Македонскиот е.ГО - најавен помпезно, но полн со „тајни“

Електричниот автомобил „Е.Го“

Владата го држи во тајност договорот за електричните автомобили „е.Го“. Тој е за 50 отсто поскап од колите во неговата класа и во Германија чини околу 19 илјади евра со 6000 евра државни субвенции. Експерти посочуваат на проблеми во Македонија: несоодветна инфраструктура до фабриката, соодветен кадар, набавка на батерии и други компоненти. Помпезно најавуваната германска инвестиција помина без присуство на претставници на Германската амбасада.

Новата ера на стратешки инвестиции Владата ја почна без да го објави Договорот за најновата странска инвестиција на германската компанија „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“, која најави изградба на микро фабрика за електричните автомобили „е.ГО.“ во економската зона во Тетово (ТИРЗ).

Увид во неговата целосната содржина Владата не овозможува и покрај тоа што во јули 2017 година се заложи дека ќе ги декласифицира сите договори склучени со странските инвеститори како државна тајна.

Тогашниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев рече дека граѓаните треба да знаат што точно поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ потпишувала со странците за влез на компаниите во развојните зони во Македонија.

Радио Слободна Европа од ТИРЗ го побара на увид Договорот што Владата го потпиша со германската компанија, која ја најави инвестицијата во микро фабриката во Тетово, вредна 130 милиони евра.

Од ТИРЗ добивме нејасен одговор. Наместо целосниот документ што ТИРЗ го потпиша во име на Владата, од таму ни беа доставени истите инфорамции кои владиниот врв ги објави при самото промовирање: дека државната помош за проектот ќе изнесува 35 отсто од вкупната инвестиција од 130 милиони евра и дека нема да има даночни ослободувања за инвеститорот.

„Немам таква информација дека (договорот) е државна тајна. Единствено од наша страна имаме соодветни процедури за процесирање на документи со секој клиент и инвестиција, што е ИСО стандард во работењето“, одговори директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски на нашето прашање дали Договорот со „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“ е класифициран.

Фабриката за електрични автомобило „е.Го“ во Ахен, Германија.

Бројни нејаснотии

Но, освен нетранспарентноста за договорот, има многу дилеми зошто токму во Македонија „е.ГО“ ќе произведува автомобили - проект кој повеќе го промовираа македонските политичари отколку самиот инвеститор.

Нејасно е и дали инфраструктурата во ТИРЗ Тетово е соодветна за ваков тип производство, бидејќи повеќето фабрики за автомобили во светот употребуваат железници за транспорт на произведените возила.

Во одговорот кој го добивме од „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ СЕ“ се вели дека нивната комерцијална технологија и производствен систем се разликува од традиционалното автомобилско производство.

Компанијата смета дека Македонија обезбедува конкурентен екосистем, како што се трошоците за земјиштето и изградбата, но и талентиран човечки капитал како резултат на образовниот систем, сигурна инфраструктура и потенцијални обновливи извори на енергија, стратешка географска локација лесно достапна од големите светски комерцијални и индустриски центри, како и транспарентна и конзистентна инвестициска клима.

Бизнисменот Мендерес Кучи, иако оценува дека фирмата е свесна за ризиците кои ги преземала со инвестицијата, според него ТИРЗ зоната во Тетево сѐ уште е со недоволно развиена инфраструктура, како на пример поврзувањето на зоната со автопатот.

„Автопатот кој требаше да биде поврзан со зоната не е направен, а тоа е работа на нашиот политички естаблишмент којшто требаше досега да ги реши овие работи доколку сака да дојдат сериозни инвестиции’, вели Кучи.

За најавената инвестиција во Македонија, експерти велат дека дури и во случај проектот да биде реализиран, компанијата ќе се соочи со недостаток на соодветен кадар како машински и електро инженери.

Арбен Халили, кој шест години беше директор на ТИРЗ Тетово, вели дека во градот нема доволно квалификувана работна сила која ќе му биде потребна на инвеститорот за да произведе електричен автомобил.

