Достапни линкови

Битола ќе се гасифицира, топлификацијата нереална


РЕК Битола

Се очекува гасот да стигне до Битола до 2020 година, па општината почна да предвидува средства за потребната инфраструктура. Упатените, пак, велат дека е нереално да се очекува битолчани наскоро да добијат парно од РЕК, зашто во таков случај комбинатот би требало да произведува помалку струја.

Општина Битола се подготвува за гасификација, а соседната Општина Новаци за топлификација. Се очекува до 2020 година гасот да стигне до Битола, па општината веќе издвојува средства за да ја постави потребната инфраструктура. Годинава од општинскиот буџетот ќе се издвојат 15 милиони денари, следната година предвидени се 50 милиони, а во 2020 дури 70 милиони денари.

„Јас се гордеам што Општина Битола е во понапредна фаза. Тоа е вистинскиот излез за горливиот проблем со загадувањето. Динамиката ќе се одвива според средствата што ќе ги издвоиме од буџетот на Општината, но и од низа други извори. До 2020 година, Битола, по поставувањето на примарната мрежа, треба да биде подготвена за да го спроведе гасот на своја територија. Да не ни се случи гасот да ни дојде до нашиот град, а ние да не бидеме подготвени“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

Претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ десет години најавуваше дека ќе ја топлифицира Битола. Тоа беше ветување на секои парламентарни и локални избори како мерка за поевтино затоплување, но и намалување на загадувањето. Се дадоа многу пари за подготовка на проекти и физибилити студии. Во РЕК се изведе и реконструкција на турбините на два термоблока за регулирано одземање на пареата, но инфраструктура не се извади надвор од комбинатот, а се најавуваше дека ќе се топлифицираат и Новаци и Битола и Могила.

Постројка за одземање пареа од турбините на РЕК Битола
Постројка за одземање пареа од турбините на РЕК Битола

Новиот градоначалник на Општина Новаци, Љубе Кузманоски, кадар на СДСМ, смета дека нема реални изгледи за топлификација на Битола со топлинска енергија од комбинатот РЕК. Тој вели дека за да се топлифицира Битола ќе треба еден од трите блокови на РЕК да не произведува струја, што е проблематично во услови кога земјата кубури со производство на електрична енергија. Кузманоски е градоначалник на Новаци, општина на чија територија е РЕК, а пред да стане градоначалник работеше во комбинатот, па познати му се состојбите.

„Зошто не може Битола или подалеку? Затоа што од Битола до РЕК има 12 километри. И мое мислење е дека за да се загрева Битола, треба од РЕК еден блок да не произведува струја, туку да произведува само топлинска енергија. Мислам во овие моменти кога државата кубури со производство на електрична енергија, кога се очекува 70 проценти производство на струјата да даде РЕК за потребите на Македонија, мислам дека нема никој да си дозволи еден блок да се исклучи од мрежа заради топлификација на Битола“, вели Кузманоски.

Според него, реални се изгледите да се топлифицира само општина Новаци поради близината на два километри од РЕК. Тој најави дека за овој проект ќе отпочнат преговори со ЕЛЕМ, а потоа ќе обезбедат техничка документација.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG