Достапни линкови

Околу 250 работници од Далечниот Исток печалат во Северна Македонија


Архивска фотографија - Градежни работници на пат
Архивска фотографија - Градежни работници на пат

Владата ја зголеми квотата за увоз на работници од странство од 5000 на 7000. Годинава е при крај, но ни квотата од 5000 не е исполнета. Не е само до квотата, и до комплицираните процедури е, се жалат бизнисмените. Најмногу странци кои работат во Македонија се од Турција, а потоа од регионот – Србија, Косово, Албанија. Има и печалбари од Далечниот Исток.

При крај на годината не е исполнета квотата за увоз на 5000 работници од странство. Според податоците од Агенцијата за вработување годинава се издадени 4794 дозволи за работа на странци, од 5307 барања. Во земјава најмногу странски работници има од Турција, потоа следуваат соседните Косово, Србија и Албанија, а на петто место е далечната Индија. Странците што дошле да работат во земјава, најмногу работат како управители, а потоа следат градежници, тесари, електричари и армирачи. Најмногу од странците работат во Скопје, а потоа следуваат Битола, Тетово, Куманово и Охрид.

На почетокот на годината, власта најави дека проблемот со недостигот на работници ќе се решава со „увоз“ на работна сила од Југоисточна Азија, каде што има пониска просечна плата од македонската. Но нема многу заинтересирани работници од далечните земји. Годинава дошле 146 работници од Индија, 97 од Непал и еден од Шри Ланка, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување.

Инфографика - Странски работници во Северна Македонија 2020 - 2023
Инфографика - Странски работници во Северна Македонија 2020 - 2023

Не е само до квотите и до бирократијата е

Бизнисмените се жалат дека не им е лесно да „увезат“ работници од странство, посебно од далечниот Исток. На патот им стојат административни бариери, чекање со месеци и тоа што Македонија нема конзуларни претставништва во многу земји од каде што може да се донесат работници, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи. Тој го наведува примерот со работници од Бангладеш, каде што Северна Македонија нема конзуларно претставништво, па тие ако сакаат да дојдат тука мора да одат до Индија. А потоа од таму се праќаат документи во земјава, па треба да поминат низ неколку институции, па пак да се вратат до конзуларното претставништво.

„Тоа е една од маките. Агенциите за посредување не се проблем, тие само наплаќаат една бруто плата на работникот, тоа е за нивната услуга. А авионската карта и другите работи се на товар на работодавачот“, вели Димитров.

Во соседството работите одат многу побрзо и поедноставно, додава тој.

„Имав состанок со колега кој има текстилна фабрика во близина на Крагуевац, Србија. Тој има 20 работници од Бангладеш. Ми вели подобро Србија да ги увезе, па да ни ги даде нам, оти со Србија имаме реципроцитет и може да работат со српска дозвола кај нас. Ние да увеземе работник можеби ќе ни требаат и повеќе од шест месеци“, дели Димитров.

Во земјава има многу Агенции кои посредуваат за вработување на домашни работници во земјава и да им најдат работа на работници од Македонија во странство. Но законот не предвидел лиценци за Агенциите за посредување при вработување на работници од странство.

Во вакви случаи, на помош доаѓаат агенции од соседството.

Едно од решенијата е и поголеми плати

На земјата со 1,8 милиони жители, според изјавите на властите, ѝ недостасуваат околу 10 илјади работници, и тоа најмногу во угостителството и градежништвото. Но освен со „увоз“ на работници од странство, проблемот со недостиг на работна сила, може да се решава и ако газдите „го одврзат кесето“ и со преквалификација и доквалификација на македонските граѓани, посочуваат соговорниците

На градежништвото му фалат работници од сите профили, вели Салим Хасани од Групацијата за градежништво во Стопанската комора на Северозападна Македонија.

„Ние нашите буквално ги избркавме. Ќе мора да ги зголемиме платите на градежните работници, ако не го направиме тоа ќе пропадне цела гранка. Добрите мајстори кај мене имаат и до 1300 евра плата, инженерите 700, бидејќи инженери можам да најдам, а добар мајстор тешко се наоѓа“, вели Хасани.

Тој за Радио Слободна Европа вели фирмите од Групацијата досега имале искуство со работници од Турција. За нив вели дека се професионалци и си ја знаат работата.

„Но турските работници се малку поскапи од нашите. А тие што доаѓаат од подалечните земји се малку поевтини од кај нас, но има многу прашалници околу нивната професионалност. Треба да се испита дали функционираат според нашите норми и стандарди, како ќе се комуницира, сето тоа носи неизвесности“, вели Хасани.

Северна Македонија во изминатите 20 години ја напуштиле речиси 200 илјади луѓе, пред сè работоспособно население.

Најголем дел од невработените - повозрасни и неквалификувани

Според податоците на Агенцијата за вработување во моментот има околу 7300 слободни работни места, околу 105 илјади луѓе активно бараат работа, а околу 44 само се пријавуваат во Агенцијата, но се пасивни баратели на работа. Структурата на невработените, пак покажува дека има многу кои се неквалификувани, повозрасни и без образование. Над 43 илјади луѓе кои се невработени имаат повеќе од 50, а повеќе од 62 илјади невработени се без образование или само со основно.

Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање Иван Пешевски вели дека државата нема податоци за тоа колку градежни работници недостасуваат во земјата, но факт е дека на пазарот на труд одамна нема слободен градежен работник.

„Ние немаме работници за дома ако ви треба нешто, а камо ли за градење на пруга, автопат, брана, тунел...Но за да се обезбедат работници требаат и пари, а ние сакаме работници без пари“, вели Пешевски.


Во големите градежни фирми, вели тој, платите се добри и за општи работници и за инженери, но има и такви фирми кои сакаат да ангажираат работници и да им даваат плати од минимална, до просечна. Минималната плата е околу 20 илјади (320 евра), а просечната околу 36 илјади (600 евра). Па затоа многу работници се одлучуваат да работат на црно, непријавени.

Во Македонија подолго време работат градежници од Турција на објекти што ги градат турски инвеститори и градежници од Кина на изградбата на автопатиштата, а доаѓаат и сезонски работници од Албанија и Косово за земјоделски работи.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG