Американска поддршка за пронаоѓање на киднапираните украински деца

Пропаганда меѓу децата во окупираните делови на Луганск и Донецк (архивска фотографија)

Додека Конгресот на САД почнува да го обликува буџетот за фискалната 2027 година, во двата дома се појави мала, но симболично моќна одредба: 15 милиони долари наменети за пронаоѓање на украински деца киднапирани од Русија.

Станува збор за програма чие финансирање беше намалено минатата година од страна на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, но за која претставниците велат дека е клучна за идните судења за воени злосторства и, на крајот, за враќањето на тие деца дома.

Скриено во раните буџетски закони за државни и странски операции (SFOPS) и во Претставничкиот дом и во Сенатот, финансирањето одразува ретко двопартиско усогласување во инаку поларизираниот Вашингтон.

Од тој вкупен износ, 5 милиони долари се наменети за Лабораторијата за хуманитарни истражувања (HRL) на Јеилската школа за јавно здравје, клучен играч во документирањето на присилното префрлање на украински деца во руско старателство, изјавија извори за Радио Слободна Европа.

Сепак, во очигледен пример за тоа како бавниот механизам за финансирање на Вашингтон може да се судри со итни реалности на терен, самата лабораторија можеби нема да преживее доволно долго за да добие пари откако Стејт департментот на САД го намали својот буџет минатата година.

„Многу сме благодарни за двопартискиот напор“, изјави Натаниел Рејмонд, извршен директор на лабораторијата, за РСЕ.

„Но, во моментов имаме доволно пари само за да ја продолжиме работата на Украина до 1 мај 2026 година. Затоа очајно ни треба нешто што ќе нè одржи“, истакнува тој.

Рејмонд го припишува прекинот на финансирањето на мешавина од политичка транзиција и бирократско двоумење по изборите во САД во 2024 година.

Според Рејмонд, средствата одобрени за време на администрацијата на Бајден никогаш не биле целосно реализирани откако тогашната потпретседателка Камала Харис ги загубила изборите, поради неизвесноста дали новата администрација на Трамп ќе продолжи со поддршката.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Организиран криминал“ - Украински деца однесени во Белорусија

Кога новата администрација ја презеде функцијата, лабораторијата веќе работеше под привремено продолжување.

Таа поддршка беше прекината во средината на клучните напори за зачувување на податоците, потоа накратко обновена, а потоа повторно намалена во јуни 2025 година. Оттогаш, лабораторијата речиси целосно се потпира на приватни донатори бидејќи ги следи десетиците илјади деца киднапирани од Русија од Украина.

„Сега едноставно не остана ништо. Немаме повеќе пари и веројатно ќе затвориме пред овие пари за фискалната 2027 година дури и да стигнат“, вели Рејмонд.

Дури и ако Конгресот дејствува брзо, предупреди тој, самиот процес на финансирање може да се покаже како фатален за опстанокот на лабораторијата.

„Дури и ако го усвојат утре, не мислам дека луѓето разбираат колку е долг и комплициран патот по одобрувањето за парите да стигнат до подизведувачот. Додадете уште три месеци пред да ни стигнат средствата“, вели Рејмонд.

Тивок двопартиски замав и фрустрација

Високи советници во двата дома на Конгресот, зборувајќи под услов на анонимност бидејќи не се овластени да коментираат за тековните преговори, го опишаа новото финансирање како свесен сигнал, и за Москва и за сојузниците, дека одговорноста за депортациите на деца останува приоритет на САД.

Советник во Сенатот, запознаен со оваа одредба, за РСЕ изјави дека пратениците ги гледаат напорите за документирање како „основа за секој веродостоен случај на воени злосторства што би можел да се појави во иднина“, додавајќи дека без континуирано собирање податоци, „го губите синџирот на докази, а со тоа и можноста за правда“.

Советник од Претставничкиот дом вклучен во изготвувањето ја опиша иницијативата како дел од поширока морална и стратешка позиција.

„Ова е еден од најјасните и најемоционално шокантните злосторства во оваа војна“, изјави советникот за РСЕ.

