Резиме
- Во последните пет години, за три и пол пати е зголемен бројот на странци кои се вработиле и добиле дозволи за престој во Северна Македонија. Најмногу ги има во градежништвото, преработувачката индустрија, хотелите, рестораните…
- Најчесто се ангажираат преку агенции – посредници, од каде посочуваат дека има голема побарувачка од домашните бизниси.
- Во 2025 од земјава избегале и 166 странски работници – тренд кој посредниците и дел од работодавците велат дека е намален.
Вкупно 6.128 странски работници добиле дозволи за привремен престој во Северна Македонија. Тоа е за три и пол пати повеќе отколку пред пет години кога поради работа во земјава дозволи добиле 1.704, покажуваат податоците што Радио Слободна Европа (РСЕ) ги доби од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Најголем интерес за вработување на странци, според мислењата што ги издавала Агенцијата за вработување од 2020 до сега, има во градежништвото, преработувачката индустрија, сместувањето и послужувањето храна, како и трговијата на големо и мало.
Инфографика - Број на издадени дозволи за привремен престој поради вработување на странци во С. Македонија 2021 - 2025
Турците доминираат, а се повеќе доаѓаат од Непал, Бангладеш и Индија
Бангладеш, Непал, Индија, Турција, Кина, Филипини се меѓу државите што МВР ги посочува за чии државјани издале дозволи за престој поради работа.
Детално, од кои странци има најголема побарувачка, пак, покажуваат и податоците што РСЕ ги доби од Агенцијата за вработување.
Оттаму, во 2025 година заклучно со 29 декември, издале вкупно 8.509 позитивни мислења за дозволи за работа. Во нив спаѓаат и 798 лични работни дозволи издадени за управители, менаџери итн. Ова мислење е потребно меѓу документите што ги прибира МВР кога одлучува дали ќе одобри престој или не.
И овие податоци го покажуваат растечкиот тренд на странци кои бараат работа во земјава. Во 2020, на пример, Агенцијата издала 3.227 позитивни мислења, што е повеќе од двојно помалку од лани.
Со години, први на оваа листата се работници од Турција, а во 2024 и 2025-тата во топ пет државите чии државјани добиле позитивни мислења се вбројуваат и Непал, Бангладеш и Индија.
Лани, од вкупно 8.509 за Турци од Агенцијата за вработување биле дадени 2.815 мислења. Следни се државјани на Бангладеш – 1.567, потоа Непалци – 1.089 и Индијци 1.079. Петти се косовски државјани – 406.
Претходно, кога и бројот на квоти и дозволи за странци беше драстично помал, овие места ги заземаа земјите од регионот, како Србија, Албанија и Косово.
Трендот на се побројните странски работници е забележлив и во секојдневието, пред сè во главниот град на Северна Македонија, каде тие неретко може да се забележат на градилишта, но и во хотели, ресторани, барови…
Овој процес, наведува Крсте Блажевски од доброволното и непрофитно трговско здружение на хотелиерски и угостителски бизниси – ХОТАМ, е природен со оглед дека домашните работници мигрираат во други европски земји.
Најголемиот дел од дозволите се барани за Скопје, а по неколку десетици на годишно ниво се издаваат за во Битола, Тетово, Охрид, Куманово …
„Тоа се работници од посиромашни држави кои овде би обезбедиле парче леб, би опстанале и би пратиле нешто за своите фамилии бидејќи и ден денеска постојат места каде тие земаат плати од 100 долари месечно. Овде земаат по 600-800 долари“, вели Блажевски за РСЕ.
Има и понуда и побарувачка за странски работници
Но, како доаѓаат во Северна Македонија? Најчестата пракса кога се во прашање работниците од далечни земји, како што се Непал и Бангладеш, е преку агенции – посредници.
За разлика од порано, денес посочува Блажевски „има доста такви агенции“ кои секојдневно им нудат работници. Според неговите зборови, ги има десетици. Им доставуваат видеа, CV од работното искуство што го имаат кандидатите за работа итн.
Една таква агенција, која четири години носи странски работници во Северна Македонија, е и „Балкан – човечки ресурси“. Таа соработува со агенција од Бангладеш.
