Пожарот во Кочани не беше само трагедија. Тој настан не доведе до ѕидот на срамот и можноста за катарза. Оваа трагедија не беше чин на несреќа туку и чин на пропусти, на толерирање на корупцијата.
Ова беа дел од зборовите со кои претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им се обрати на пратениците во традиционалното годишно обраќање во Собранието.
Пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март одзеде 63 животи, а над 200 беа повредени.
По оваа трагедија, според претседателката, 2025-та ќе остане врежана во историјата, таа беше „национален шок“, а траумата од неа „сите ќе ја носиме до крај на животот“.
„Со пожарот на површина излезе грдото лице на стихијното одлучување, игнорирањето на процедурите, културата на неказнивост и двојни стандарди“, рече Сиљановска-Давкова.
На седницата во парламентот присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и министри во Владата, претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, началникот на Генералштабот на Армијата Сашко Лафчиски, гувернерот Трајко Славески, првите луѓе на верските заедници во земјава, а присутни беа и амбасадори на странски земји во Северна Македонија.
Седница со годишно обраќање на претседателката пред пратенциите во Собранието, 23 декември 2025 г.
Обраќајќи се пред нив, претседателката рече дека ги разбира гневот и бесот на родителите на загинатите млади луѓе, како и нивните барања за правда, па испрати порака да се остават „обвинителите да обвинуваат, бранителите да бранат, судиите да судат“.
На партиите и политичарите, им порача Сиљановска-Давкова, да ги прекинат дневно-политичките препукувања на сметка на судиите и на трагедијата.
„Овој судски процес [за трагедијата во Кочани] е тестот врз кој ќе се оценува решеноста на државата за европски реформи, за владеење на правото во реалноста… Кочани покажува дека владеење на правото не е техничко прашање, туку прашање на живот или смрт“, порача претседателката.
Во предметот за пожарот во Кочани, кој започна на 19 ноември, на обвинителна клупа седат 35 обвинети лица и три фирми. Меѓу нив, поранешни градоначалници, министри за економија, директори на Дирекцијата за заштита и спасување, локални инспектори, сопствениците на дискотеката „Пулс“. Покрај овој, се водат истраги и за полицајци и лица од други институции, како УЈП, кои имале надлежност да постапуваат, секој во својот сегмент.
Видете и ова: Судење за Кочани – тест за судството и за вербата во правда„Нема да предложам членови на Судски совет ако нема нов закон“
Зборувајќи за судството, дел од говорот шефицата на државата посвети на реформите во овој сегмент. Реформите во правосудството, рече започнуваат со новиот Закон за Судски совет кој ги помина филтрите на Венецијанската комисија и кој ги заострува критериумите за избор на членови на ова тело, како и неговата транспарентност.
Во ова тело, во моментов има две испразнети места што треба да се пополнат токму по предлог на претседателката. Но, Сиљановска-Давкова им порача на пратениците дека нема да ги предложи додека тие не го изгласаат новиот закон.
„Иако во правосудната сфера не постои формална одлука за усогласување со европското законодавство, реформите мора да бидат водени од принципи. Мојата одлука да се воздржам од номинација на двајца членови, не беше чин на пасивност, туку на одговорност“, рече Сиљановска-Давкова.
Додека таа бара да не се пополнуваат испразнетите места додека не се донесе новиот Закон, пратениците на власта пред десетина дена решија да пополнат едно испразнето место за судија, чиј член доаѓа на предлог на Собранието.
Пратеникот Беким Ќоку од владејачката Вреди предложи, а парламентарната Комисијата за прашања на изборите и именување даде зелено светло како нов член на Судскиот совет да се избере Албан Кадриу, кој е дипломиран правник со положен правосуден испит, а со работно искуство во Министерството за внатрешни работи.
Постапката за Кадриу пратениците ја почнаа по актуелниот закон, додека за новиот Сиљановска-Давкова им порача дека очекува да го изгласаат поскоро.
Видете и ова: Протести за правосуден систем што ќе донесе правдина и одговорност„Ако може да најдат решение за Украина и Молдавија, може и за нас“
Евроинтеграциите на земјата беа уште една тема на која зборуваше претседателката во парламентот, нарекувајќи ги „школски пример за занемарување на процедурите“.
