Случај „Рекет“- по 70 дена во притвор, Јовановски на распит

Бојан Јовановски - Боки 13 на распит во Обвинителство

По бизнисмени, политичари, пријатели и вработени во Меѓународниот сојуз, денеска и првоосомничениот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски дава исказ во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

По седумдесет дена во притвор првоосомничениот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски денеска напладне на распит во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Тој е во притвор во затворот Скопје од 15 јули, кога првпат беше на распит, по што по барање на обвинителството судот му одреди 30 дена притвор, кој подоцна два пати е продолжуван.

Летоска тој беше уапсен на граничен премин. Јовановски е осомничен за „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари и други приноси од казниво дело“. Неформалниот сопственик на 1ТВ, а формален претседател на невладината организација Меѓународен сојуз, повлече многумина на распит во обвинителството.

Видете и ова: Азманов: Јовановски ме уценуваше со документи од СЈО и Финансиска полиција

Во петокот исказ даваа Агапи Дика, претседателка на собранието на меѓународниот сојуз Скопје и бизнисменот Зоран Азманов, кој тврдеше дека преку емисија на 1 ТВ,Јовановски се обидувал да му изнуди пари. Инволвираноста во невладината организација во обвинителството ги донесе и финансиски координатор Јованка Кухар, а пред две недели исказ даваше и потпретседателкта на Собранието, Фросина Ременски, која е почесен претседател на Меѓународниот сојуз.

Фотографиите на социјалните мрежи и гласините во јавноста, пак , донесоа уште еден пратеник од СДСМ на распит- поранешниот генерален секретар на владејачката партија Александар Кирацовски. И тој и Ременски сега негираат блискост со Јовановски. Во обвинителство беа и двајца градоначалници од СДСМ, Стефан Богоев, првиот човек на Карпош и Наташа Петровска, градоначалничката на Битола.

Видете и ова: Чист двор дома за датум за преговори во октомври

Затворена за јавноста по распитот беше блиската пријателка на првоосомниченот, водителката Лила Филиповска која ги избегна прашањата на новинарите.На нив пак одговараше бизнисменот Силјан Мицевски, но внесе забуна во јавноста. Прво тврдеше дека 720 илјади евра уплатил на сметка на пензионерката Лиљана Тодоровска, па потоа дека парите биле префрлени на Меѓународниот сојуз, но ова негово тврдење го демантираше Финансиската полиција. Бизнисменот Ардијан Амзоски парите, околу 260.000 евра за стратегиско партнерство и деловна соработка ги уплатил на сметката на Меѓународниот сојуз по што и тој даваше исказ.

Заедно со Јовановски беше приведен и бизнисменот Зоран Милески Кичеец. Тој е осомничен за “примање награда за противзаконито влијание” . Еден месец по нив, во август, беше уапсена и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која деновиве доби уште 30 дена притвор. По нејзиното приведување, обвинителката Вилма Русковска рече дека ако се смета до колку може да бидат осомничените во притвор, истрагата може да трае шест месеци и дека ако се сака да сеопстои притворот и понатаму, во рок од три месеци мора да биде подигнато обвинение. Јанева, според најавите, утре треба да даде исказ во обвинителството.

Инаку, според обвинителството, Јовановски, Милески и Јанева во неколку наврати земале милион и пол евра од осомничениот бизнисмен Јордан Камчев и неговата сопруга за олеснителни околности во случајот Империја кој го водеше Специјалното јавно обвинителство. И Камчев даваше исказ во обвинителството.