Одговарајќи на новинарски прашања, Деспотовски рече дека нема да се даваат субвенции за да се поттикнат компаниите во зоните да ги зголемат платите, туку преку програмата за специфични активности за развој на вештини ќе се поттикнува продуктивноста со што ќе се направи позитивен притисок врз компаниите да ги зголемат платите.

Пендаровски: Палењето на бугарското знаме е недопустливо и за осуда

Претседателот Стево Пендаровски

Палењето на знамето на Република Бугарија за време на карневалот во Вевчани е недопустливо и за осуда. Меѓу соседите е неопходно градење на доверба, разбирање и почитување, напиша македонскиот претседател Стево Пендаровски на неговиот официјален фејсбук профил, по реакцијата на Софија за „палењето на бугарското знаме на завчерашниот Вевчански карневал“.

Претходно, министерката за надворешни работи на бугарија, Екатерина Захариева, објави дека Софија упатила остар вербален демарш за Скопје поради запаленото знаме. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, коментирајќи го инцидентот на василичарскиот карневал, денеска изјави дека дел од присутните во Вевчани завчера завчера сакале од политички причини да предизвикаат инцидент.

Северна Кореја на парада го покажа „најмоќното оружје на светот“

Фотографија од синоќешната воена парада во Пјонгјанг, споделена од севернокорејската Влада

Северна Кореја на вчерашната воена парада прикажа како што се чини нова балистичка ракета со подморница (SLBM), неколку дена пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, која е закажана за 20 јануари. Фотографиите на државните медиуми покажуваат дека лидерот Ким Јонг Ун се смее и мавта додека го надгледуваше настанот на плоштадот Ким Ил Сунг во Пјонгјанг.

На парадата дефилираа војници, тенкови, ракетни фрлачи и неколку од, како што рекоа аналитичарите, нови варијанти на балистички ракети со краток дострел и SLBM - опишани од државните медиуми како „најмоќното оружје на светот“. На парадата не беше прикажана најголемата севернокорејска интерконтинентална балистичка ракета, за која се верува дека може да испорача нуклеарна боева глава на кое било место во САД.

Покажувањето на силата доаѓа по повеќе од една недела политички состаноци, за време на кои Ким ги обвини САД „најголем непријател на неговата земја ... без разлика кој е на власт“ и вети дека ќе го прошири воениот потенцијал на комунистичката земја. Северна Кореја имаше непостојана врска со Обединетите држави под администрација на претседателот Доналд Трамп во заминување, а лидерите на двете земји се впуштија во меѓусебни закани за војна пред средбата во Сингапур во 2018 година. По тој самит беше постигнат мал напредок во преговорите за Нуклеарната програма на Северна Кореја, а пред планираниот втор самит во Виетнам во 2019 година се расипаа откако Вашингтон ги отфрли барањата на Пјонгјанг за ублажување на санкциите.

Новата ДИК се обврза да работи чесно и непартиски

Членовите на Државната изборна комисија - ДИК - со претседателот на Парламентот, Талат Џафери, по свечената заклетва

Членовите на новоизбраната Државна изборна комисија (ДИК) денеска дадоа свечени изјави пред претседателот на Парламентот, Талат Џафери.
Новиот претседател на ДИК, Александар Даштевски, кој е избран на предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека е добро што сè се завршило навреме и вети стручно и професионално работење на Комисијата.

„Самиот Закон вели дека треба да ги правиме после работите стручно и професионално, така што тука завршуваат партиската помош. Може да се каже дека сум јас најнепартиски, ниту сум член во тело на некоја партија, така што тоа е само за изборот. Веројатно верувале дека можам да сработам добро и поради тоа се одлучиле за мене“, изјави Даштевски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Даштевски негираше дека оваа функција ја добил затоа што „му помогнал на поранешниот премиер Никола Груевски да добие азил и затоа што актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски исполнува ветувања кон него“. Додаде дека „100 отсто е сигурен дека затоа не ја добил поддршката од опозицијата“.