„Постои силно чувство кај двете партии дека ако Соединетите Држави не можат да водат во нешто вакво, документирање и на крајот поништување на киднапирањето деца, тогаш губиме не само политички, туку и етички“.

Видете и ова: Може ли новиот трибунал на ЕУ да ја повика Русија на одговорност за злосторствата во Украина?

Во исто време, советниците ја признаа фрустрацијата од јазот помеѓу намерата на Конгресот и имплементацијата.

„Постои реален ризик Конгресот да го стори вистинското нешто и ќе биде предоцна за оперативно значење. Тоа е тензија за која сите се свесни, дури и ако не можат јавно да го кажат тоа“, рече еден помошник во Сенатот.

Докази за правда

Работата на лабораторијата на Јеил беше централна во меѓународните напори за документирање на трансферот и „превоспитувањето“ на украинските деца од страна на Русија, кампања што е широко осудена од организациите за човекови права.

Користејќи сателитски снимки и отворени извори на податоци, лабораторијата идентификуваше широка мрежа на објекти во Русија.

Нивните наоди одиграа улога во одлуката на Меѓународниот кривичен суд да издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и комесарката за права на децата Марија Лвова-Белова.

За креаторите на политиките и аналитичарите, важноста на новото финансирање лежи токму во оваа доказна функција.

„Континуираната работа за документирање на злосторствата е клучна за одговорноста и потсетник дека правдата мора да биде дел од секој значаен мировен напор“, рече Шелби Магид, заменик-директор во Центарот за Евроазија на Атлантскиот совет.

Во разговор за РСЕ, таа го опиша киднапирањето на украинските деца како еден од „најстрашните“ аспекти на руската војна, оној што привлече континуирано двопартиско внимание во Вашингтон, делумно поттикнат од сведочењата на украинските жртви и семејства.

„Во време кога постојат реални стравувања дека Украина може да биде неправедно заборавена и засенета од настаните на Блискиот Исток ова финансирање е важен чекор“, вели таа.

„Тоа сигнализира дека Конгресот сè уште јасно ја препознава бруталноста на режимот на Путин“.

Но, Магид предупредува дека самото документирање не е доволно.

„Иако финансирањето на документацијата е значаен успех, приоритет мора да биде спасувањето и рехабилитацијата на децата“, рече таа, повикувајќи на поголем дипломатски притисок и поширок ангажман на САД за да се обезбеди нивно враќање.

Притисок на застапувачите и политички паралели

Групите за застапување одиграа клучна улога во одржувањето на прашањето на агендата на Капитолот. „Разом за Украина“, непрофитна организација со седиште во САД, интензивно лобираше за распределба на специјални средства.

„Ситуацијата со киднапираните украински деца е несомнено едно од најважните прашања во оваа војна“, вели Даниел Балсон, директор за јавно ангажирање на групата.

Видете и ова: САД ќе продолжат да ја финансираат истрагата за воени злосторства на киднапираните украински деца

Тој повлече јасна паралела со напорите на САД да обезбедат ослободување на израелските заложници што ги држи Хамас.

„Режимот на Путин мисли дека може да киднапира деца од нивните домови, од нивните семејства и да ги превоспита да бидат нешто што не се“, изјави Балсон за РСЕ.

„Многу сме охрабрени што и Претставничкиот дом и Сенатот презедоа конкретни чекори и издвоија пари зад своите ветувања“.

„Поетски момент“ со неизвесен исход

За Рејмонд, конгресниот напор претставува, како што вели, „прекрасен, поетски момент на обединување на Америка околу заедничко прашање“.

Но, тој момент, посочи тој, ризикува да остане симболичен, а не суштински.

„Нема да стигнат до нас навреме“, вели тој.

Јазот нагласува еден поширок предизвик во Вашингтон: балансирање на политичкиот консензус со оперативната итност.

Без премостување на тој јаз, предупредуваат официјалните лица и застапниците, една од најважните алатки за документирање и на крајот поништување на еден од највознемирувачките злосторства од оваа војна би можела да исчезне, токму кога Вашингтон се обидува да ја одржи.