Достапни линкови

Совет за општи работи на ЕУ: Отворање на преговорите со Северна Македонија


Советот за општи работи на ЕУ позитивно ќе одлучи за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија, дознава Радио Слободна Европа. Како што јавува нашата дописничка од Брисел, во нацрт-заклучокот, во кој Слободна Европа имаше увид, стои дека министрите од земјите членки на ЕУ, под услов да го усвои Советот на Европа, ќе одлучи за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Овие заклучоци би требало да се усвојат на состанокот кој треба да се одржи на 24 март, највероватно како видео-конференција, поради мерките за заштита од коронавирусот.

„Советот ја повикува Европската комисија, без одложување и најдоцна до јуни, да поднесе предлог за преговори, а првата меѓувладина конференција би требало да биде свикана без одложување, веднаш по усвојување на предлогот“, стои во нацрт-заклучокот во кој имаше увид РСЕ.

Овие заклучоци, кои треба да ги усвои Советот на министри на ЕУ следниот вторник, треба да бидат поддржани од шефовите на државите и владите на земјите членки на ЕУ на Самитот кој е закажан за 27/28 март. Поради коронавирусот, најверојатно и тој состанок ќе биде преку видео врска.

Позитивната одлука за Северна Македонија и Албанија е резултат на новата методологија со која излезе Европската комисија во февруари, како и на позитивниот извештај што го објави Комисијата, а во кој се заклучува дека Скопје и Тирана напредувале во неопходните реформи во процесот за европска интеграција.

Според дипломатски извори, како што јавува нашата дописничка од Брисел, не се исклучува можноста да има измени на делот што се однесува на Албанија, односно да се додадат некои услови пред формалното отворање на пристапните преговори.

За Северна Македонија, велат дипломатски извори, зеленото светло останува безусловно и церемонијата за отворање на преговорите би требало да се одржи во што пократок рок. Северна Македонија чека отворање на преговорите уште од 2009 година, а Албанија од 2018 година. Лани во октомври, Франција ја блокираше позитивната одлука, условувајќи ја со измена на пристапот во преговорите за членство во ЕУ.

XS
SM
MD
LG