ССМ со синдикални барања до Владата што ќе се формира по 15 јули

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски

ССМ денеска ги објави барањата и укажувањата на синдикалците за работничките права кои ќе бидат почетна основа за преговори со социјалните партнери и од кои нема да отстапи без оглед кој ќе ја формира новата Влада.

ССМ предлага во новиот Закон за работни односи сабота и недела да бидат прогласени за неработни денови, породилното отустсво да биде 12 месеци, а договорите на определено време да се користат само во исклучителни услови и да бидат со траење до една година. Се предлага и работодавецот во рок од 30 дена по доставен писмен предлог од Колективниот договор да ги започне преговорите. ССМ бара и воведување на бенифициран стаж за градежните работници и за оние работници кои работат во тешки услови кои влијаат штетно на здравјето, како и пензија по дејности односно со закон да се предвидат едни услови за пензионирање на пример за градежен работник, текстилен работник или рудар од оној работник кој работи во администрација.

Дел од предлозите се и старосна пензија по работен стаж, односно 35 години работен стаж за жена и 40 години за маж, без оглед на годините на возраст, како и право на работникот на предвремена пензија која би се остварила под услови возраст од 60 години со минимум работен стаж од 15 години. Исто така, се предлага и неполна старосна пензија по возраст, односно да им се овозможи на работниците сами да го платат придонесот за пензиско и инвалидско осигурурвање доколку го немаат исполнето условот од минимум 15 години работен стаж.