Резиме
- ЈСП Скопје кубури со автобуси, но и од тие што ги има, само половина сообраќаат по улиците.
- Со опаѓањето на бројот на автобуси, расте нивната просечна старост која сега изнесува 13,3 години – покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
- Освен што опаѓа бројот на патници, се намалува и бројот на вработени во ЈСП Скопје, велат од синдикатот во претпријатието
- Околу 40 % од вкупните приходи на ЈСП доаѓаат од субвенции „за бесплатниот превоз“ и за „потешкотии во работењето“
Нема смисла да се чекаат автобуси по половина час. Стално има каснење, тие се сосема нередовни, има големи гужви и некогаш не може да се дојде на време на работа. Оваа изјава на една скопјанка е дел од анкета снимена од Македонската радио телевизија. На прв поглед, се чини како медиумската екипа да ги анкетирала граѓаните деновиве.
Всушност, анкетата е снимена во 1973-та година.
Автобусите не пристигнуваат на термините според возниот ред, понекогаш се преполни, а граѓаните не можат ни да влезат во автобусот кој го чекале половина час. Но, она што сега е секојдневие на скопјани па и на останатите кои се преселиле во главниот град, очигледно е децениски наталожен проблем.
Ова видео од архивата на македонскиот јавен сервис е своевиден доказ дека и оние кои остареле во Скопје, не дочекаа функционален јавен превоз со кој безбедно и навремено ќе стигнат онаму каде што треба.
Видете и ова: Што може да ги изгаси „пожарите” во ЈСП?Доцнењето на автобусите е само еден од проблемите со кои во моментот се соочува ЈСП Скопје, чии капацитети се во алармантна состојба.
Намален број патници во сѐ помалку автобуси
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажа дека бројот на автобуси на претпријатието континуирано се намалува во последните десет години. Со тоа пак, расте нивната просечна старост која сега изнесува 13,3 години, највисока во последната деценија.
Во истиот период, се намалил и бројот на превезени патници. Ако во 2015-та се возеле по 52 милиони патници годишно, сега бројот на превезени патници е сведен само на 22 милиони годишно.
Еден од оние кои се откажале од овој превоз е 33-годишниот Борче. С. од Лисиче.
„Трошокот за да одам до работа и назад со мојот автомобил ми е далелку поголем, но немав друго решение. Се случуваше да задоцнам на работа поради нередовноста на автобусите и навистина не можам да си дозволам да доцнам на работното место иако не по моја вина“, вели овој скопјанец за Радио Слободна Европа.
Во моментов, ЈСП располага со 341 автобус. Од оваа вкупна бројка, дневно се исправни само 185 или за 40 отсто помалку од бројот на исправни автобуси во 2015 година.
Но, не секој од нив сообраќа. Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации нотираше дека од нив, во функција, односно во работа се пуштаат 157 автобуси на сите градски и приградски линии.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Јавниот превоз во Скопје - „автобуси нема, нема, па три наеднаш“
Па затоа иако бројот на патници се намалува, автобусите со кои располага ЈСП Скопје во моментот не се доволни за да ги превезат граѓаните. Речиси на секоја постојка, може да се најде по некој изреволтиран граѓанин кој ниту знае кога ќе пристигне автобусот, ниту дали ќе има место во него.
„Пред една недела се качив во автобус на булеварот „Теодосиј Гологанов“ и требаше да се симнам после Железничка. Но, автобусот беше толку полн и внатре немаше ниту воздух ниту пак место за мене за да стигнам до вратата. На крај морав да се симнам кај „Бисер“, а и тогаш едвај излегов. Користењето на јавниот превоз ми е стрес поради кој не се чувствувам безбедно и затоа гледам да го користам што поретко“, го раскажува за РСЕ своето искуство, Викторија М. од скопски Аеродром.
Но, освен што опаѓа бројот на патници, се намалува и бројот на вработени во ЈСП Скопје.