„На почеток беше тешко да ги најдам првите работници, да ги убедам луѓето дека тука кај нас има работа и за нив. Меѓутоа со доаѓање на првите луѓе тука, веќе таа доверба е стекната и полесно се наоѓаат луѓе за кај нас“, вели во разговор со РСЕ, претставник на агенцијата.
Според него, интересот кај домашните работодавци е голем.
„На почеток бев скептик дека стварно Македонија би имал толку потреба од работна сила, меѓутоа мојата процена била погрешна. Гледам секој ден сè повеќе и повеќе побарувачка“, додава соговорникот од агенцијата.
Видете и ова: Околу 250 работници од Далечниот Исток печалат во Северна Македонија„Брзо учат јазик“
И тој ги посочува прво гастрономијата, а потоа производството и градежништвото меѓу бизнисите од каде најмногу им бараат работници.
Блажевски од ХОТАМ вели дека во последно време работниците што доаѓаат, не се „само општи работници“.
„Има и многу искусни работници кои може брзо да сфатат што треба да работат кај нас“, посочува тој.
Во хотелиерството и угостителството, најчесто странците се ангажираат за „позадинските задачи“ – чистење, работа во кујна итн. Но, Блажевски посочува дека тие бргу учат јазик. Според искуството, за шест месеци ги совладуваат основните работи, но најчесто тоа го разбираат и на англиски.
„Знаете, ниедна држава во светот досега не пропаднала од работна сила, не се уназадила. Се оди само напред. Ако нема кој да ги извршува работните позиции, тогаш ќе сме во голем проблем, ќе треба да се затвораат објекти и да нема приходи“, вели Блажевски.
Избегале 166 странски работници
Сепак, неколку годишното искуство со работници од далечни земји, како Индија, Непал и Бангладеш, покажа дека и работниците места што тие ги заземаат, се празнат бидејќи бегаат во други европски земји. Овој проблем не го негираат ниту претставниците на бизнис секторот ниту агенциите-посредници.
Претставникот од „Балкан – човечки ресурси“ посочува дека во моментов соработува само со една агенција со Бангладеш бидејќи дел од тамошните „ги злоупотребуваат нашите фирми за бегање во други европски земји“. Според него, само четири отсто од оние што неговата агенцијата ги донела во земјата заминале.
Видете и ова: Доаѓаат да работат, па ќе побегнат во ЕУ„Трендот на бегање на странските работници, според Блажевски е намален. Регулативите не беа средени како што треба и одреден број работници-мигранги го искористија тоа. Но, затоа лани, тие што дојдоа, останаа. Ако некои заминаа тоа е многу минимален број“, тврди тој.
Во 2025 кога дозволи добиле 6.128 странци, Министерството за внатрешни работи евидентирало 166 странци кои ја напуштиле Северна Македонија, а биле во државата биле со статус на „привремен престој по причина на вработување“.
Според податоците што РСЕ ги доби од МВР, од нив 129 биле државјани на Бангладеш, 34 на Непал, а тројца на Индија.
Инфографика - Број и потекло на странци кои ја напуштиле Северна Македонија во 2025 година, а имале дозвола за престој и вработување
Според законските одредби во Северна Македонија, квотата за вработување на странци не смее да надминува 5% од вкупното работоспособно население во државата. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на вработени лица во третото тримесечје од 2025 година бил околу 705 илјади, а невработени речиси 92 илјади.
Кога е во прашање квотата за работни дозволи за странци, пак, за 2025 година Владата ја одреди на 10.000 работници. И таа, паралелно со бројот на ангажирани странски работници растеше во текот на изминатите години. На крајот на 2023-та, претходната влада ја зголеми од пет на седум илјади. Претходно, изнесуваше 3.250.
Видете и ова: Олеснувања за вработување странци, но само за стратешките партнериМинатото лето, Владата предложи, а Собранието изгласа и измени на Законот за странци, според кој се предвидува дека надвор од оваа квота, привремен престој заради работна ќе се одобри и на странец кој работи на стратешки проекти утврдени со посебен закон. Ова значи дека работниците ангажирани на стратешки проекти се доболнителна работна сила, надвор од квотата до 10.000.
Таков стратешки проект, е на пример, изградбата на коридорите 8 и 10Д од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.