Ваши коментари – попис и ѓубре насекаде

Илустрација: Расфрлано ѓубре околу Дебарското Езеро

Најавениот попис, меѓупартиските препукувања и негрижата за животната средина се теми кои предизвикале најголем интерес кај нашите читатели на социјалните мрежи.

„Власта најавува европски попис, ВМРО-ДПМНЕ најавува бојкот ако власта не се консултира со нив“, гласи насловот на информацијата на РСЕ за изјавата на опозициската партија, а Адриан Ани Оки прашува: „Вие од ДПМНЕ знаете ли нешто друго освен бојкот?“ Живко Стефановски полемизира со Адриан Ани Оки: „Што правевте вие предавници во 2004-та за референдумот за територијална поделба и уништување на Македонија, зарем вие не бојкотиравте?“ – па продолжува со непримерен речник за да заврши: „Немате ништо човечко во вас“. Халил Билали му реплицира на Живко Стефановски со иронија: „Сè човечко кај тебе останало“. Вахудин Ваце Мекиќ забележува: „Зарем на ДПМНЕ им текна за попис, ама не може ништо да лапне, баш жално“.

Видете и ова: Џафери - Не може да сонуваме за Европа, а да работиме македонски

Изјавата на првиот човек на опозициската партија, Христијан Мицкоски дека „би ги одбил сите награди на светот само Заев да не е веќе премиер“ предизвикала бурни реакции на нашата ФБ страница. Една од нив е на потпишан со Вид Инг: „Насловов е како ’Фчерашни новости‘ да го пишувале, а богами и изјавата“. Рази Шаловски потсетува: „И тоа нема да ти помогне, бремето што го носиш од к...о е многу тешко, врежано е во колективната меморија на македонскиот народ, знае какви криминалци сте. Завршена приказна сте, прочитана книга.“ Дејан Божиновски му препорачува на Мицкоски: „Ај, бе, Мице, се виде твоето. Ајмо, разлаз“. Славчо Гошевски со забелешка: „Тоа е веќе лична омраза, не му личи на еден граѓанин кој во иднина сака да биде водач на партија!“, а Дарко Атанасоски постирал: „Фала богу, никој не ти дава награда! Па не можеш ни да добиеш“, а Димитар Мариновски, со Смешко што плаче од смеење го коментира претходниот пост: „Дарко Атанасовски, затоа му е полесно да се откаже“. Ангел Јовчевски, пак, прашува: „А да се откажеш од хидроцентралите ќе можеш ли?“

По информацијата за една од забелешките во Извештајот на ЕК дека не се грижиме доволно за животната средина, Дејан Кукески кратко и јасно: „Битно ја сакаме Македонија и сме патриоти, а тоа што фрламе ѓубре на сите страни не е важно“. Радмила Софревска е уште поостра: „Нè искара? Треба да нè соберат на купче и да нè запалат. Ако некому кажеш да не фрла на улица, може и ќотек да изедеш.“

Како за крај, еден коментар кој може и да ве насмее: Во Норвешка е отворен ресторан пет метри под вода, а постот на Миле Спасов и смешен и тажен, колку нашиот народ изгубил верба во сè: „Абре, ај там, не лажејте, ееееее, под вода ресторан, глупости, а како ќе одат луѓето?“