Таму целиот свој работен век го поминал Миќо Стојановски, претседателот на Синдикатот на вработени во ова Претпријатие, каде во периодот на распаѓањето на Југославија таму преминале голем дел од вработените во градежните претпријатија.
„Во 90-тите бевме вработени околу 2200 луѓе. Сега сме 1000. Стварно е намален бројот, секаде фалат возачи и одржувачи, и се надевам дека со доаѓањето на нови автобуси ќе се создадат услови за прием на нови кадри“, вели Стојановски за Радио Слободна Европа.
Стојановски: Цената на билетот да биде единствена
Стојановски е дел од ЈСП Скопје повеќе од 40 години. Свесен е за забелешките на граѓаните, но сепак смета дека во јавноста постои „фама“ дека вработените ништо не работат.
„Ние и самите заработуваме, но цените на билетите се исти уште од времето кога градоначалник беше Трифун Костовски. На приватните превозници им се покачи цената, а кај ЈСП остана 25 денари иако оваа цена важеше кога нафтата беше 40 денари“, забележува Стојановски за РСЕ.
Според него, ако цената на билетот е единствена за сите видови плаќања, тоа ќе ја подобри финансиската кондиција на Претпријатието.
Неговите финансиски резултати во последните десет години се променливи. Во седум од нив, ова претпријатие покажало добивка, а во останатите три загуба – покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
„Интересно е што за 2024 година, финансиските извештаи на ЈСП велат дека претпријатието остварило добивка од дури 3 милиони евра, но ревизорскиот извештај на претпријатието покажува дека оваа добивка не е реално остварена. Оттука, ако се прокнижиле како трошоци сите овие обврски кон приватните превозници, добивката на ЈСП би се намалила за околу 2,4 милиони евра и би изнесувала само околу 600.000 евра“, соопшти невладината ЦГК.
Според нејзиното истражување, најголем дел од вкупните приходи на ЈСП, односно околу 50 % доаѓаат од линискиот превоз на патници.
Околу 40 % од вкупните приходи на ЈСП доаѓаат од субвенции и тоа „за бесплатниот превоз“ и за „потешкотии во работењето“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Скопјани незадоволни од градскиот превоз, принудени на алтернативи
Јавниот превоз, меѓу другото, им следува бесплатно и на редовните студенти. Но во пракса, не секој од нив може да го оствари ова право.
Студентите се жалат на нееднаков третман
Иако имаат валиден статус на редовни студенти на додипломски студии, оние на кои за полагање им останале само еден или два предмета, или пак, само дипломскиот труд, не може да го продолжат својот билет.
За овој проблем „алармираше“ платформата Студентарија на почетокот на месецов, но нејзиниот основач, Гоше Николов вели дека проблемот не е решен.
„Проблемот лежи во тоа што на дел од студентите, во Центрите за персонализација на ЈСП им се укажува дека немаат право на продолжување на билетот бидејќи немаат „доволно предмети“, иако ваков услов не е јавно објавен ниту произлегува од позната одлука или правилник. Станува збор за пракса што, според реакциите, се применува со години наназад“, вели Николов за Радио Слободна Европа.
Според него, загрижува и тоа што во различни центри за персонализација на ЈСП, студентите добиваат различни информации и насоки. Тоа пак, создава впечаток дека ни самото претпријатие не знае кои правила важат.
„Во некои (исклучително ретки) случаи, на едно место билетот се продолжува без проблем, додека на друго се одбива со образложение за „недоволен број предмети“, додава Николов.
Па оттука, се отвора сериозно прашање за нееднаков третман бидејќи како што објаснува сите овие студенти се редовни, запишани во тековната академска година и формално ги исполнуваат условите што јавно се наведуваат за бесплатен превоз“.
„Различниот третман врз основа на бројот на предмети или фазата на студирање може да претставува форма на индиректна дискриминација, односно нееднакво постапување со лица во споредлива положба без јасна и пропорционална правна основа“, посочува Николов.