„Ме плаши работната сила што ја нема во Тетово, дали ќе ја увезуваат од надвор не знам“, вели Халили.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Што сѐ е (не)јасно околу „е.ГО“?

Исто така, не се знае дали електричниот автомобил „е.ГО’ целосно ќе биде произведуван во Тетово, но и кој ќе биде добавувач на батерии во врeме кога производството на електрични автомобили глобално се соочува со високи цени предизвикани токму од недостатокот на батерии и други електрични компоненти, како и на сурови матријали (литиум).

Инвеститорот не открива конкретно од каде ќе ги набавува батериите, но вели дека соработува со голем број добавувачи од Европа и Азија.

Долгогодишниот автомото новинар и уредник на „Автомагазин“ Крумислав Барзов вели дека во последните две години, особено поради пандемијата, драстично е променета автомобилската мапа на светот, поради што главните глобални играчи, но и малите стартап компании со соочуваат со проблеми во ланецот на снабдување на неопходните елементи без кои автомобилите не можат да функционираат.

„Ова најмногу се однесува на снабдување со електронските елементи како што се процесорите, полу-проводниците, но и батериите и логистиката. Актуелната ситуација ги доведе пред предизвици сите фабрики зависни од компоненти, од најголемите групации, до најмалите производители кои се принудени драстично да го намалат“, вели Барзов.

Фабриката за електрични автомобило „е.Го“ во Ахен, Германија.

Германска инвестиција без присуство на германската амбасада

Македонските политичари проектот го најавија како голема германска инвестиција, но забележливо беше отсуството на претставник на Германската амбасада во Скопје.

Од Германската амбасада објаснуваат дека имале веќе утврдена агенда и биле краткорочно известени.

„Присуството не е секогаш можно, генерално се обидуваме да им одговориме на термините од таков вид“, се вели во одговорот за РСЕ на германската амбасада во Скопје.

Ако микрофабриката за „е.ГО’ почне да работи во Македонија, таа ќе биде трета, по онаа во Ахен и втората во Бугарија чија изградба е во тек.

Кој е инвеститор - „е.ГО“ или „Еколог“?

На 13 август, на денот на одбележувањето на Рамковниот договор, државниот врв предводен од премиерот Димитар Ковачевски, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски најавија „нова ера во стратешките инвестиции на Владата“ велејќи дека за прв пат во Македонија ќе се произведуваат електрични автомобили.

Владата го потпиша Договорот за државна помош за изградба на микро фабрика со фирмата „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“, која преку своите комуникациски канали се претставува како компанија со амбиции слични на гигантите во автомобилската индустрија, со оглед дека освен во Македонија, планира потенцијални фабрики во Бугарија, Грција, Мексико, Кина, Индија, Бразил и Тајланд.

Државниот врв на Македонија го промовира проектот за отворање на нова фабрика за производство на електрични автомобили во Тетово.

„НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“ е регистрирана во земјава на само две недели пред да го потпише договорот за државна помош со македонската Влада. Фирмата влегла во бизнисот со паричен влог од 5.000 евра, покажуваат податоците од Централен регистар. Основач е германска фирма од градот Ахен, која се регистрирала во Дизелдорф во 2019 година.

Основач на македонската „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“ е ХБР 24014 – така стои во тековната сосотојба на фирмата, каде управител е Фабијан Веисенборн. Но, во владиното соопштение е наведено дека потписник на договоорт е Али Везваеи, кој е претседател на Одборот на „е.ГО“, а исто така е директор на фирмата „Еколог.“

Во деновите пред официјално да биде најавена инвестицијата, дел медиуми објавуваа информации дека всушност инвеститорот е токму фирмата „Еколог“.

За нивната поврзаност со компанијата „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“, од „Еколог Интернешнал“ ни одговорија дека единствената врска меѓу двете фирми е тоа што се дел од портфолио холдинг компанија со седиште во Холандија (ND Group B.V.), а дека и двете компании се независни и работат во различни сектори. Тоа го потврдува и германската компанија, која за РСЕ одговори дека не постои деловен однос помеѓу „Еколог“ и „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ СЕ“, освен како акционери во холдингот.

