Разговори на Скајп или пораки на Месинџер - што граѓаните најмногу прават на интернет?

Илустративна фотографија.

Видео повици на Скајп, пораки преку Месинџер, постирање слики на Инстаграм и Снепчет, се платформите кои најмногу ги користат македонските граѓани на интернет. Непопуларно за нив е да бараат работа преку интернет, а помалку се користи интернет банкарството.

Околу 16 проценти од граѓаните на Македонија не користат интернет. Тоа го покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Процентот е значително зголемен во изминативе десет години, бидејќи во 2012 година само 58 проценти од домаќинствата имале пристап до интернет.

Средношколката Нина Филевска, која е трета година во средното училиште Јосип Броз Тито во Скопје, раскажува дека најголем дел од времето поминато на интернет го користи на социјалните мрежи како Инстаграм, Снепчет, ТикТок, и најновото и во моментов доста актуелно, БиРиал.

„Нив ги користам за допишување и наизменично праќање на различни медиа. Постирање слики за моите пријатели да бидат во тек со моето секојдневие. Исто така следам што прават некои од моите идоли, познати личности и луѓе кои ме инспирираат“, вели Филевска за Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Зачестените сајбер напади на државни сајтови го вклучуваат црвениот аларм

Македонија е меѓу земјите од регионот со најголем процент на жители кои имаат пристап до интернет.

Според податоците на Европската агенција за статистика „Евростат“, на врвот е Албанија каде 91 отсто од жителите користат интернет, па следуваат Македонија со 84 проценти, Србија 82 и Црна Гора 81. На последно место е Босна и Херцеговина каде 75 проценти од домаќинствата имаат пристап до интернет.

Во земјава повеќе се користи фиксното интернет поврзување, на кое се приклучени 73 отсто од домаќинствата. Тоа значи кабелско поврзување или преку оптички кабел, сателит или јавен WiFi. Мобилното поврзување (3Г,4Г,5Г) го користат скоро 67 проценти.

Покажи повеќе


Мажите повеќе користат интернет

59-годиншната Лилјана од Скопје користи стар мобилен телефон без интернет конекција.

„Интернет не ми треба, а старите телефони се со батерија која трае повеќе од новите. Новите телефони исто така многу брзо се расипуваат“, вели таа за РСЕ.

Лилјана е меѓу оние 16 проценти од граѓаните кои не користат интернет.

Во земјава жените користат помалку интернет за разлика од мажите, според податоците на ДЗС. Податоците покажуваат дека скоро 83 отсто од мажите на возраст од 15 до 74 години речиси секој ден користат интернет, во однос на 79 проценти од жените.

Видео повиците преку веб камери со апликациите како Скајп или Фејстајм се нај-употребувани, а исто така значително висок е вкупниот процент на оние кои користат социјални мрежи, праќање пораки преку Фејсбук и Твитер, размена на пораки преку Скајп, Месинџер, Ватсап или Вибер. (над 85 отсто).

Непопуларно за граѓаните е преку интернет да бараат работа или да испраќаат апликации за работа. Тоа го прават само 6,8 проценти, според податоците на Државниот завод за статистика.

Понизок е и вкупниот процент на оние кои сакаат да изразуваат мислење за граѓански или политички прашања на веб-страници или социјални мрежи, на пример на Фесбук, Инстаграм, Твитер или Јутуб.

Интернет банкарството го користат 31 проценти од корисниците на интернет.

Македонија со најбрз мобилен интернет

Македонија споредено со регионот има најбрз мобилен интернет. Србија е земја со најголема просечна брзина на фиксниот интернет, а најбавен е во БиХ.

Генерално, кога станува збор за квалитетот на интернет услугите, клучни се два главни фактори: да има доволно пропустна моќ за сите корисници и да има доволно квалитетно поврзување за да нема загуби при трансферот на податоци, вели за РСЕ Божидар Спировски – инженер за информатичка безбедност.

„Првиот фактор е од кого нашите телеком оператори, кои се локални интернет провајдери, најчесто земаат интернет. Битно е нивниот интернет провајдер, тој оператор што стои над нашите оператори во хиерархијата на поврзување, да има доволно пропустна моќ за да обезбеди интернет за сите негови клиенти, односно на сите телекоми на кои ја продава“, вели Спировски.

Втора работа е поврзувањето, односно инфраструктурата меѓу нашите телеком оператори со нивниот провајдер. Колку е таа постабилна и поквалитетна, толку ќе подобар интернетот за сите нас, додава тој.

„Најчесто овие поврзувања денес се прават преку фајбер-оптички врски (оптички кабли), при што има многу малку губитоци на интернет сигналот во текот на трансферот на податоци помеѓу едниот и другиот провајдер. Истите правила важат и за крајните корисници (граѓани и фирми) на нашите телеком оператори“, вели Спировски.

Каква е ситуацијата во ЕУ?

Најголем удел од 99 отсто од домаќинствата со пристап до Интернет во 2021 година е забележан во Луксембург и Холандија, додека во Финска, Ирска, Данска и Шпанија 96 отсто од нивните домаќинства имаат пристап до Интернет.

Најниска стапка на пристап до интернет меѓу земјите-членки на ЕУ е забележана во Бугарија, 84 отсто. Сепак, Бугарија заедно со Кипар, Романија, Грција, Словенија и Литванија, забележа брз раст на уделот на домаќинствата со пристап до интернет, со зголемување во периодот меѓу 2016 и 2021 година.