Усвоени амандманите за преговори со Македонија, последниот збор ќе го кажат ЕУ лидерите

Со т.н. „тивка процедура“, земјите членки на ЕУ ги усвоиле амандманите за нацрт-заклучокот кој се однесува на отворање пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија. Во наредните денови се очекува усвојување на овие заклучоци по писмена процедура, јави дописничката на Радио Слободна Европа од Брисел.

Имено, рокот за поднесување приговори на амандманите истече денеска во 11 часот и со тоа сме смета дека е завршено составувањето на заклучоците.

Според нацртот-заклучоци, во кои Радио Слободна Европа има увид, отворањето на пристапните преговори во случајот на Македонија е безусловно и со заклучоците се повикува процесот да почне веднаш по усвојувањето на преговарачката рамка.

Од друга страна, Албанија допрва треба да исполни низа услови пред одржување на првата меѓувладина конференција со која се обележува отворањето на првото поглавје во преговарашкиот процес. Меѓу другото, Албанија треба, да спроведе изборни и правосудни реформи, да обезбеди непречено функционирање на Уставниот и Вишиот суд, како и да обезбеди транспарентно финансирање на политичките партии.

„Преговарачката рамка која ќе ја усвои Советот на Европа треба да покаже дали Албанија ги решила сите овие приоритети“, стои во нацрт заклучокот.

Министрите надлежни за европски прашања утре ќе имаат видео-состанок, кога, најверојатно, се очекува усвојување на овие заклучоци во писмена процедура. Меѓутоа, конечниот печат за ова треба да го стават шефовите на државите и владите на земјите-членки на ЕУ. Редовниот самит, кој требаше да се одржи на 26 и 27 март, е откажан поради ситуацијата со коронавирусот, но место тоа ЕУ-лидерите ќе имаат конференциска видео-врска на која ќе расправаат за мерките за сузбивање на Ковид-19.

Не се исклучува можноста, ЕУ-лидерите, на овој виртуелен состанок, да излезат и со декларација која легално ќе го овозможи усвојувањето на заклучоците за Северна Македонија и за Албанија.