Резиме
- Министерство за животна средина: Новиот закон за контрола на индустриски емисии не дозволува надминување на граничните вредности на емисии, ниту фаворизира конкретни фабрики.
- Млади правници: Членот 59 од Законот го следи македонскиот контекст и отвора простор за „легални“ отстапки за загадување што ја фаворизираат РЕК Битола.
- Давор Пехчевски од Бенквоч: 25 години индустријата во Северна Македонија работи со нелегални отстапки за загадувањето, тоа нема да се промени ниту со новиот закон.
По критиките од правни експерти и еко-активисти дека новиот Закон за контрола на индустриски емисии им дозволува на фабриките во одредени ситуации легално да загадуваат над дозволените граници, Министерството за животна средина и просторно планирање тврди дека законот воведува построги контроли и интегриран пристап за спречување на загадувањето.
Според институцијата, одредбата од законот која предвидува можност постројките привремено да работат над граничните вредности на емисии до шест месеци во континуитет и дополнителни 500 часа годишно, се дел од меѓународно прифатени рамки.
Овие одредби, тврдат од Министерството, не се креирани или прилагодени за ниту една конкретна инсталација, вклучително и за работењето на РЕК Битола.
„Законот во целост ја транспонира Директивата за индустријски емисии 2010/75/EU и преставува голем исчекор од аспект на почитување и спроведување на обврските од националното законодавство, но и исполнување на ЕУ обврските“, велат за Радио Слободна Европа од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Видете и ова: Индустријата одамна го користи правото на деловна тајна за информации што согоруваОттаму наведуваат дека главната новина во законот е обврската условите за работа на секоја инсталација да се темелат на Најдобрите достапни техники (НДТ), со што индустријата ќе мора да го усогласи работењето со построги еколошки стандарди и континуирано да го намалува влијанието врз животната средина.
Реакциите во јавноста се однесуваат на Член 59, став 9 од новиот Закон за контрола на индустриски емисии кој беше изгласан во Собранието на почетокот на ноември годинава, а ќе стапи на сила за све години.
Тој член вели дека операторите можат привремено да работат над утврдените гранични вредности на емисии до шест месеци, а дополнително е предвидено годишно надминување на дозволените граници за загадување до 500 часови, при што доказите за таквото работење се обезбедуваат преку мониторинг што го спроведува самата индустрија.
Во одговор за Радио Слободна Европа, Министерството децидно наведува дека новиот закон „во ниту еден случај не може да претставува рамка што овозможува континуирано дозволено надминување на граничните вредности на емисии“ (ГВЕ) без надворешна контрола“.
„Контролата се спроведува преку Националниот план за редукција на емисиите усвоен од Владата и Дозволата за усогласување со оперативен план“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Од Министерството додаваат и дека според Директивата на ЕУ, самите инсталации се одговорни да вршат мониторинг на целокупнато генерирано загадување (во воздух, вода, почва) од нивна страна, а дека „во овој случај гарант преставува вршењето на анализи од страна на сертифицирани лаборатории“.
Видете и ова: Загадувачите со новиот закон ќе продолжат „легално“ да загадуваат над дозволените границиМлади правници: законските отстапки го фаворизираат РЕК Битола
Од друга страна, од Македонското здружение на млади правници предупредуваат дека ваквото законско решение отвора простор за, како што велат, „легални отстапки“.
Според Бојан Трпевски од Здружението, Законот директно го следи македонскиот контекст и како што вели силната зависност на државата од најголемата електрана на јаглен РЕК Битола која е под контрола на владината компанија за производство на електрична енергија – Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).
Тој објаснува дека Директивата на ЕУ дава опис на карактеристиките на инсталациите за кои се дозволени отстапки, но дека македонскиот закон во оваа смисла воведува и дополнителни околности.
„Во однос на РЕК Битола, според карактеристиките и технологијата на термоелектранта, јасно се гледа дека дополнителните околности во одредбите од Членот 59 се креирани токму за неа“, вели Трпевски.
Трпевски објаснува дека Членот 59 предвидува можност за отстапување во одредени ситуации, како староста и истрошеноста на постројката, дефекти во опремата или други технолошки околности, што според него директно кореспондираат со реалните услолви во кои работи РЕК Битола.
Од Министерствто за животна средина велат дека сите термоелектрани во земјава и во регионот се под надзор на Енергетската заедница, но дека со одлука донесена во 2013 година, Министерскиот совет им дозволи на земјите членки во периодот од 2018 до крајот на 2027 година да применуваат Национален план за намалување на емисиите (NERP) како алтернатива на индивидуално исполнување на граничните вредности за секоја постројка.
Од институцијата тврдат дека условите за работа на РЕК Битола се целосно усогласени со оваа одлука на Енергетската заедница.
Видете и ова: Индустријата доби уште две години да се усогласи со ЕУ-стандардите за загадувањеБенквоч: Нелегалните отстапки траат веќе 25 години
Термоцентралата РЕК Битола е најголемиот производител на електрична во Северна Македонија произведувајќи во просек околу 50 проценти од електричната енергија во земјата, но исто така е најголемиот извор на прашина и емисии на сулфур диоксид во земјата.
Според новото истражување на граѓанската мрежа Бенквоч (Bankwatch) за термоелектраните во регионот, двата блока на РЕК Битола во 2024 година ги надминале дозволените емисии на сулфур диоксид за 11,4 пати.
Само во текот на таа година, од оџаците на електраната биле испуштени речиси 85.000 тони сулфур диоксид, иако горната дозволена граница според стандардите на Енергетската заедница изнесува околу 7.500 тони.
Видете и ова: ЕУ планира да го елиминира јаглеродниот диоксид во индустријата до 2050 годинаДавор Пехчевски од Бенквоч вели дека во овој момент не е клучно како се дефинирани отстапките во законот, ниту дали се добро оправдани, бидејќи Законот ќе стапи на сила дури за две години и дотогаш може да се корегира.
Според него, проблемот е што веќе 25 години во земјава се работи со нелегални отстапки, и тоа нема да се промени веднаш со овој закон.
„Битола како термоелектрична централа во нивната еколошка дозвола има рок да воспостави континуирано следење на емисиите сега во декември 2025 година, а законски тоа беше обврска уште од 2012 година, додава Пехчевски.
„Рокот за филтер за прашина, или како што велиме ПМ честички, е исто така декември 2025 година, а тој требаше да биде оперативен уште во 2018 година. Рокот за изградба на постројка за десуфоризација е декември 2026-та, а обврската беше следната година таа веќе да биде целосно оперативна - потребни се три-четири години за да се изгради, за да се спроведе“, вели тој.
Северна Македонија вети дека ќе ја укине употребата на јаглен во електроенергетскиот сектор до 2027 година.
Ако се запре со употребата на јаглен земјата ќе ја стави на листата зелени земји во регионот, но како што наведуваат Бенковоч, термоелектраната во Битола веќе со години има зелено светло од властите во земјава да работи без контрола на загадувањето.
Како што наведува организацијата, сите стратешки документи за енергија кои се подготвени или во подготовка укажуваат дека централата ќе избегнува почитување на граничните вредости се до нејзиното планирано затворање во 2027 година.