Вицепремиерката Царовска контра Боки 13 за „Меѓународен сојуз“

Мила Царовска, вицепремиерка во Владата на Северна Македонија

Вицепремиерката Мила Царовска негира дека додека била министерка за труд и социјала политика му давала поддршка на Бојан Јовановски - Боки 13. Нејзината реакција следува откако Јовановски, како првообвинет за случајот „Меѓународен сојуз“, денеска пред судот рече дека неговата организација функционирала како министерство за социјала и дека за тоа имал владина поддршка, споменувајќи ја и Царовска како помагател.

„Парите кои се уплаќани кај Љиљана Тодоровска и Јасна Мандиќ се за авторските права за идејното решение за што се е легално и имаат платено данок. Поддршка имав и од Мила Царовска тогашната мининстерка за социјала, од Оливер Спасовски, а бевме на прием и кај екс премиерот Зоран Заев. Ние всушност функцииниравме како министерство за сицијала згрижувавме деца и сега некој мојата хуманост ќе ја доведува во прашање“, рече Јовановски во неговите воведни зборови на денешното судско рочиште.

Царовска вели дека остро демантира каква било поврзаност со проект на ГП Пелистер и каква било соработка со невладината Меѓународен Сојуз, и најавува и тужба против Боки 13 за клевета.

„Ја информирам јавноста дека со госпоѓата што ја споменува Јовановски во неговата изјава ниту некогаш сум соработувала, ниту лично ја познавам. Изјавата на Јовановски е целосна невистина и директен напад и уривање на мојот углед и достоинство за што ќе ги преземам сите правни мерки“, вели Царовска.

Во случајот „Меѓународен сојуз“ се обвинети Бојан Јовановски - Боки 13, Јасна Мандиќ, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Христина Блажеска за кривичните дела „измама“ и „перење пари“.