Тој апелира дека студентите во ваква ситуација може да поднесат претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која понатаму би ја оценила постапката.
Иако студентите во повеќе наврати побарале одговор од ЈСП Скопје за тоа, на кои интерни правила или одлуки се темели ваквата практика, од таму не пристигнало никакво појаснување.
Иако се работи за предизвик од кој се засегнати стотици студенти, Николовски заклучува дека Претпријатието воопшто не соработува со студентите ниту „има интерес да даде барем објаснување за оваа чудна практика“.
Видете и ова: Владата со идеја да купи 120 еколошки автобусиА, граѓаните имаат забелешки и за несовпаѓањето на возниот ред во апликацијата „Скопска“ и тој кој е објавен на веб страницата на Претпријатието.
„Последно, задоцнив на роденден цел час. Но не е важно каде одите, секој си има најразлични обврски. Поентата е дека дури и да е водите по некој од возните редови може да го утнете терминот за пристигнување на автобусот на вашата постојка, а при тоа чекате на прениски температури кои тоа го прават дополнително неподносливо“, вели 30-годишната Теодора С. за Радио Слободна Европа.
Расте просечната старост на автобусите
Токму на нејзина „возраст“ се и десет од автобусите со кои располага ЈСП Скопје. Тие се од марката САНОС и се набавени уште во минатиот век.
Најголем дел од автобусите или 80 отсто, се од кинеските „Јутонг“ и украинските „ЛАЗ“ кои имаат старост од по 13 години.
По пет години се стари 33-те автобуси од марката МАН.
А шесте последни кои ги доби претпријатието се произведени пред само една година. Тие се од турската марка „БМЦ“ и Јавното претпријатие ги доби како донација од ЕУ. Овие автобуси, заедно со оние од марката МАН имаат највисок еколошки стандард, односно Еуро 6.
Вкупно 63 проценти од автобусите имаат еколошки стандард Еуро 5, а 24 отсто имаат најнизок еколошки стандард Еуро 4.
Функционалниот јавен превоз беше дел од предизборните ветувања на актуелниот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски кој вети дека секоја година ќе го обновува возниот парк со современи, еколошки автобуси.
Видете и ова: Јавниот превоз ќе продолжи да биде бесплатен за студентите и пензионеритеАвтобусите кои сега сообраќаат, внатре се искршени, а лете кога температурите се екстремно високи, дел од нив немаат клима уреди. Ситуацијата според дел од граѓаните, е толку очајна, што во предизборните ветувања ланската година се ветуваа „финеси“ кои би требало да се подразбираат во 21-от век, како што е климатизацијата во самите автобуси.
Сто нови автобуси за Скопје со владина одлука
Ѓорѓиевски вети и електрични мини автобуси по примерот на Љубљана, кои според најавите, треба да ги поврзат оддалечените населби.
Од Град Скопје досега не одговорија на прашањата на Радио Слободна Европа до каде е реализацијата на ветувањата од областа на јавниот градски превоз. Но, на почетокот на месецов, Ѓорѓиевски информираше дека Скопје ќе добие 100 нови градски автобуси, со одлука на Владата.
Покрај овие, целосно еколошки автобуси, Град Скопје од каде првично побараа 250 автобуси, ќе треба да добие и 50 полначи. Владата нив ќе ги набави во рамките на договорот со Унгарија врз основа на кој автобуси и полначи ќе добијат и другите општини каде што има организиран градски превоз.
Одговарајќи на советничко прашање, Ѓорѓиевски рече дека најголем дел од стоте автобуси ќе стигнат годинава.
Тој синоќа во интервју за ТВ Телма, ги замоли граѓаните за „трпение“ иако како што изјави, она што тие го констатираат, го констатира и тој.
Радио Слободна Европа побара одговори и од ЈСП Скопје во однос на забелешките што секојдневно им го отежнуваат функционирањето на граѓаните, но до овој момент, тие не пристигнаа.