Амбасадорите на ЕУ-членките постигнале консензус за преговори со Македонија

Вицепремиерот Бујар Османи

Постојаните претставници на земјите членки на ЕУ синоќа постигнале консензус за одлука за започнување на преговори со Северна Македонија, соопшти вицепремиерот Бујар Османи.

„Безусловна и со безусловно барање за одржување на првата меѓувладина конференција веднаш после одобрување на преговарачката рамка. Таа одлука очекуваме денеска да се потврди, а потоа да биде потврдена и на 24 март од страна на министрите за Европа и за надворешни работи на ГАК, а потоа и на самитот на лидерите на земјите од ЕУ на 26 март“, изјави Османи на денешната прес-конференција.

Според него, ова е исклучителна добра вест, бидејќи е консензус на сите земји-членки, по сите разлики што постоеја во последните 15 години, но сепак, додаде, дека треба да ја почекаме и формалната одлука.

Оваа одлука на постојаните претставници во ЕУ доаѓа по само два дена по информацијата дека Советот за општи работи на ЕУ позитивно ќе одлучи за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија. Во нацрт-заклучокот на Советот за општи работи на ЕУ, во кој увид завчера имаше Радио Слободна Европа, стои дека министрите од земјите членки на ЕУ, под услов да го усвои Советот на Европа, ќе одлучи за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Овие заклучоци, како и заклучокот на постојаните претставници во ЕУ, кои заседавале синоќа, би требало да се усвојат на состанокот кој треба да се одржи на 24 март, најверојатно како видео-конференција, поради мерките за заштита од коронавирусот.

Според правилата и процедурите на ЕУ, сите овие препораки и одлуки за консензус за почнување пристапни преговори со Северна Македонија, треба да ги усвои Советот на министри на ЕУ следниот вторник, а треба да бидат поддржани и од шефовите на државите и владите на земјите членки на ЕУ на Самитот на 26 март.

Пред два дена и холандскиот министер за надворешни работи, Стеф Блок, во разговор со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, рекол дека Северна Македонија треба безусловно да ги отпочне пристапните преговори за членство во ЕУ. По него се огласи и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој на својот твитер профил напиша дека „позитивна одлука за започнување на пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија следната недела би билa важен сигнал за целиот регион“.