Скопје на новата генерација-„Отруени сме од политика, треба нешто ново“

Млади архитекти од земјава претставија 12 идеи за тоа како може подзаборавени или оттуѓени локации во Скопје повторно да „никнат“ со нов изглед и функционалност. Нивните проекти кои беа дел од конурс, се изложени во изгорената шалтер-сала во главната Пошта во Скопје.

„За еден месец сме во Скопје 2024, а скоро сите политичари и дел од нашите колеги уште зборуваат за Скопје 2014“, рече во своето обраќање 27-годишниот архитект Антонио Грујевски - победник на конкурсот „Скопје на новата генерација”, организиран од Јуроп Хаус Скопје.

Неговото, беше дел од 12 решенија на млади архитекти и урбани планери во земјава кои ги претставија своите визии за нов живот на подзаборавените делови во главниот град. Проектите од конкурсот се дел од изложба во централната Пошта во Скопје. Изложбата беше отворена на 13 ноември, денот на ослободувањето на Скопје, а вака Европската куќа во Скопје го одбележа својот четврти роденден.

Посетител го разгледува победничкиот проект

Грујевски го доби првото место со проектот за локацијата фонтана „Лотосов лист“ или „Лотос за неа: Одржлива оаза во градскиот парк во Скопје“.

„Сакав нешто да направам за новите генерации. Но, секако мислев и на минатото. На минатиот плочник кој за жал е уништен. Мислев на авторката и мислев на сите жени архитекти и обновителки на градот по земјотресот. За кои што, за жал, не се дава многу простор во денешната, не архитектонска, но политичка сцена во Македонија“, вели Грујевски за Радио Слободна Европа.

Победникот на конкурсот Антонио Груевски

Младиот архитект забележува дека младите тука се, како што вели, „отруени“ со политика и со темите кои политичарите ги наметнуваат во медиумскиот простор.

„Но, Европа оди напред. Мораме да одиме кон нешто ново, нешто кое е докажано дека е добро за човештвото. Мораме да размислуваме за прочистување на воздухот, да нудиме решенија! Доста демагогија, доста за стил, мораме навистина да нудиме некои инженерски и архитектонски подобри решенија за сите нас“, додаде победникот на конкурсот.

Поглед на проектот кој го доби второто место

Со проектот „Преосмислување на брановите во боја“, на локација кеј „Димитар Влахов“ на реката Вардар, тимот составен од Даниела Василева, Сара Велеска и Сара Трајкова го доби второто место.

„Во минатото таа улица била многу повеќе користена и сакавме на некој начин да ја возобновиме и да го вратиме животот таму. Ако се погледнат сите понудени решенија тука, акцентот е ставен на простори за дружба на младите и мислам дека тоа му фали на градот најмногу“, вели Василева.

Добитниците на третото место, пак, авторите Натали Велеска, Ален Цветковски и Дона Митровска со проектот „Спинекс“, се фокусираа на ревитализација улица „Пластичарска“.

Дел од планот за „Пластичарска“

„Пластичарска ни беше пример за улица што не е безбедна, нон-стоп е во хаос и уште кога почнавме да ги разгледуваме различните локации почувствувавме дека баш таму треба нешто да се смени. Многу ми се допаѓа што новите идеи се движат кон одржливост и достапност за сите вклучувајќи ги и тие што имаат пречки во движењето“, вели Велеска.

На отворањето сретнавме и тазе студенти по архитектура кои дошле да видат што понудиле нивните нешто повозрасни колеги.

„Мислам дека треба да се обрне внимание на тоа архитектурата да личи повеќе на целосната европска архитектура, што можеме да го видиме во овие нови идеи и решенија“, вели студентката Софија Шуклева.

Студентките по архитектура Марија Гавриловиќ и Софија Шуклева

„На Скопје главно му недостига повеќе зеленило и намалено користење на сообраќајот. Тоа го видов како пример во решението кое ја доби третата награда и тоа е она што најмногу ми се допадна“, истакна Марија Гавриловиќ, студентка по архитектура.

Хорот "Драган Шуплевски" од Факултетот за музичка уметност, од шалтер-салата која изгоре уште во 2013 година кога се уништија оригиналната купола, фреските на Борко Лазески и целата опрема, со изведба на „Градот убав пак ќе никне“, порача дека Скопје може да биде радост.

Мешаниот хор „Драган Шуплевски“ од ФМУ – Скопје

Професорот Бојан Каранаков од Архитектонскиот факултет, кој беше дел од жири комисијата, потврди дека има кој да го направи Скопје подобро место за живот, но тие што имаат идеи не се тие кои одлучуваат за нивна реализација.

„Идеите никогаш не биле проблем, Тие особено во помладата генерација ги има на претек за Скопје да стане и поодржлив и посигурен и поздрав град за живеење, меѓутоа одлуките не ги носат тие кои проектираат. Одлуките се носат на други места, така што, таму се потребни исто така ентузијасти и идеалисти за да може тоа да се направи“, заклучи Каранаков.

Оштетениот кров на Пошта

Европската федерација за културно наследство „Европа ностра“ ја стави скопската Централна пошта на листата на седумте најзагрозени културни споменици во Европа, во 2021. Објектот е веројатно најзначајниот пример за бруталистичката уметност, естетика која го обликуваше постземјотресниот архитектонски идентитет на Скопје, потсети евроамбасадорот Дејвид Гир. Тој порача дека иако сè уште нема покрив и сѐ поголем е ризикот повеќе да не се користи и да се распадне, употребувајќи ги зборовите на Сартр - Пошта не прифаќа пораз!

Изложбата која ја одбележува и 60-годишнината од скопскиот земјотрес, ќе биде отворена за посетители до 16 ноември.