Тие за Северна Македонија се блокирани поради условот земјата да направи уставни измени со кои бугарската заедница ќе ја вметне во преамбулата од Уставот. Додека претставници на Европската Унија испраќаат јасни пораки дека државата треба да ја исполни обврската, властите во Скопје се децидни дека се потребни гаранции оти ќе нема нови условувања. Ваква порака испрати и Сиљановска-Давкова во годишното обраќање.
„Без јасни гаранции од ЕУ и Бугарија и без соодветни заштитни механизми, со уште една уставна промена ние ризикуваме од овој процес да излеземе со костур од риба, соголен суверенитет, национален и суверен“, рече претседателката.
Видете и ова: Советот на ЕУ до Северна Македонија: Спроведете ги уставните измени и реформитеТаа кажа дека за напредок, потребен е политичка волја, но „не само од нас, туку и од ЕУ“.
„Ние сме предложиле решенија, а ЕУ треба да избере едно или да даде свое, ако има решение за Украина и Молдавија, лесно ќе се најде и за нас“, посочи претседателката.
Со реторички прашања алудирајќи на блокадите од Бугарија, шефицата на државата праша и „Кому му одговара да бидеме надвор од ЕУ, ако не на трети сили?“ и „Кој отвора врата за трети сили?“.
„Зарем е можно тоа да биде земја членка на ЕУ?“, рече Сиљановска Давкова.
Претседателката го спомена и евроскептицизмот кај граѓаните забележујвајќи дека испитувањата на јавното мислење покажуваат дека тие ја сакаат ЕУ како цел, но престануваат да веруваат дека таа е остварлива.
На тема за евроинтеграциите и надворешната политика, таа испрати пораки и до домашните актери дека е потребно единство.
Колку е амбиентот непредвидлив, како што рече, толку е потребно да има единство во ситуација кога меѓународниот поредок се движи кон забрана мултипорализација.
„Освен што е разнишана европската безбедносна архитектура од воената агресија во Украина стимулира милитаризација на континентот“, додаде Сиљановска-Давкова.
Во контекст на надворешната политика, претседателката го нагласи и тоа што годинава земјава одбележа 30 години од дипломатските односи со САД, а ја спомена и зголемената соработка со Обединетото Кралство и Унгарија која, рече, „служи како стабилизирачки фактор“.
Видете и ова: Кои се резултатите од стратешкиот дијалог на Северна Македонија со САД?По промената на власта во јуни 2024 и формирањето на Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Северна Македонија зема кредит од една милијарда евра од Унгарија, а беше потпишан и договор за соработка со британските власти со кој на земјава и се стави на располагање и шест милијарди евра за финансирање на капитални проекти во повеќе сектори.
Пораки за заштита на животната средина, одвојување повеќе пари за образованието, изградба на стратешки проекти како Коридорот 8, соработка со дијаспората, како и за политики за спречување на иселувањето на младите, исто така, беа дел од говорот на Сиљановска-Давкова во Собранието.
Реакции: СДСМ обвинува дека претседателката поддржува изолација
Говорот на Сиљановска предизвика критики од лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче во првичниот коментар рече дека „жали што Сиљановска-Давкова избрала „да застане на страна на најкорумпираната и криминална влада“.
Според него, претседателката дала поддршка на власта која ја води државата кон изолација и за која европската приказна е завршена, без никакви реформи и со голема криза што следува.
„Жалам што не застана на патот на вистинските реформи, да ги подржи, да ги коментира, туку само некои квази реформи, некои делумно изменети закони кои што оваа влада ги претставува како вистинска реформа, а тоа не е тоа, затоа што, посебно законите во правосудството ќе овозможат само дополнителна партизација, поставување на свои партиски обвинители, партиски судии, еден процес кој што веќе го започна“, рече Филипче.
Целта на овој процес, според него, е „да продолжат коруптивните пракси и крадењето на парите на граѓаните“.
Ова беше второ годишно обраќање на претседателката Сиљановска пред пратениците откако таа стапи на функцијата по изборите во мај 2024 година. Во меѓувреме, Сиљановска-Давкова немаше други обраќања на пленарни седници во Собранието иако во предизборната кампања лани, како и пред шест години кога беше претседателски кандидат, најавуваше дека ќе го користи овој механизам повеќе пати годишно. Сепак, таа спомена дека во текот на годината во три наврати се обратила пред пратеници, како што биле свечената седница на 8 Март и седницата на Националниот совет за евроинтеграции.