Во Комисијата има четворица нови и тројца членови од претходниот состав, на кој мандатот му заврши токму денеска. Смената во составот на ДИК беше иницирана пред неколку недели на предлог на група пратеници од неколку партии. Ни при овој избор не беше прифатена препораката од Европската унија за професионализација и департизација на ДИК.

Спасовски за Вевчани: Од политички причини сакаа инцидент

Оливер Спасовски

Ништо спектакуларно не се случи во Вевчани, договорите кои ги постигнавме со Вевчанци не се испочитуваа, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по завчерашната интервенција на полицијата за спречување на одржувањето на Вевчанскиот карневал без почитување на задолжителните мерки за заштита од ковид-19.

„Од политички причини сакаа инцидент и сензационалност. Апелирам да ги почитуваме мерките и на тој начин да му помогнеме на здравствениот систем и да им помогнеме на медицинските работници. Јануари е полн со празници и затоа апелираме да престанат групирањата и доследно да се почитуваат мерките“, изјави Спасовски во интервју за националниот сервис МТВ.

Во Вевчани завчера, и покрај откажувањата на дел од организаторите на карневалот, стотина василичари од Вевчани, под карневалски маски, се обидоа да го одржат карневалското дефиле, по што интервенираше полицијата. Опозицијата реагираше дека во Вевчани власта тепала луѓе со специјалци, а дел од вевчанци обвинија дека некој сака да ја уништи вековната василичарска традиција.

На карневалот беше запалено и бугарското знаме, како револт за бугарското вето за преговорите на Македонија со Европската унија, на што остро реагираше официјална Софија, а македонскиот претседател Стево Пендаровски го осуди чинот на палење.

За 24 часа во Македонија 381 казна за неносење заштитна маска

Илустрација - Полиција контролира дали се почитува мерката за носење заштитни маски за лице, Скопје декември 2020

Во изминатите 24 часа, на територијата на цела Македонија, казнети се 381 лице за неносење лична заштита на лице, согласно задолжителните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, информираше денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

МВР и во денешното соопштение апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата, со цел справување со Ковид-19. Казната за непочитување на оваа мерка изнесува 20 евра.

Демарш на Софија до Скопје поради запалено бугарско знаме во Вевчани

Екатерина Захариева

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева на Фејсбук објави дека Софија упатила вербален демарш до Скопје поради запаленото знаме на Бугарија на карневалот во Вевчани.

„По повод медиумските објави за изгорено бугарско знаме во село Вевчани во Република Северна Македонија, му порачав на бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, да го изрази до владата на РСМ нашето силно негодување за овој вандалски чин. Амбасадорот Ангелов веќе упати остар вербален демарш во Министерството за надворешни работи на РСМ“, напиша Захариева.

Неколку бугарски медиуми синоќа објавија дека на карневалот во Вевчани било запалено бугарското знаме

СЗО: 95 насто од вакцините против Ковид-19 распоредени во само 10 земји

Ханс Клуге од СЗО

Шефот на европскиот огранок на Светската здравствена организација (СЗО) Ханс Клуге изјави дека 95 насто од вакцините против Ковид-19 кои досега се произведени, се распоредени во само 10 земји. Тој прецизира дека станува збор за 23,5 милиони дози вакцини, додавајќи оти за ефикасно запирање на вирусот неопходно е вакцината да се распределува рамноправно и во земјите со мали приходи и во сиромашните држави.

„Во глобалните напори да ја запреме пандемијата ние не смееме да заборавиме ниту една земја, ниту една заедница“, истакна Клуге.

Тоа е единствено решение за оваа вонредна ситуација, затоа што никој нема да биде сигурен се додека не бидат сигурни сите, нагласи претставникот на СЗО.

