Руте: НАТО не е директно вклучен во случувањата на Блискиот Исток

Марк Руте, генерален секретар на НАТО во посета на Северна Македонија, 3 март 2026.

Нуклеарниот капацитет и балистичките ракети на Иран се закана и за Европа, порача Руте од Скопје нагласувајќи дека деградирањето на овие капацитети е клучно за безбедноста. Според него, важно е да продолжи и поддршката за Украина. Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, пак, порача дека за безбедноста на Западен Балкан неопходна е негова целосна интеграција во ЕУ.

НАТО не е директно вклучен во случувањата на Блискиот Исток, но уверувам дека ќе ја брани секоја педа од својата територија, порача генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, за време на неговата официјална посета на Северна Македонија.

Тој нагласи дека деградирањето на нуклеарниот и ракетен капацитет на Иран е клучно за безбедноста.

„Апсолутно е јасно дека поседувањето нуклеарен капацитет и балистички ракети претставува закана не само за регионот на Блискиот Исток, вклучително и егзистенцијална закана за Израел, туку претставува и огромна закана за нас овде во Европа. Исто така знаеме дека Иран, како ’извозник на хаос‘, со децении е одговорен за терористички напади и обиди за атентати“, рече Руте одговарајќи на новинарско прашање каков е ставот на Алијансата за случувањата на Блискиот Исток.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Руте: Иран е “извозник на хаос“

Обраќајќи се на заедничка прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, шефот на НАТО нагласи дека проблемот не е иранскиот народ туку иранскиот режим.

На прашањето дали има единство меѓу сојузниците во НАТО, тој потенцираше дека многу обезбедуваат клучна логистичка поддршка наведувајќи пример дека шпанскиот систем „Патриот“ во Турција веќе 10 години ги брани интересите на НАТО таму.

„Разговарав со многу лидери во текот на викендот и на почетокот на неделава, и јасно почувствував дека елиминирањето на нуклеарниот и балистичкиот капацитет е заедничка цел“, додаде Руте.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Жителите на Техеран и на други градови споделуваат видеа од воздушните удари и последиците

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, пак, не сакаше да коментира што би можело да се случи доколку НАТО реши да интервенира на Блискиот Исток и дали Северна Македонија би го поддржала тоа.

„Било каков разговор за активности на НАТО не може да се води само со изјава на еден претставник на земја членка, туку во рамките на НАТО сојузот заедно, и веројатно сите чекори на НАТО врзани за активностите ќе бидат утврдени по заедничка расправа“, рече Сиљановска-Давкова.

Претставници на Владата во Северна Македонија претходно веќе излегоа со јасна поддршка за чекорите што ги преземаат САД на Блискиот Исток.

Безбедноста на Западен Балкан

И Сиљановска-Давкова и Руте на заедничка прес-конференција ја нагласија важноста на Самитот на НАТО закажан за јули во Анкара, Турција.

Претседателката рече дека со оглед на актуелните случувања очекува на Самитот особено внимание да се посвети на безбедносната состојба на Западен Балкан.

Најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан и „трајна отпорност на влијанија од трети сили“ е итна и целосна политичка интеграција во ЕУ, порача таа.

„Одговорно тврдам дека тоа е најголемата инвестиција и гаранција не само за нашата, туку и за безбедноста на Европа во целина“, рече Сиљановска-Давкова.

За регионот зборуваше и Руте порачувајќи дека нема да се дозволи „безбедносен вакуум“.

„Северна Македонија игра клучна улога во зачувувањето на стабилноста низ Западен Балкан, регион кој е навистина од стратешка важност за нашата Алијанса. Нашата посветеност на стабилноста на регионот е непоколеблива; нема да дозволиме да се појави безбедносен вакуум“, рече Руте.

Видете и ова: Дали на земјите од Западен Балкан им се насмевнува „получленство“ во ЕУ?

Поддршка за Украина

Генералниот секретар ја нагласи и важноста да се исполни целта до 2035 година државите да одвојуваат 5% од домашните буџети за одбраната.

Претходната цел од 2%, Северна Македонија веќе ја исполни.

Покрај потребата за одвојување повеќе за одбраната, Руте ја нагласи и важноста од понатамошна поддршка за Украина.

„Мораме да го задржиме моментумот за Украина да може да се одбрани од рускиот терор од воздух и на фронтот, помагајќи да се одржи мирот кога борбите ќе престанат и да се одврати секоја идна агресија“, рече Руте.

Тој ја пофали и поддршката што ја дава Северна Македонија за Украина, што според зборовите на Сиљановска-Давкова, ќе продолжи и во иднина.

„Ќе продолжиме со поддршката, со верба за можен договор за праведен и траен мир“, рече претседателката на Северна Македонија.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Не е вештачка интелигенција: Украина се бори да ги демантира тврдењата на Русија за бојното поле

Северна Македонија е членка на НАТО од март 2020 година. Ова е прва посета на Руте како генерален секретар на НАТО на Скопје, функција која ја презеде во октомври 2024 г.

Тој беше во земјава во ноември 2021 година како тогашен премиер на Холандија.
Во 2023 година во официјална посета на Северна Македонија престојуваше тогашниот прв човек на НАТО, Јенс Столтенберг.