Со графити и мурали против монотонија и стари фасади

Мурал на зграда во скопски Капиштец, нацртан од уметникот Драган Китановски- Драш, во 2018

Графити и мурали на артистите Драган Китановски- Драш и Марјан Димиќ- Мачка има на повеќе локации низ Скопје. Нивниот уметнички печат го има дури и на фасади на две нови згради, едната во Дебар маало, а другата во Капиштец.

Ако го гледаме Скопје како една празна сала и ако нема исцртани ѕидови, тоа е како да немаме што да изложиме, вели Драш.

Мурал на зграда во скопски Капиштец, нацртан од Марјан Димиќ- Мачка, во 2018

„Од артистички аспект, има доволно простор за да се изразат сите артисти што сакаат. Мислам дека на Скопје му фалат многу повеќе исцртани фасади, бидејќи свесни сме за тоа колкава е таа монотонија. Одиш... зграда, балкон, прозор, ништо не се случува“, вели Мачка.

Дел од мурал на зграда во Капиштец, направен од Драган Китановски-Драш во 2018

Тие во Капиштец и Дебар Маало цртаа на нови фасади, но ваквите дела може да бидат „лек“ за старите.

„Новите згради си имаат некоја своја убавина, ама стариве згради што ги јаде забот на времето може да се потрудиме да се сменат. Не мора сѐ да биде сиво и секоја фасада иста. Може да се покрие секое старо ќоше како на пример ѕидовите кои се исчкртани со навредливи пораки. Не е ни некоја голема ставка да се земат материјали, да се покријат некои работни трошоци, за тие што ќе го отсликуваат тоа да се даде некаков надоместок, за во многу поубаво катче да се претвори Скопје“, додава Драш.

Фасада во Дебар маало, исцртана од уметниците Драган Китановски (Драш), Марјан Димиќ (Мачка) и Миле Глигоровски (СРК), во 2016

Уметниците имаа иницијатива за менување на изгледот на основните училишта во Скопје. Нивни дела има на ѕидовите на училиштата „Кочо Рацин“ и „Димитар Миладинов“.

Мурал на уметниците Драш и Микс, на ѕид на основното училиште „Кочо Рацин“, направен во 2023

„Во основното училиште „Кочо Рацин“ бевме четворица цртачи, искречивме, нацртавме и секако е подобро отколку што било претходно. Чисто колку да им дадеме пример, мислам, свесни се веќе општиниве, ама треба да имаат поголемо разбирање и тие самите да прифатат дека е подобро за сите да се вложува во графити и во тој вид на уметност“, смета уметникот Драш.

Дело на Марјан Димиќ- Мачка, на ѕид од основното училиште „Димитар Миладинов“, направено во 2023

Слободата на легалните ѕидови vs. адреналинот на недозволените места

Македонските графити уметници во 2021, добија легални ѕидови за уметничка креација. За слободна графити зона беа прогласени потпорниот ѕид на улица Војвода Васил Чакаларов (Адолф Циборовски) по Реплек, ѕидовите од двете страни на булевар Гоце Делчев под поранешна Стоковна куќа МОСТ, денес Универзитет на Југоисточна Европа.

Градскиот трговски центар ја доби галеријата на графити и мурали „Градот убав“, во 2018, каде Драш и Мачка оставија свои дела.

Ќерките на Драш и Мачка пред делото на Драш во Градскиот трговски центар (ГТЦ), направено во 2018

„Онаму каде е дозволено можеш да останеш и со часови и да нацрташ нешто навистина поквалитетно. Кога ќе поминат луѓе да кажат: 'Па да, подобро вакви да се зградиве и ѕидовиве отколку да се со чкртаници, како што се низ Скопје, со политички пароли'. Треба да има легални ѕидови од аспект на тоа дека доаѓаат и многу странци особено во летниот период. Да имаме некое место каде ќе им кажеш: 'Дечки, овде може да цртате и да се чувствувате слободно, никој нема да ве казни. Но, од друга страна, некои други чувства се раѓаат и организмот лачи повеќе адреналин кога црташ некаде каде не ти е дозволено“, вели Драш.

Мурал на Марјан Димиќ- Мачка во ГТЦ, направен во 2018

„Не би рекол дека треба да има специјални, легални места, тоа е еден вид на улична уметност. Дали ќе биде легално или не, тоа пак зависи од самиот уметник и е дел од неговата одлука каде и зошто ќе го направи. Да, би било добро за помладите за некој кој сака да проба, да почне... Но, градот или населбата се доволни за уметникот да може да направи нешто доколку сака. А на легален начин, зборувам за убава фасада, би можело да се направи тоа преку градот или со дозвола на сопствениците на таа зграда“, смета Мачка.

Освен низ Скопје, Мачка и Драш имаат свои дела и низ други места во земјава, како Куманово, Гевгелија, Кочани... Но и преку граница, како Белград, Софија, Солун, Риека...

Дело на Марјан Димиќ- Мачка, во Стара пивара во Белград, направено во 2014

Дело на уметниците SCOPE, Драш и Микс, направено во Гевгелија, во 2023

Мурал на Марјан Димиќ- Мачка во фабриката Купром, направен во 2017

Дело на Драш во Куманово, направено во 2022

Мурал на Марјан Димиќ- Мачка во Кочани, нацртан во 2022

Дело на Драш, направено во Куманово, во 2023