Бајден го претстави пакетот за помош на економијата и семејствата во САД

Џозеф Бајден

Новоизбраниот претседател на САД Џозеф Бајден го претстави стимулативниот предлог-пакет, наведувајќи дека се неопходни смели инвестиции за да се покрене економијата и да се забрза дистрибуцијата на вакцини, со што коронавирусот би се ставил под контрола.

Пакетот опфаќа 415 милијарди долари за поддршка на одговорот на вирусот и дистрибуција на вакцини против Ковид-19, околу 1000 милијарди за директни исплати на американските домаќинства и речиси 440 милијарди за мали и средни претпријатија и заедници кои се особено тешко погодени од пандемијата.

Чековите за семејствата би требало да изнесуваат 1400 долари по лице, покрај веќе испорачаните 600 долари на човек, кои Конгресот ги усвои неодамна. Дополнителното осигурување за невработените би се зголемило од 300 на 400 долари неделно и ќе биде продолжено до септември.

„Ако инвестираме сега- смело, паметно, со непоколеблив фокус врз американските работници и семејства, ќе ја зајакнеме економијата, ќе ја смалиме нееднаквоста и ќе ја поведеме по одржлив пат долгорочната финансиска стабилност на нацијата“, рече Бајден.

Новоизбраниот претседател, кој ја презема должноста на 20 јануари, веќе постави цел- дистрибуција на 100 милиони дози вакцина, а се очекува неговиот план да опфати и финансиски средства за проширување на кампањата на вакцинација.

Новите членови на ДИК ќе даваат свечени изјави

Александар Даштевски ќе биде нов претседател на ДИК

Новоизбраните членови на Државната изборна комисија (ДИК) денеска ќе даваат свечени изјави пред претседателот на Парламентот Талат Џафери. Претседател на ДИК ќе биде Александар Даштевски, а потпретседателка Дитмире Шеху. Членови на комисијата се и Борис Кондарко, Радица Ристеска, Оливер Ристовски, Бобан Стојановски и Кренар Лога.

Мандатот на актуелниот состав на ДИК завршува денеска, а него во изминатиот период го предводеше Оливер Деркоски, а заменик му беше Шеху.

Новиот состав на ДИК беше избран со консензус на 31-та собраниска седница во вторникот. Првиот предизвик на овој состав на ДИК е организирање на локалните избори што треба да се одржат наесен.

Нормализиран сообраќајот за камиони на Стража и Плетвар

Авто Мото Сојузот на Македонија соопшти дека е укината забраната за тешки товарни возила на патниот правец Стража – Кичево, а од четири часот сообраќајот се одвива нормално и на регионалниот пат Велес-Прилеп по преминот Плетвар.

Единствено поради снежни врнежи останува забраната за движење на тешки товарни возила на патниот правец Маврово-Дебар.

На останатите патни правци низ државата, сообраќајот се одвива по влажни коловози, а внимателно возење се препорачува низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има појава на утринска магла и можност од појава на одрони.

Времето денеска сончево, но студено

Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност и студено. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, особено долж Повардарието. Кон крајот на денот ќе настапи зголемување на облачноста.

Минималната температура е во интервал од -7 до 0, а максималната ќе достигне од -2 до 6 степени. Во Скопје температурата ќе биде од -4 до 3 степени.

За време на викендот и во почетокот на наредната седмица ќе преовладува претежно суво и многу студено време, со дневни температури кои во поголем дел од земјава ќе бидат под нулата. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер. Утре ќе има локални слаби врнежи од снег.

Во Бугарија парламентарни избори на 4 април

Бугарскиот претседател Румен Радев.

Парламентарните избори во Бугарија ќе се одржат на 4 април, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев.

Тој вели дека настаните минатата година јасно покажале дека Бугарите сакаат промени што побрзо, за земјата да може да се врати на патот на демократијата. Радев алудираше на демонстрациите во текот на летото во кои граѓаните го обвинија премиерот Бојко Борисов за поврзаност со олигархијата. Борисов, кој владее со земјата околу десет години, тогаш одби да поднесе оставка, велејќи дека не сака да „попушти во хаосот во услови на здравствена и економска криза“.

„Во време кога институциите губат доверба и пропаѓаат како тротоари, изборите добиваат клучно значење. Иако одамна е познато дека овие избори ќе се одржат во време на пандемија, ниту една институција не презеде ништо. Јас го насочив вниманието на јавноста кон потребата од соодветни мерки за надминување на проблемите при спроведувањето на изборите, додаде Радев, пренесува БГНЕС.

Радев вели дека одговорните органи мора да објават јасни здравствени мерки, кои се клучни за изборната кампања и за излезноста. Според него државата треба да им обезбеди лична заштитна опрема и на изборната администрација и на секој бугарски гласач, а потребни се и измени на Изборниот законик.

Дел од партиите се огласија и соопштија дека го прифаќаат датумот за избори, но не и промени во Изборниот законик.

Пописот – политика или статистика?

Собрание на Република Северна Македонија

Дали пописот ќе биде статистичка или политичка операција, беше клучното прашање околу кое се расправаа пратениците попладнево. Владејачкото мнозинство остана на ставот дека Предлог-законот што треба да се донесе по скратена постапка е транспарентен и објективен, а опозицијата, квалификувајќи го како паушално решение и алатка за демографски и етнички инженеринг, повторно побара негово повлекување и отворање широка јавна дебата со цел постигнување општествен консензус.

Според ВМРО-ДПМНЕ, пописот е политички договор меѓу СДСМ и ДУИ за опстанок на коалицијата и за задоволување на внатрепартиските барања, со однапред утврден исход, а резултатите што ќе се добијат од него, нема да бидат релевантни, ниту ќе ја отсликуваат реалната состојба во државата.

Ваквите констатации СДСМ ги нарече копи-пејст реплики и уште еднаш потенцира дека пописот ќе биде спроведен согласно сите меѓународни стандарди. Опозицијата мора да сфати дека ова е статистичка операција, а не политички заговор, порача СДСМ.

„Пописот е многу важна операција која треба да биде статистичка, но кај нас, за жал, како што се предлага, ја надминува таа форма и преминува во политичка која ќе има огромно влијание врз идниот развој на државата“, рече пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Реплицираше Диме Велковски од СДСМ со прашање до колегата од опозицијата – дали земјава треба да чека попис уште 20 години.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не се против пописот, туку против начинот предвиден за негово одржување.

Пратеникот Борислав Крмов од Левица рече дека законот се турка по секоја цена.

Расправата за пописот, која е во рамки на 29-та собраниска седница, ќе продолжи утре во 12 часот.

Ердоган ја прими кинеската вакцина против коронавирус

Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган денеска прими вакцина против ковид-19.

Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган денеска ја прими кинеската вакцина КоронаВак против ковид-19 за да им даде пример на граѓаните.

Турското претседателство ја објави фотографијата на која Ердоган со маска на лицето ја прима првата доза од вакцината во една болница во Анкара.

„Се надевам дека кампањата за вакцинирање ќе биде корисна и дека брзо ќе ги добиеме потребните 50 милиони дози од вакцината“, рече Ердоган и додаде дека некои негативно се изјаснуваат за вакцината, изразувајќи надеж дека „ќе надвладее здравиот разум“.

Ердоган ги повика лидерите на различните политички партии да ја примат вакцината и да покажат пример пред граѓаните.

Турција ја почна вакцинацијата против коронавирусот со кинеската вакцина КоронаВак. Првите дози им се наменети на здравствените работници.

Турција, која има 83 милиони жители, досега има регистрирани 2,3 милиони заразени со коронавирус, од кои над 23 илјади луѓе починаа.

