Сараево, Грозни и Кабул - три војни, три детства

Деца си играат околу уништен тенк, Сараево, февруари, 1996 година

Тие го поминале детството броејќи жртви, слушајќи детонации и воени хеликоптери, слушајќи приказни за ужаси и изговарајќи ги своите први зборови како бегалци.

Оваа година се навршуваат 30 години од завршувањето на војната во Босна и Херцеговина. Во истиот период, Чеченија преживеа две разорни војни, додека Талибанците исчезнаа од власт во Авганистан само за да се вратат две децении подоцна.

Генерации родени кога светот излезе од Студената војна созреаа во држави чија нестабилност ќе ги обележи засекогаш.

Од Босна до Чеченија и Авганистан, Радио Слободна Европа разговараше со три лица чии животи беа обликувани од конфликтите што ги дефинираа нивните детства.

Дејтонската генерација на Босна

Нермин Мамелеџија е роден само неколку месеци пред потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор со кој заврши војната во Босна и Херцеговина - конфликт во кој загинаа околу 100.000 луѓе.

Неговите родители избегале во Германија од нивниот роден град Турбе, а Нермин ги поминал првите години таму пред семејството да се врати во Босна.

„Навистина имавме бајковито детство“, изјави Нермин (30) за РСЕ од Брауншвајг, Германија.

„Соседството нè одгледа, ти даваа парче леб и цел ден те немаше.“

Видете и ова: „Доста се разговори за војна“- повоената генерација по три децении од Дејтонскиот мировен договор

Сепак, иако пораснал во мирно време во Турбе, мал град во централна Босна, земјата околу него останала оштетена и поделена.

Поделбите што ги остави Дејтон станале јасни во основното училиште. Тој посетувал систем на „две училишта под еден покрив“, каде што децата биле одделени по етничка припадност и покрај тоа што учеле речиси идентични наставни програми.

По универзитетот, Нермин се вратил во Германија. Никогаш не работел во Босна.

„Она што ме оддалечи од Босна беше неправдата. За сè што ви требаат врски, мора да се снајдете“, раскажува Нермин.

Босна и Херцеговина е рангирана како втора најкорумпирана земја во Европа, според Транспаренси Интернешнл. Студијата на Фондот за население на ОН покажува дека секое второ младо лице на возраст од 18 до 29 години размислува да замине.

Видете и ова: Италијанската истрага за „викенд снајперистите“ ги отвори раните во Сараево

Кога РСЕ разговараше со Нермин пред пет години на 25-годишнината од мировните договори, тој се надеваше дека нема да стане еден од нив. Тогаш беше студент на стоматологија на последна година и сакаше работа во Босна за „Австрија или Германија да не добијат целосно обучен работник“.

„Никогаш не би се откажал од мојот пасош, тоа е последното нешто што ме врзува за Босна. Босна ми даде сè… но секој има право да одлучи што сака и каде сака да биде“, вели тој.

Денес, кога разговара со своето семејство преку интернет, ниту неговите сестри не живеат во Босна.

„Сè уште се чувствувам ранлива“ - исплашена од Чеченија

Околу 3000 километри од Сараево, жителите на Грозни се засолнуваа во подруми.

Кога Првата чеченска војна заврши во август 1996 година, 8-годишната Хава се врати во станот на нејзиното семејство и го најде изгорен. Таа помина неколку недели живеејќи во подрум додека бомбите паѓаа над чеченската престолнина.

Три години подоцна, започна Втората чеченска војна. Семејството на Хава избега, наоѓајќи засолниште во селото на нејзината баба. Тие се вратија во Грозни четири години подоцна, во разурнат град кој сè уште беше под вонредна состојба.

„Кога си дете, си изолиран од сè. Разбираш што се случува, а потоа играш глупави игри каде што броиш воени авиони или хеликоптери што си ги видел тој ден и се натпреваруваш со пријателите кој видел повеќе“, вели таа за РСЕ.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Сличности на Руската војна во Чеченија пред 30 години и сегашната во Украина

Јасминко Халиловиќ од Музејот на военото детство во Сараево сугерира дека ваквите однесувања се обиди на децата да воспостават ред во хаосот.

„Броење детонации, собирање шрапнели, градење засолништа од перници - сето ова може да се протолкува како обиди за враќање на контролата врз светот што стана непредвидлив“, вели Халиловиќ.

Хава, која побара нејзиното презиме да не биде објавено, се сеќава на деновите без вода или електрична енергија, ноќите под полициски час и пишувањето домашна работа на гасна ламба. Повеќе од 25.000 луѓе беа убиени во Втората чеченска војна, а илјадници сè уште се водат како исчезнати.

Од 2007 година, рускиот регион е управуван од Рамзан Кадиров, широко обвинет за кршење на човековите права. САД го санкционираа во 2020 година.

Хава, која сега работи како истражувач во Србија, не живее во Чеченија две години, но би се вратила, ако се намали корупцијата и се воведат реформи.

„Русија мора да се промени за да се вратам во Чеченија.И мора да се промени на начин што позитивно ќе се одрази на Чеченија“, вели таа.

Иако војната заврши пред години, таа верува дека нејзината генерација никогаш не доживеала вистинска стабилност.

„Сè уште се чувствувам ранлива затоа што не можам да се вратам назад и сум во друга земја и се обидувам да сфатам како функционираат работите“, рече таа.

Училиште изгледаше како сон во Авганистан

Кога Талибанците првпат го зазедоа Кабул во 1996 година, Нилофар Ебрахеми имаше 3 години и носеше машка облека.

„Моите родители ме облекоа како момче, можеби затоа што сакаа повеќе синови или можеби поради безбедносната ситуација“, рече таа.

Нилофар сфати дека е девојче дури кога еден верски учител ѝ рече да носи шамија на главата на осумгодишна возраст.

„Не бев тоа што бев. Никогаш не си играв со кукли, со девојчиња. Никогаш не плачев затоа што татко ми ми рече дека морам да бидам храбра како момче“, раскажува таа.

Под Талибанците, никој во нејзиното семејство не можел да работи. Понекогаш не можеле ниту да си дозволат чај и наместо тоа пиеле зовриена вода. Нејзината мајка, која носела бурка, еднаш била камшикувана, а на Нилофар ѝ било забрането да оди на училиште.

„Училиштето изгледаше како сон. Се сеќавам дека се прашував дали има места во светот каде што девојчињата одат на училиште или дали сите деца се како нас.“

Таа научила да брои и пишува од својот татко, кој верувал дека децата мора да бидат подготвени за подобри времиња.

Нилофар конечно тргнала на училиште по 2001 година, кога американските сили ја започнале војната против Талибанците, откако Хамид Карзаи се појавил како привремен лидер на Авганистан, а подоцна станал претседател. Животот останал опасен.

„Еден ден ќе има експлозија, наутро крвта ќе се измие од улицата, а потоа луѓето ќе продолжат да преминуваат. Стана сосема нормално“, рече таа.

Нилофар дипломирала на универзитет, добила стипендија за магистерски студии во Индија и се вратила кон крајот на 2020 година за да предава на приватен универзитет. Таа, исто така, работела како фриленсер во медиумите и на климатски проекти.

Ова траело само шест месеци. Сè се променило во август 2021 година, кога американските и сојузничките сили се повлекле по речиси 20 години и Талибанците се вратиле на власт.

Ограничувањата за жените наскоро ги избришале повеќето нејзини права. Таа не можела да работи, да студира или слободно да се движи.

„Јас сум жена која студирала, која планирала докторски студии, која сакала да работи и сè беше уништено“, рекла таа.

Нејзиниот пасош истекол, а кога го обновила, било предоцна да избега. Во Кабул, таа водела проект за кроење за жени сè додека „еден човек кој личеше на талибански разузнавачки службеник ми го покажа пиштолот и едноставно не рече: „Го гледаш ова?“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Моите соништа се претворија во прашина“: Гласови на Авганистанки на кои Талибанците им забранија да учат

Нилофар сега е во Техеран, и бара виза за Европа. Амбасадите бараат доказ дека ситуацијата е лоша за жените, вели таа, иако „целиот свет знае што се случува во Авганистан“.

Ако нејзиното барање биде одбиено, таа мора да се врати.

„Не знам што ќе ми се случи“, рече таа.

Понекогаш им завидува на необразованите жени.

„Тие остануваа дома и тогаш и сега. Се борев да учам, да работам и го поминав целото тоа време само за да завршам без ништо“, рече Нилофар.

Соништа за домот

Триесет години по Дејтон, Босна и Херцеговина што го обликуваше детството на Нермин сè уште се бори да се промени, но тој вели дека сепак би сакал на крајот да се врати, и покрај тоа што има сопруга во Германија и многу подобри опции за специјализација по орална хирургија.

Хава, исто така, сонува еден ден да се врати во Чеченија.

„Сонувам да имам мала куќа во планините, а можеби и пансион за туристи… Неколку кокошки, мачки, а можеби и коза“, вели таа.

Сонот на Нилофар да студира во Авганистан се оствари накратко, сè додека враќањето на Талибанците повторно не и го одзедоа. Сега таа само се надева дека ќе остави зад себе земја „каде што жените не живеат како во кафез“.

Пред речиси три децении, Извештајот на ОН од 1996 година за децата и конфликтот предупреди дека многумина ќе пораснат „лишени од материјални и емоционални потреби“ со „целата ткаенина на нивните општества… искината на парчиња“

Овие зборови одекнуваат и ден денес во животите на Нермин, Хава и Нилофар.