Од ТИРЗ Македонија добивме слична информација, од каде велат дека поврзаноста меѓу двете фирми е претставена преку правен субјект кој е дел од сопственичката структура и во двете компании.

За германската фирма беа објавувани и информации, меѓу кои и на германски портали, дека во Германија била отворена стечајна постапка, односно дека Окружниот суд во Ахен отворил процес за неликвидност. Потоа во 2020 година холандската компанија ја купува фирмата која се наоѓа пред стечај.

Од ТИРЗ велат дека ги провериле ваквите информации, откако пред повеќе од една година вовеле пракса детално да ги проверуваат сите компании и потенцијални и актуелни инвеститори, за што ангажирале реномирана ревизорска куќа која направила проверка на компанијата, бизнис планот и нејзините капацитети.

„Во првичниот извештај за оваа компанија не се индицирани никакви посериозни ризици, ниту пак има информации за активна стечајна постапка. Дополнително вашите прашањата ги проследивме и до компанијата од каде остро ги демантираат ваквите написи и тврдења, а воедно информираа дека компанијата е во подготовка на нивно излегување на Њујоршката берза“, се вели во одговорот на ТИРЗ.

Во Македонија ќе се произведуваат електрични автомобили e.GO.

Батерии и производство

Микро фабриката за електрични автомобили во Македонија, како што беше најавено, ќе се гради во Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ Тетово) и се очекува во неа да бидат отворени 900 нови работни места.

Македонските власти најавија дека првите „е.ГО“ автомобили од македонско производство се очекуваат во последниот квартал од 2024 година, а дека платата за работниците во новата фабрика за електрични автомобили во Тетово ќе биде 2,5 пати од просечната плата во земјава, односно во просек од околу 1.340 евра бруто.

Капацитетот на фабриката се вели дека ќе биде 30.000 електрични автомобили годишно, исто како и во Бугарија каде планирано фабриката целосно да биде опремена до крајот на 2023 година, а целосниот производствен капацитет да биде достигнат во втората половина на 2024 година.

Продажната цена на автомобилот (e.wave X) на интернет страницата на фирмата стои дека е 25.000 евра во Германија со вклучен ДДВ од 19 проценти, а дека цената за други земји допрва ќе биде утврдена. Државата во Германија ги субвенционира купувачите со 6.000 евра.

Компанијата во 2018 година за прв пат започна да ја произведува својата палета електрични автомобили „e.GO Life“ во својата фабрика во индустрискиот парк Ахен Роте Ерде. Таа во Германија го промовира својот автомобил како поевтин за разлика од конкурентните електрични автомобили во неговата класа.

Барзов вели дека во моменталните услови претставува предизвик да се произведе било какво возило, особено електрично, поради недостатокот на батерии и електрични компоненти, но и покрај тоа популарноста и конкуренцијата на батериските електрични возила (БЕВ) е огромна.

„Македонија ја нема на оваа глобална мапа, а најавата дека ќе се започне со производство на (БЕВ) автомобили ме изненади. Искрено се надевам дека овој проект ќе успее, но за жал сум голем скептик. Првенствено поради горе наведените кондиционали, изгледот на самото возило, неговата намена, ценaта која не е адекватна на пазарните услови, а да не споменуваме дека нашето образование и истражувачка работа на полето на техниката, особено на возила е ниска, бидејќи индустријата е систематски уништувана од нашето осамостојување. Можеби сме добри за „штрафење“, но да се произведе целосно автомобил, од лим до готов производ, немаме ниту знаење, ниту капацитет“, вели Барзов.

Во моментов светските производители на електрични автомобили се соочуваат со над 30 отсто опадната продажба поради недостаток на неопходни компоненти, иако истовремено бележат зголемен профит.

На пример, Групацијата „Стелантис“, во која се вклучени „Алфа Ромео“, „Ланчиа“, „Абарт“ и „Ситроен“, има илјадници автомобили кои стојат во фабриките.

