Западен Балкан без роаминг: Колку ќе заштедите?

илустрација

Жителите на Молдавија, кога одат во Европската Унија, веќе еден месец не мора да се грижат дали нивните мобилни податоци случајно ќе останат вклучени и дали кога ќе се вратат дома, ќе ги пречека астрономска телефонска сметка.

Имено, во јануари, Молдавија, заедно со Украина, стана дел од роаминг системот на Европската Унија, иако самата земја не е членка.

Веацеслав Гроза, молдавски уролог кој речиси седум години патува во Романија, каде што работи и како уролог, за РСЕ изјави дека „тарифите за мобилни телефони станаа поевтини и попристапни“ откако неговата земја беше интегрирана во роаминг зоната на ЕУ.

Стравот дека еден повик ќе предизвика астрономска телефонска сметка наскоро би можел да биде минато во земјите од Западен Балкан, кои се исто така кандидати за членство. Европската комисија предложи отворање преговори со кои жителите на Западен Балкан ќе уживаат во истите права за роаминг како и ЕУ.

„Ненадејните сметки или повисоките трошоци за време на патувањето се нешто што веќе не го знаеме во рамките на ЕУ. Денес предложивме тоа да се прошири на Западен Балкан“, изјави комесарката на Европската унија за економски прашања, Марта Кос.

Подобри економски можности

Предноста на патувањето без роаминг може да биде значајна со оглед на тоа што најважниот трговски партнер на Босна и Херцеговина останува Европската Унија, како што претходно објави Надворешно-трговската комора на Босна и Херцеговина „со повеќе од 73 проценти од извозот и 66 проценти од увозот“.

Кога станува збор за туристички посети, гостите од Хрватска се најчести во Босна и Херцеговина, но и обратно. Босанските граѓани често патуваат и во земји каде што нема визни ограничувања или каде што имаат силна дијаспора, како што се Германија, Австрија, Словенија.

Видете и ова: Европската комисија предлага укинување на роамингот за земјите од Западен Балкан

Земјите на Европската Унија се исто така примарна дестинација на емиграцијата на жителите на Босна и Херцеговина. Соседна Хрватска, исто така земја од ЕУ, е прва на листата на земји каде што живеат граѓани на БиХ.

Според податоците на Министерството за безбедност на БиХ, во оваа земја живеат над 363 илјади граѓани на БиХ. Исто така, во Германија живеат над 333 илјади граѓани на БиХ.

Амбасадата на Шведска за Радио Слободна Европа изјави дека зајакнувањето на врските меѓу луѓето е долгогодишен шведски приоритет. Околу 60.000 граѓани на БиХ живеат во оваа земја.

„Постепеното градење посилни врски меѓу луѓето во Босна и Херцеговина и во Европската Унија е корисно за сите и претставува нешто што Шведска го поддржува и го промовира“, соопшти Амбасадата на Шведска во Босна и Херцеговина.

Видете и ова: Муцунски на средба со Кос во Брисел: Од 2026 можно укинување на роамингот со ЕУ

Тие нагласија дека претходно поддржале слични мерки, како што е претходниот договор за намалување на роамингот меѓу ЕУ и Западен Балкан.

„Бидејќи тие придонесуваат за практични чекори што го унапредуваат процесот на проширување на ЕУ, ја поддржуваат економската конвергенција и ги намалуваат пречките за шведските компании. Покрај тоа, надворешната политика на Шведска кон регионот нагласува дека владеењето на правото и реформите се во срцето на пристапувањето кон ЕУ, додека поврзаноста и дигиталната интеграција се алатки за стабилност и раст. Иницијативата за роаминг е во согласност со овие приоритети.“

На самитот на земјите од Европската Унија и Западен Балкан што се одржа во Тирана во декември 2022 година, беше потпишана декларација со која земјите се обврзуваат постепено да ги намалуваат надоместоците за роаминг. Пониските тарифи започнаа во 2023 година.

Според декларацијата, цената на еден гигабајт треба да биде 14 евра во 2026 година.