Зеленски на средба со Трамп во мировни разговори со висок ризик, додека Русија ги засилува нападите

Американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, Вашингтон, октомври 2025 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп на она што би можело да биде најзначајниот состанок во поновата историја на земјата, додека Русија ги продолжува своите смртоносни воздушни напади врз Киев и врз други украински градови и места.

Белата куќа не коментираше директно за разговорите на 28 декември, но во својот дневен распоред, беше наведена средба меѓу двајцата лидери за попладнево во Палм Бич, Флорида, додека страните се обидуваат да постигнат мировен договор за ставање крај на војната на Русија против Украина.

Видете и ова: Илјадници се смрзнуваат во Киев по рускиот напад со дронови во пресрет на разговорите Зеленски - Трамп

Зеленски пристигнува во Соединетите Американски Држави(САД) по посетата на Халифакс, Канада, каде се сретна со премиерот Марк Карни, кој понуди поддршка за Украина пред клучните разговори со САД, велејќи дека „варварството на Русија... покажува колку е важно да стоиме со Украина“.

Зеленски, исто така, имаше телефонска конференција со европските лидери. По седницата, претседателката на Европската комисија(ЕК), Урсула фон дер Лајен, повика на „праведен и траен мир што ќе го зачува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“.

Зеленски рече дека повторно ќе разговара со европските лидери откако ќе се сретне со Трамп, апелирајќи до Западот да заземе силен став за да го спречи рускиот претседател Владимир Путин „да манипулира и да избегнува вистински и праведен крај на војната“.

Зеленски - со поддршка од Европа - предложи план од 20 точки за ставање крај на војната на Русија против неговата земја, откако претходно се обиде да се спротивстави на планот од 28 точки што го изнесе Трамп во ноември, за кој критичарите рекоа дека е многу искривен во корист на Русија.

Едно од критичните прашања во срцето на тековните преговори е судбината на источниот регион Донбас.

Поголемиот дел од таа територија е под руска контрола, а Москва побара од Киев да ги предаде деловите што Русија не ги држи. Тоа вклучува два големи града - Краматорск и Славјанск - кои се клучни за украинската одбрана во областа.

Другото критично прашање е судбината на најголемата нуклеарна централа во Украина. Објектот во регионот Запорожје, кој беше најголемиот единствен извор на електрична енергија во Украина, е под руска контрола кратко време по почетокот на целосната инвазија во февруари 2022 година.

Зеленски предложи централата да се стави под заедничка контрола меѓу Украина и САД, при што Вашингтон ќе остварува профит од продажбата на електричната енергија од централата - вклучително и потенцијално на Москва.

Видете и ова: Кремљ ги намали шансите за договор за Украина за време на Божиќ

Кремљ, кој верува дека има предност и на бојното поле и во мировните преговори, покажа мала подготвеност за компромис во врска со своите тврдокорни барања - од кои повеќето датираат од пред инвазијата врз Украина.

Пред состанокот Зеленски-Трамп, Русија на 27 декември тврдеше дека зазела уште два украински града - Мирноград и Гуљајполе.

Руските тврдења не можеа веднаш да бидат потврдени.

Украинската војска соопшти дека ги одбила руските напади врз Мирноград и Хуљајполе.

Ноќта на 26 и 27 декември, руски беспилотен авион и ракетен напад врз Киев убија две лица, а повредија најмалку 28 други, соопштија украинските власти.

Францускиот претседател Емануел Макрон - еден од клучните поддржувачи на Киев, заедно со лидерите на Велика Британија и Германија - на 27 декември реагираше на најновите руски напади врз украинскиот главен град, нарекувајќи ги доказ дека Русија сака да „ја продолжи војната“.

Русија негира дека таргетирала цивилни објекти и покрај широките докази за такви напади.