И кога надворешната температура преку ден ќе биде до 16 степени целзиусови, БЕГ ќе мора да испорачува парно во домовите, стои во измените, кои ги одобри Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), со кои се дополнуваат мрежните правила за дистрибуција на топлина.
Оттаму објаснуваат дека измените следуваат со цел да се зголеми комфорот на потрошувачите приклучени на системот за централно греење кои во услови на пандемија се приморани подолго време да престојуваат во своите домови.
Скопјани на социјалните мрежи од почетокот на грејната сезона од 15 октомври се жалеа дека парното работи само колку да се каже, дека дома носат ѕиври и дека догреваат со греалки и покрај тоа што плаќаат парно.
од БЕГ имаат пратено екипи на терен чија задача е штом видат човек без јакна одма да известат за да се изгаси парното
— облак (@oblakpodmore) November 4, 2020
БЕГ соопшти дека на крајот на октомври три дена имало редукција на испораката на топлина поради ремонтите на мрежата и намалената испорака на гас од Бугарија, но оти од 30 октомври ситуацијата е средена. Сепак, дел од граѓаните не се согласуваат со тоа.
18 ноември, сабајле си станав на ладно, оти Бег еве си одлучиле дека им е топло доволно да пуштат парно. За што ве плаќаме бре? На Алјаска да ве пратат, радијатор да сонувате!
— Italianova (@vitanovaaaa) November 18, 2020
Нема парно,ама важно е сметки има навреме
— прч (@gospodinjarec) November 3, 2020
Компанијата Балкан енерџи груп (БЕГ) реагираше дека согласно стандардите температурата во домовите треба да бидат не пониски од 20+1 степени целзиусови и кога надворешните температури се повисоки се испорачува помалку топлинска енергија за да се постигнат овие стандарди.
Да бе еве у аеродром пошо е “различно времето” од сабајле од 5 не се пипа парното. Има сонце, не е топло времето или имаат некој дефект шо го кријат или си играат играчки. Не може да те остаат без парно на средна темп од 7-8 степена.
— Gummibärchen (@MarijaNaskova) November 11, 2020
И мене не ми е јасно. Го пуштаат сабајле 2 саати, гасат..па пак ќе го пуштат околу 7. Ние се на се имаме парно само 4 саати во текот на денот, а сметки ни стигаат стандард како за грејна сезона❗
— Шефот (@The_Chief86) November 5, 2020
Се допрев до радијаторов на работа,морници ми поминаа,почнав да кивам,нос ми се затна...од БЕГ ми викаат , топло било надвор ,топланите не работеле.Одам дома да им угасам парно, размазени едни
— Амбасадорот (@naGalichnikvoLP) November 3, 2020
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, вели дека целта на измените е да се зголеми комфорот на потрошувачите приклучени на системот за централно греење кои во услови на пандемија се приморани подолго време да престојуваат во своите домови.
„Ги повикувам компаниите за зголемена општествена одговорност во состојба на пандемија. Воедно ги информирам потрошувачите дека се разгледува можноста за прекршочна постапка поради непочитување одредби од Законот за енергетика и обврските дефинирани со лиценцата за вршење на енергетската дејност“, рече тој.
БЕГ аман пушти парно, надвор е 8C.🥶
— Bubinka (@Bubinka3) November 12, 2020
Кога сакаат пуштаат кога сакаат не пуштаат парно,ама затоа многу се редовни кога ни праќаат сметки.
— прч (@gospodinjarec) November 3, 2020
Според досегашните правила, доколку е времето сончево и мирно, а надворешната температура според локалното мерење во топланите Исток и Запад во 8.30 часот порасне над 10 степени целзиусови, работата на котлите веднаш се прекинува, а циркулационите пумпи продолжуваат да работат уште 120 минути.
Исто така, доколку времето е сончево и мирно, а надворешната температура достигне вредност поголема од 11 степени целзиусови, во периодот меѓу 9 и 14 часот, се прекинува работата на котлите, а пумпите продолжуваат уште 120 минути.