Нови 396 случаи на коронавирус, 15 починати

Здравствен работник во болницата „8 Септември“

Во изминатото деноноќие се регистрирани 396 нови случаи на коронавирус во Македонија, а 15 луѓе починаа, информира Министерството за здравство. Направени биле 2192 тестирања.

Најмногу нови случаи се регистрирани во Скопје – 198, Тетово 18, Прилеп и Битола по 14, Велес, Струмица и Кавадарци по 13, Куманово и Штип по 12, Охрид и Кичево по 11, Делчево 10, Струга 9, Ресен 8, Гостивар 7, Кочани и Неготино по 6, Гевгелија и Радовиш по 4, Крива Паланка, Свети Николе и Крушево по 3 и по еден нов случај е регистриран во Пробиштип, Демир Хисар, Пехчево и во Кратово.

Починатите се на возраст од 33 до 90 години.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 442 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 87.986, бројката на оздравени пациенти е 69.137, на починати е 2.672, а бројот на активни случаи изнесува 16177.

Пахор ги повика Словенците да се вакцинираат против коронавирусот

Претседателот на Словенија Борут Пахор

Претседателот на Словенија Борут Пахор денеска апелираше до граѓаните да се вакцинираат против коронавирус кога ќе им дојде ред да ја примат вакцината.

Тој верува дека имунизацијата ќе овозможи крај на здравствената криза оваа година.

Поранешниот портпарол на словенечката Влада Јелко Кацин е избран на функцијата државен секретар во кабинетот на премиерот Јанез Јанша, задолжен за координирање на логистичкиот дел од масовната вакцинација, соопшти денеска словенечката Влада.

Европскиот суд за човекови права ја прифати жалбата на Украина против Русија за Крим

Европскиот суд за човекови права

Европскиот суд за човекови права одлучи дека тужбата поднесена од Украина против Русија поради кршење на човековите права на Кримскиот Полуостров во 2014 е „делумно прифатлива“.

Судот во Стразбур денеска пресуди дека, меѓу другото, Русија ефективно ја контролирала украинската територија пред Државната дума да го ратификува договорот што рускиот претседател Владимир Путин го потпиша како процесот на анексија на 20 март 2014 година.

Киев тврди дека Москва го контролирала полуостровот од 27 февруари 2014, а руските сили мачеле и убивале полицајци, како и цивили, но Русија ги негира тие обвинувања.

Киев исто така ја обвинува Русија за малтретирање и заплашување на свештеници и новинари, но Москва ги негира и тие обвинувања.
Двете земји се членки на Советот на Европа, чиј дел е судот.
Европскиот суд одлучи дека тужбата е делумно прифатлива и оти пресудата ќе биде донесена на подоцнежен датум, нагласувајќи дека тоа не е пресуда за тоа дали самата анексија на Крим е незаконска, затоа што жалбата не се однесува на тоа.

Анексијата на Крим од страна на Русија беше осудена од меѓународната заедница.

Судот одлучи дека жалбата на Украина била „кохерентна и конзистентна“ со докази кои покажуваат дека руските сили не биле само „пасивни набљудувачи“, туку активно биле вклучени во прекршувањата. Се додава дека „сите, освен неколку“ жалби на Украина биле допуштени, без да даде детали.

Украинскиот министер за правда Денис Маљуска оцени дека одлуката на судот е „победа“.

Руското Министерство за правда соопшти дека во текот на понатамошната постапка, правната позиција на земјата ќе продолжи „да се базира на критериумите, договорите и практиката на меѓународните трибунали утврдени со меѓународното право“.

Реафирмиран процесот на градење доверба меѓу Грција и Македонија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамките на официјалната посета на Грција се сретна со премиерот Кирјакос Мицотакис.

Разговорите меѓу министерот за надворешни работи Бујар Османи и грчките власти беа насочени кон динамизирање на севкупните односи меѓу двете земји преку посветена имплементација на Договорот за стратешко партнерство (Преспа), со цел развивање и зајакнување на заедничкото стратешко партнерство, наведуваат од македонското Министерство за надворешни работи(МНР).