Од друга страна, електричните автомобили кои се во класата на „е.Го“, како „Ситроен Е Ами“, „Опел Е Рокс“ или „Дачија Спринт“ на пазарот се со цени од околу 14.000 евра.

Во однос на споредбата, Барзов вели дека класата А0 (мали градски автомобили) е исполнета од страна на марките кои успешно опстојуваат 100 години на пазарот, а дека истовремено доаѓаат моделите од Азија со пониска цена од останатите.

„Дури и европските марки како Ситроен, Опел и Дачија имаат свои адути во ова друштво, но се двојно поевтини од она што ни дојде во најава во Тетово. Со проектирана цена од околу 25.000 евра, овој автомобил, судејќи по неговите карактеристики, функција и дизајн, нема да најде купувачи на слободниот пазар и е осуден на пропаст“, вели Барзов.

Инаку, сите производители на автомобили во моментов се зависни од производството на електрични компоненти во Кина, која само оваа година ќе произведе над 6 милиони електрични автомобили.

Останува да се види дали, доколку бидат изградени фабриките за „е.Го“ во Македонија и Бугарија, ќе имаат тип на производство „semi-knocked-down kit“ (SKD), што значи кога фабриката ги добива сите делови и ги склопува или, пак, complete knock-down (CKD) кога произведуваш сѐ во своја фаблика.

„е.ГО“ уште минатата година најави сличен проектот за изградба на фабрика во Бугарија со персонал од 1.000 луѓе, а во кој ќе вложи 140 милиони евра. Но во Бугарија некои од компонентите ќе се произведуваат во фабриката на германски „Бош“ во Софија.

Првичниот план беше изградбата да започне во април годинава, но изградбата доцнеше, а според последните најави стартот ќе биде во септември во градот Ловеч, на земјиште во сопственост на контроверзниот бизнисмен Кирил Домушиев, според извештаите на бугарските медиуми.

Во Македонија ќе се произведуваат електрични автомобили e.GO.

Нема даночни ослободувања?

Директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски при најавувањето на проектот изјави дека компанијата нема да користи даночни ослободувања, туку во целост ќе има обврска истите да ги плаќа кон Буџетот и јавните фондови на државата. Во исто време е најавено дека ќе добие 35 % државна помош. Ист е случајот и со Бугарија, каде што во инвестицијата од 140 милиони евра, бугарската држава учествува со 34 милиони евра.

„Овој модел на државна поддршка е усогласен со регулативата во ЕУ, а е подеднакво достапен за сите странски и домашни компании“, рече Деспотовски.

Но, прашањето е како компанијата нема да користи даночни ослободувања кога самиот Закон за ТИРЗ тоа го предвидува за инвеститорите?

ТИРЗ во име на државата потпишува договор со инвеститорот, и со тоа има обврска секоја година пропорционално да му враќа на инвеститорот.

Според Законот за ТИРЗ, постојат одбитоци, што значи дека фирмата им дава плата на вработените, но не и сите придонеси како персонален данок од 10 отсто кои се сметаат како финансиска поддршка од државата кон инвеститорот. Што значи дека државата не и дава пари на фирмата, но и фирмата не плаќа кон државата.

Исто така постои и ослободување од 10 отсто од данок на доход на крајот на годината, вели Халили, но и ДДВ кое што државата нема да го враќа на крајот на годината и тоа се зема како учество на државата, односно финансиска поддршка кон инвеститорите.

„Така е за сите во ТИРЗ зоните. Овој договор јас го немам прочитано за компанијата, убеден сум дека истиот е според законската регулатива но не може да се смени законската регулатива само заради една компанија. Ако се смени во тоа, секако дека ќе важи и за сите други“ вели Халили.

Самиот Закон за ТИРЗ зоните овозможува секоја компанија да ги користи тие придобивки и затоа компаниите влегуваат во зоните, инаку нема потреба тие да влегуваат во зоната, заклучува Халили.

Првиот електричен автомобил „е.Го“ од македонско производство се очекува да излезе на пазарот во 2024, а тогаш ќе се утврди и цената.