Османи во рамките на официјалната посета на Грција се сретна со претседателката Катерина Сакеларопулу, премиерот Кирјакос Мицотакис и со алтернативниот министер за европски прашања, Милтијадис Варвициотис.

„Само со заеднички напори можеме стратешко партнерство да го претвориме во долгорочно и стабилно пријателство, што како земји – соседи со сигурност ќе донесе подобар живот за граѓаните на двете земји. Во регионот добивме нова реалност, докажавме дека сите предизвици можат ефикасно да се решат преку заеднички и координирани напори. Оттука, јас цврсто верувам дека соработката меѓу Северна Македонија и Грција е дефинитивно нова интегративна моќ за целиот регион“, рече Османи.

На средбите бил нагласен и досегашниот активен ангажман на Грција во делот на европските интеграции на Северна Македонија, наведува МНР.

Од Кабинетот на грчкиот премиер соопштуваат дека на средбата се разговарало за билатералните односи, економската соработка, но и имплементацијата на Договорот од Преспа. Мицотакис не пропушти јасно да ја стави до знаење императивната потреба за целосно, доследно и добронамерно спроведување на Договорот од Преспа, соопштија од кабинетот на грчкиот премиер.

Повеќе од 1.200 македонски државјани заминале за Србија по укинувањето на тестот за ковид-19

Граничен премин Табановце

Од полноќ во Србија може да се влегува без задолжителен ПЦР тест. Преку граничниот премин Табановце кај нашиот сосед до 14:00 часот влегле 1.657 граѓани од кои 1240 македонски и 417 странски државјани.

Пред два дена владината прес-служба информираше дека во телефонски разговор помеѓу премиерите на двете држави, премиерката Ана Брнабиќ го информирала премиерот Заев дека од четврток, 14 јануари, Република Србија ќе го укине задолжителниот ПЦР тест за влез во Србија за граѓаните на Северна Македонија, со што, се наведува во соопштението, повторно ќе се обезбеди реципроцитет и обострана непречена комуникација меѓу граѓаните на двете земји.

Освен граѓаните на Македонија, и граѓаните на Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија од денес можат да влезат во Србија без негативен ПЦР тест, а истото важи и за државјаните на Србија кои одат во овие земји.

Собраниската расправа за попис- власта вели попис ќе има, опозицијата бара најдобро решение

Собрание на Република Северна Македонија

Пратениците попладнево ја продолжија расправата по Предлог-законот за попис. Повторно ги спротивставија ставовите околу методологијата за спроведување на оваа статистичка операција.

И додека владејачкото мнозинство се држи за ставот дека методологијата е подзаконски акт кој произлегува од законот, а попишувањето ќе го реализира Државниот завод за статистика, опозицијата уште еднаш побара повлекување на предложениот текст, без тоа да се сфати како пораз, туку, како што беше речено, како начин за изнаоѓање најдобро решение.

Ова е втор ден од расправата која почна вчера, а Предлог-законот во Собранието го образложи заменик министерот за правда, Агим Нухиу.

Владејачката партија СДСМ преку соопштение наведува дека попис оваа година ќе има, дека тоа е патриотски чин важен за развој на државата, а, како што наведуваат, блокадите на ВМРО-ДПМНЕ пак ќе бидат поразени.

„Законот од Собраниска процедура нема да биде повлечен, ниту пак ќе поддржиме неразумни предлози за одлагање на пописот. По скоро 19 години без спроведен попис, никој нема право да го кочи или одолговлекува, тој мора да се одржи оваа, 2021 година“, соопштија СДСМ.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска на денешната собраниска седница рече дека Законот за попис на населението е со низа недоследности во кој не се вметнати регулативите и стандардите на Европската унија и Евростат. Таа вели дека истовремено се прави и злоупотреба на европското знаменце од страна на владејачкото мнозинство.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG